Свет
Архивското суво злато исчезнува
Не сме знаеле за тоа што се случувало или што се уште се случува во најголемата национална куќа, која чува извонредно значаен документациски материјал од сите сфери на уметноста, вели Веле Смилевски, секретар на Друштвото на писателите на Македонија, за начнатиот фонд на видео и аудиоматеријали на МТВ, чија агонија деновиве го доживува својот врв.
УМЕТНИЧКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗАГРИЖЕНИ ЗА СОСТОЈБАТА ВО МТВ
Весна Дамчевска
Не сме знаеле за тоа што се случувало или што се уште се случува во најголемата национална куќа, која чува извонредно значаен документациски материјал од сите сфери на уметноста, вели Веле Смилевски, секретар на Друштвото на писателите на Македонија, за начнатиот фонд на видео и аудиоматеријали на МТВ, чија агонија деновиве го доживува својот врв.
Тој вели дека сите се загрижени за зачувувањето на тој скапоцен материјал од непроценливо значење.
– Сепак, не сме во состојба да преземеме нешто конкретно освен да ја искажеме нашата загриженост. За тоа треба да се погрижат одговорните служби и инстанци внатре во куќата, но и надвор од неа. ДПМ, во август, на редовната седница на претседателството ќе го разгледа ова прашање, по што ќе заземеме и официјален став. Во моментов можеме само да изразиме загриженост и да побараме одговорност, вели Смилевски.
Тој извесно време работел во оваа национална информативна куќа и се сеќава дека таму имало извонредни документарци – портрети на истакнати писатели, уметници, филмски работници.
– Ние тоа го викавме „суво злато“. Имаше многу специјализирани емисии во кои
хронолошки се следеше развојот на современата македонска литература преку интервјуа, рецензии, одгласи и критики. Едно вакво богатство секоја цивилизирана држава и држава што ги вреднува и ги почитува националните културни вредности би го зачувала на секаков можен начин. Катастрофа е ова што ни се случува, вели Смилевски.
Љубомир Јакимовски, поранешен директор на МТВ, зборувајќи за актуелните состојби во оваа куќа, дел од одговорноста за ваквите состојби пренесе и на професионалните здруженија на уметници.
– Здруженијата на писателите, на композиторите, на сликарите, филмските работници и продуценти никогаш не ќе можат да се ослободат од одговорноста што не го кренаа гласот против разграбувањето на фонотечниот и телевизискиот документациски материјал, против укинувањето на речиси сите оркестри, исчезнувањето на уметничките, образовните и документарните програми, кои се израз на културниот и националниот идентитет на македонскиот народ – рече Јакимовски.
Претседателот на Сојузот на композитори на Македонија, Стојан Стојков, вели дека
разграбувањето и уништувањето на документацискиот материјал во МТВ е процес што трае од поодамна.
– Уште пред три години почнавме да реагираме, кога се сменија директорите, кога почнаа да се отпуштаат ансамблите и да го снемува материјалот. Реагиравме со писма, со директно обраќање, по телефон, но раководството на МТВ се оглуши на нашите реакции. Од продукцијата на МТВ, порано МРТ, зависи и продукцијата на македонските композитори и афирмацијата на македонското музичко творештвото – вели Стојков.
Пример за тоа дека во МТВ ништо не функционира како што треба, според Стојков, е и договорот за користење на музичките материјали на МРТВ за некомерцијални потреби на СОКОМ, кој не е потпишан цели две години.
– Што се случува последниве денови и недели немаме информации. Наш единствен претставник во оваа куќа порано беше Ристо Аврамовски, но откако тој си замина оттаму, немаме никаков увид. Особено што сега е мртов период и посебно што тоа е институција што колку што е отворена, толку е и затворена. Сум разговарал неколкупати и со директорката Гордана Стошиќ по телефон и сум ја искажал нашата загриженост околу исчезнувањето на огромниот фонд на македонско музичко творештво (тука се наоѓаат сите материјали што се снимаа во студијата), ама кој ме слуша мене – вели Стојков.
Според него, одговорноста за уништување на се што значи материјализација на македонското музичко творештво треба да ја понесе дирекцијата на оваа куќа.
Здружението на филмските работници, колку што знае новиот претседател Роберт Насков, досега не апелирало за зачувување на целокупниот документациски материјал во МТВ од едноставна причина што немало информации дека нешто такво се случува.
– Во секој случај Здружението на може да влијае на процесите во оваа куќа бидејќи тоа е посебен медиум, кој си има свое раководство поставено од Собранието на државата. Сепак, ценам дека неодговорноста на поединци во МТВ може да доведе до губење на значајни историски моменти не само за филмската уметност туку и за другите уметности и за културата, воопшто – вели Насков.
Негувањето на културното наследство е меѓу главните функции на радиодифузниот сектор.
– Модерниот јавен радиодифузен сервис во Европа, но и во некои воневропски земји (Канада, Австралија) ја изразува и повеќеслојноста на мултикултурното општество што е и наша специфика – потсетува некогашниот директор на оваа куќа Јакимовски.
Подеми и падови
Посебно импресивен беше концертот што во рамки на т.н. музичка година на Европското радио го организира Македонското радио во МНТ каде што „Леб и сол“, кои тогаш беа на врвот на својата популарност, ги возбудија слушателите на преку 35 европски државни радиостаници, членки на европската радиодифузна мрежа, се сеќава Јакимовски.
