Свет
Агрон Бајрами испумпал 800.000 евра од Министерството за економија

Владата на Бучковски пред заминување е во паника, откако Агрон Бајрами, поранешен сопственик на струшката пилана „Караорман“, минатата недела испумпал 800.000 евра од државниот буџет, дознава „Време“.
УШТЕ ЕДНО СОМНИТЕЛНО ПРАЗНЕЊЕ НА ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ
Мирче Котевски
Владата на Бучковски пред заминување е во паника, откако Агрон Бајрами, поранешен сопственик на струшката пилана „Караорман“, минатата недела испумпал 800.000 евра од државниот буџет, дознава „Време“. Неговиот судски извршител пратил налог за извршување со кој парите преку три трансакции биле извлечени од сметката на Министерството за економија, а на државно конто е создадена огромна и непланирана финансиска дупка.
Парите од Министерството за економија пред неколку дена биле префрлени на сметката на судскиот извршител Алберто Ребула, а веќе наредниот ден тој ги проследил кај својот клиент. Сите во Владата и во Министерството за економија потврдија дека 800 илјади евра веќе се во рацете на физичко лице, а министерот за економија Бесими за случајот вчера итно ја информирал Владата во заминување.
Приказната почнала пред 11 години кога Бајрами од Агенцијата за приватизација ја купил фирмата во стечај „Караорман“. По затворањето на стечајната постапка, во 1996 година Бајрами почнал да работи со струшката пилана, но речиси шест години подоцна општината Струга му ги замрсила сметките откако судски докажала дека таа е сопственик на имотот на пиланата, а не е државата преку Агенцијата за приватизација. Откако во 2001 година, Бајрами сфатил дека ќе има имотно-правни проблеми со општината и тешкотии во управувањето на фирмата, решил да ја тужи Агенцијата за приватизација дека таа му продала фирма со спорна сопственост и побарал државата да му ги врати парите. Иако проценетиот капитал на „Караорман“ изнесувал околу 3 милиони тогашни германски марки, тој, за да стане сопственик, платил само 1,5 милион марки. Сепак, во 2002 година Основниот суд во Скопје ја отфрла тужбата на Бајрами со образложение дека е застарено побарувањето. Сепак, Апелацискиот суд во ноември лани донел одлука Агенцијата за приватизација да му врати на Бајрами точно 786.355,66 евра врз основа на раскинувањето на договорот за продажба на „Караорман“. По законското згаснување на Агенцијата за приватизација од пред две години нејзиниот имот, надлежностите, правата и обврските беа распределени кај Министерството за економија, Министерството за финансии, ПИОМ и кај Јавното претпријатие за станбен и деловен простор. Така, токму ресорот на Бесими бил тој што морал да ја исплати огромната сума на Бајрами.
За извршителот Ребула не е спорно дека државата морала да ги исплати парите, туку проблемот што настанал во државните институции бил кое министерство да го направи тоа. Доколку не се постапело по налогот, сметката на Министерството за економија веднаш ќе била блокирана.
Во Министерството за економија се правдаат дека немале никаков правен лек или инструмент за да го спречат одлевањето на парите. Со налозите за извршување и со новиот Закон за судско извршување, кој стапи во сила во мај годинава, велат високи владини функционери, допрва може државата да има огромни проблеми бидејќи случаи што се влечеле една деценија сега може да го испразнат буџетот. Владата констатирала дека во септември државната каса ќе мора да претрпи ребаланс, а Министерството за правда да врши надзор на судскиот извршител во случајот. Јавното правобранителство побарало Врховниот суд итно да изврши ревизија на целата судска постапка.
Барјамисезадолжувалзадагокупи „Караорман“
Во текот на процесот на приватизација Бајрами за да ја откупи фабриката зел поголема сума заем кај повеќе физички лица. Најголемиот изнесувал 300.000 долари. По приватизацијата Бајрами не можел да ги врати долговите, по што почнал да ги распродава машините. Пропаѓањето на АД „Караорман“ продолжи во 2000 година кога Основниот суд од Струга донел пресуда во корист на општината Струга, со која и се признава правото на сопственост на недвижниот имот на фирмата. Во 2002 година повторно е отворена стечајна постапка, по што биле утврдени побарувањата на тогашните доверители. Сепак, стечајната постапка била запрена поради немање средства за намирување на побарувањата на доверителите. Фирмата АД „Караорман“ од Струга е избришана од судскиот регистар.
Таму беа вработени околу 200 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Рајанер“ го зголемува дозволениот бесплатен рачен багаж

