Свет
Владата финансирала книга во која Македонците се Бугари и Грци!
Владата на Република Македонија финансирала книга во која за Македонците од источниот дел на земјава се тврди дека се Бугари, а оние од западниот дел дека се Албанци.
СО ДРЖАВНИ ПАРИ ПРОТИВ ИДЕНТИТЕТОТ
Иван Блажевски
Владата на Република Македонија финансирала книга во која за Македонците од источниот дел на земјава се тврди дека се Бугари, а оние од западниот дел дека се Албанци.
Освен тоа, во книгата Македонците се именуваат како „славомакедонци“, државава како БЈРМ, а бегалците од Егејска Македонија, како „грчки колонизатори“.
Станува збор за книгата „Населението и албанските населби во Македонија“, издадена пред извесно време во Куманово, во која Фаузи Скендери, професор од Тетовскиот универзитет, тврди и дека речиси сите православни Македонци во западна Македонија се всушност православни Албанци.
Оние, пак, од источниот дел на земјава се плашеле да кажат дека се Бугари оти власта во Скопје била просрпска.
„Етничката структура во албанските предели е променета откако се доселија грчки колонисти со наводно македонско потекло од северна Грција. Овие колонизатори постојано низ годините предизвикуваа конфликти со автохтоното албанско население“, пишува во книгата.
Понатаму се додава: „Во западна Македонија денеска живеат околу 300.000 православни Албанци во регионите на Гостивар, Дебар и Кичево, кои за време на Втората светска војна беа под пресија на МПЦ и СПЦ и се асимилираа“.
Во делот каде што се пишува за деталната структура на населението се наведува дека не постојат Македонци со муслиманска вероисповед, туку станува збор за Албанци, а во голем број табели покрај графата „Турци“ во заграда се наведува „Албанци“. Во поглавјето за источна Македонија (државава е наведувана и како БЈРМ) авторот тврди: „Жителите источно од Вардар се со бугарска свест, но од страв поради просрпската власт во Скопје не се изјаснуваат јавно за тоа“.
Во врска со Македонците, во книгата што ја финансирало Министерството за култура на Република Македонија, а ја носи шифрата ЦОБИСС.МК ИД 64247562 и е архивирана во Народната и универзитетска библиотека во Скопје, понатаму се редат изрази како: „славомакедонските псевдодемографи“, „славомакедонците“, „Словените во земјава“, „Словените ги окупираа албанските простори“ итн.
Пред неколку месеци и од Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје беше издадена книга за речниците на Ѓорѓија Пулевски. Таму авторот напиша дека населението во Галичник и во другите мијачки малорекански села има „неопределен идентитет“. Тоа наиде на силни реакции кај жителите од овој крај. Во нашиот весник тие објавија писма и ги обвинија албанските научници дека сакаат Македонците од Мијачијата и Горна Река да ги албанизираат.
Аслан Селмани: Тоа не е високонаучна книга
Министерството за култура не видело проблем
„Време“ ги праша раководителите на Министерството за култура врз основа на кој критериум ја финансирале книгата?
– Таа е регуларно објавена во согласност со одлуките на Комисијата за издаваштво во нашето министерство. Информациите за содржината на книгите ни доаѓаат од апликациите на Комисијата и содржината на оваа била позната – ни изјави портпаролот Тодорче Тасевски.
Демографот Аслан Селмани, еден од рецензентите на книгата, вели дека делото не е од висок научен степен, а на прашањето како го оценува делот каде што се обработени Македонците, тој вчера ни изјави: „Авторот цитира српска литература, албански, бугарски и македонски научници. Во книгата има податоци, но не можеме да кажеме дека станува збор за висока наука, авторот дава и коментари кон содржината“.
„Време“ вчера во Тетовскиот универзитет го бараше и авторот на книгата Фаузи Скендери, кој таму предава во одделот за географија, но до затворањето на весникот не добивме врска со него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