-Првите реакции за настапот на „Леб и сол“ беа дали е тоа снимка или е концерт во живо. Концертот одеше во живо и тоа е нешто со што Македонското радио ќе може секогаш да се гордее. Долго време немавме касетна и музичка продукција. Со првото Валандово, продадено во 120 илјади примероци беше исплатена инвестицијата во опремата. Неразбирливо е МНТ денеска да не може да продуцира ниедно цеде. Независните продуценти ја поддржуваат, но ние веќе и немаме помлада генерација пејачи на народна или новосоздадена музика. А, негувањето на културното наследство, особено на фолклорното, се една од основните функции на радиодифузниот сектор – вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.
Свет
Светот влегува во нова ера, рече Рубио во пресрет на неговото патување во Европа
Американскиот државен секретар, Марко Рубио изјави дека светот влегол во „нова ера“, во пресрет на неговото патување во Европа, каде ќе одржи клучен говор на Минхенската безбедносна конференција. Тој ќе ја предводи американската делегација на првиот голем глобален собир по заканата на претседателот Доналд Трамп за анексија на Гренланд, што беше протолкувано како закана за данскиот суверенитет, објави Би-Би-Си.
Додека светските лидери се собираат во Минхен, францускиот претседател Емануел Макрон повтори дека Европа мора да се подготви за независност од САД, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте истакна дека трансатлантските врски се цврсти и значајни како и секогаш. Темите на конференцијата што штотуку започна вклучуваат: војната во Украина, тензиите со Кина и потенцијален нуклеарен договор меѓу Иран и САД.
„Светот се менува пред наши очи, и тоа многу брзо“, рече Рубио одговарајќи на прашањето дали неговата порака кон Европејците ќе биде помирлива од лани. „Живееме во нова ера на геополитика, што од сите нас ќе бара да преиспитаме како изгледа тоа и каква ќе биде нашата улога.“
Минатата година, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс остро ја нападна Европа – вклучително и Велика Британија – поради политиките за слобода на говор и имиграција, што предизвика година на незапаметени трансатлантски тензии.
Околу 50 светски лидери се очекува да присуствуваат на конференцијата, каде ќе се разговара за европската одбрана и иднината на трансатлантските односи, во време кога американската посветеност кон НАТО е доведена во прашање.
Тензиите растат, особено откако Трамп повеќепати изјави дека Гренланд е клучен за националната безбедност на САД, тврдејќи дека е „преплавен со руски и кинески бродови“. Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека планира да се сретне со Рубио за да разговараат за американските закани за преземање на данска територија.
Многу европски лидери сметаат дека овие закани се пресвртна точка што го нарушила довербата во најголемиот сојузник.
Во пресрет на конференцијата, осум поранешни американски амбасадори во НАТО и осум поранешни американски генерали во Европа објавија отворено писмо, со кое го повикуваат Вашингтон да ја задржи својата поддршка за западниот одбранбен сојуз.
„НАТО не е добротворна организација“, се вели во писмото, туку „мултипликатор на моќта“ кој ѝ овозможил на Америка да го проектира својот влијание и моќ, на начин кој самостојно би бил невозможен или прескап.
Трансатлантските односи се под зголемен притисок и поради новите царини воведени од републиканскиот претседател и навестувањата во американската стратегија за национална безбедност дека европските земји можеби повеќе нема да бидат доверливи сојузници.
Холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вел за Би-Би-Си изјави дека ја препознава промената на светот и се надева дека трансатлантската врска ќе остане цврста. Тој додаде дека Холандија поднесува голема жртва за зголемување на трошоците за одбрана, но дека ќе треба време пред Европа да може целосно да ја преземе улогата од Американците.
Холандија беше меѓу НАТО-сојузниците кои минатата година, по повеќемесечен притисок од Трамп, се согласија да го зголемат буџетот за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.
Очекувањата се дека Рубио ќе избегне остар тон како минатата година, но, на прашањето дали ќе биде попомирлив, тој одговори:
„Европејците сакаат да знаат каде одиме, каде сакаме да одиме, и дали сакаме да одиме заедно со нив.“
Неколку часа пред да ја отвори конференцијата германскиот канцелар Фридрих Мерц, министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул за германската јавна телевизија изјави дека целта е заеднички да се дефинира што го држи НАТО заедно и да се покаже дека и САД има потреба од Европа.
Макрон исто така ќе се обрати на конференцијата во петок, откако минатиот месец во Давос порача дека сега „не е време за нов империјализам или нов колонијализам“.
Британскиот лидер Сер Кир Стармер исто така патува во Минхен по бурна недела во внатрешната политика, каде ќе се сретне со Мерц и Макрон, а потоа ќе им се обрати на учесниците на конференцијата.
По пристигнувањето во Минхен, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека конференцијата ќе донесе „нови чекори за заедничка безбедност – за Украина и за цела Европа“.
Руските медиуми денес го цитираа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој изјавил дека наредната рунда преговори меѓу Русија, Украина и САД, фокусирана на завршување на војната, ќе се одржи во Женева на 17 и 18 февруари. Киев и Вашингтон сè уште не ги коментирале тие наводи.
Трите земји неодамна одржаа разговори и во Абу Даби, но без видлив напредок, иако по преговорите следуваше ретка размена на воени заробеници меѓу Украина и Русија, со посредство на САД.