„Рајанер“ ќе ја зголеми максималната големина на багажот што може да се носи во авион бесплатно и да се складира под седиштето за 20 проценти, откако Европската Унија презентираше предлог за нови закони што би дозволиле поголеми димензии.
Нискобуџетната авиокомпанија моментално им дозволува на патниците да земат бесплатен рачен багаж што се вклопува под седиштето, како што е чанта или мал ранец. Максималната големина сега се зголемува од 40x25x20 см на 40x30x20 см.
Иако станува збор за зголемување само од 5 сантиметри во ширина, ова значи дека волуменот на торбата се зголемува од 20 на 24 литри.
И покрај зголемувањето, „Рајанер“ сè уште заостанува зад својот главен конкурент „ИзиЏет“, кој дозволува багаж со димензии 45x36x20 см (32 литри), додека „ВизЕр“ веќе дозволува багаж со димензии 40x30x20 см.
„Рајанер“ изјави дека новите правила ќе бидат имплементирани во наредните недели.
Минатата недела, европратениците предложија патниците да имаат право на багаж со димензии од најмалку 40x30x15 см, како и дополнителен багаж со димензии до 100 см и тежина до 7 кг, без дополнителни трошоци со нивниот авионски билет.
Свет
САД воведоа нови санкции врз Иран и Хезболах

Соединетите Американски Држави воведоа нови санкции врз Иран и неговиот либански сојузник Хезболах, насочени кон високи функционери и мрежи кои помагаат да се избегнат санкциите на САД поврзани со продажбата и транспортот на иранска нафта.
Министерството за финансии соопшти дека неговата Канцеларија за контрола на странски средства „презема мерки против мрежите кои колективно транспортирале и купувале иранска нафта вредна повеќе милијарди долари, од кои дел им користеле на силите Кудс на Иранскиот корпус на револуционерната гарда (IRGC-QF), кој е прогласен за странска терористичка организација“.
Санкциите се насочени и кон бродовите вклучени во транспортот на нафта.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави: „Министерството ќе продолжи да воведува мерки против изворите на приходи на Техеран и да го зголемува економскиот притисок за да го наруши (неговиот) пристап до финансиските ресурси што им овозможуваат на неговите дестабилизирачки активности“.
Санкции беа воведени и против неколку високи функционери и еден субјект поврзан со Хезболах поради помагање во избегнувањето на санкциите.
Овој потег ја нагласува посветеноста на попречување на напорите на Хезболах да ги избегне санкциите, според одделот.
Целта на санкциите беше и да се поддржат напорите на новата либанска влада да го ограничи влијанието на терористичката група, особено затоа што актери како финансиските институции на Хезболах продолжуваат да ја поткопуваат веќе кревката економија на Либан, соопшти одделот.
Свет
Путин разговараше со Трамп: „Нема да се откажам од своите цели во Украина“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател, Владимир Путин, разговараа по телефон речиси еден час за војната во Украина, при што двајцата изразија подготвеност да бараат решение преку преговори, објави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
За време на разговорот, Трамп повторно го отворил прашањето за брзо завршување на војната во Украина, но Путин јасно ставил до знаење дека Русија нема да отстапи од своите цели, вклучително и, како што рекол, отстранување на причините што довеле до конфликтот.
„Нашиот претседател нагласи дека Русија ќе ги постигне целите што си ги поставила, а тоа е да ги елиминира познатите причини што доведоа до сегашната конфронтација“, рече Ушаков.
Путин му ги презентирал на Трамп и деталите за неодамнешниот договор со Украина за размена на затвореници и загинати војници и ја изразил подготвеноста на Москва да продолжи со преговорите со Киев.
Ушаков нагласи дека рускиот став е дека мировните преговори за Украина мора да се водат исклучиво меѓу Москва и Киев, без трети страни.