Свет
Само 1000 долари од такса
Општините и државата губат огромни пари оти сместувањето на туристите во приватните куќи и апартмани во Македонија не се пријавува
ДИВ ТУРИЗАМ
Општините и државата губат огромни пари оти сместувањето на туристите во приватните куќи и апартмани во Македонија не се пријавува
Сместувањето на туристите во приватните куќи и апартмани во Македонија не се пријавува, поради што општините и државата губат огромни пари. За цела година лани во Охрид биле собрани само 50.000 денари такса од приватното сместување. Слична сума се очекува и годинава оти од околу 30.000 легла во приватни куќи колку што според груба проценка има во ова туристичко место само 1.000 се регистрирани во Општина Охрид.
Хотелиерите и туристичките работници велат дека Охрид, најверојатно е и единствениот град во државава кој собира каква таква туристичка такса од приватните сместувачки капацитети. И во Струга, Дојран, Крушево, Маврово, Берово, Попова Шапка, според нив се издаваат соби на туристи, но за нивниот гости сопствениците на сместувачките објекти не плаќаат такса, а и не се пријавуваат во општините дека се занимаваат со туристичка дејност.
Државниот завод за статистика завчера објави податоци дека годинава во Македонија има 2000 туристи повеќе од лани, но за разлика од минатата година помалку останале на спиење. Сега се пријавени 109 ноќевања што е за 1.500 помалку од истиот период лани.
Дончо Таневски, на асоцијацијата на хотелиери на Македонија (ХОТАМ) вели дека наплатата на туристичката такса и годинава е катастрофална.
"Нема евиденција, нема контрола, нема начин да се принудат газдите да работат легално. И да им дојде инспекција може да им напише прекршочна пријава со која ќе се влечкаат по судови. Инспекцијата нема право, како во Хрватска да ги казни парично на самото место или уште пострашно да им го пломбира објектот", ни рече вчера Таневски од ХОТАМ.
Според него во Македонија поради лошиот закон за туризам своите гости ги пријавуваат и за нив плаќаат такса само хотелите и камповите. Но приходот, што се собира од нив вели Таневски е многу мал, бидејќи има само околу 7.000 хотелски легла, што е за 6 до 7 пати помалку од приватните сместувачки капацитети за кои нема евиденција.
"Ние на почетокот на годинава од Министерството за економија побаравме да се донесе нов закон за туризам, да се формира туристичка инспекција која ќе има поголеми овластувања, и да се принудат газдите на приватните сместувачки капацитетите да се регистрираат во општините. До сега ништо од ова не е сторено", вели Таневски.
Секторот за туризам во Министерството за економија нема податоци колку пари годишно се губат од непријавувањето на туристите. Лилјана Илиевска раководител на одделението за тековно следење на состојбите во туризмот вели дека сите што се пријавени дека издаваат соби треба да плаќаат туристичка такса за своите гости.
"Не можам да кажам колку и дали се плаќа бидејќи контролите ги прави пазаришната инспекција" ни изјави вчера Илиевска.
Државниот пазаришен инспекторат Никола Колевски вчера не можеше да каже колку сместувачки објекти биле казнети поради непријавување на гостите. Колевски ни рече дека низ Македонија има 34 канцеларии и од сите да ги собере податоците ќе му требаат неколку дена.
"Можам да кажам само дека се прават редовни тековни контроли на туристичките сместувачки објекти", кратко ни изјави Колевски.
Од 40 денари дневна туристичка такса 70 отсто се уплаќаат на буџетот на Општината во која се наоѓа објектот, а останатите 30 отсто одат во буџетот на државата и со нив се плаќа промоцијата на Македонија како туристичка дестинација.
И.Смиљанска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ по говорот на Трамп: Излагањето на Фон дер Лајен беше позначајно во стратешка смисла
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека неговиот прв впечаток по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум е дека се движи во насока на понатамошно спротивставување и конфликт на Западот помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа.
Во изјава за новинарите, по говорот на Трамп, кој го следеше од првиот ред во салата на Конгресниот центар во Давос, Вучиќ рече дека редот за да се влезе во таа сала и да се слушне американскиот претседател бил долг 500 метри.
Наведувајќи дека му треба време да го анализира тој говор и да го коментира, Вучиќ рече дека Трамп е интелигентен и шармантен, но дека вчерашниот говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил многу повеќе стратешки ориентиран.
„И јас зборував вчера – бев изненаден од квалитетот на говорот на Урсула фон дер Лајен. Не зборувам за последиците, не зборувам за тоа кој е посилен, кој не, но бев изненаден од квалитетот и начинот и содржината на говорот на Урсула фон дер Лајен. Што се однесува до содржината, таа вчера создаде нова идеолошка платформа, нова политичка платформа. За мене, ова е сигурно најважниот говор што сум го слушнал“, рече Вучиќ.
Додавајќи дека ги слушнал речиси сите нејзини говори и прочитал 90 проценти од говорите на важни луѓе на сите времиња, Вучиќ нагласи дека вчерашниот говор на Фон дер Лајен бил еден од најдобро составените говори.
„Не би го рекол тоа така за г-дин Трамп. Би рекол дека е многу интелигентен, исклучително шармантен, дека добро разбира дека проблемот со долгот се решава со стапката на раст, ја разбира економијата, но говорот на Фон дер Лајен беше многу постратешки ориентиран од неговиот. Не би зборувал понатаму за говорот на претседателот Трамп“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Фон дер Лајен вчера изјавила дека заблудите се завршени и дека чекале една година да се промени ставот на Америка, дека сега мора да се разбере дека ова е трајна ситуација, и дека мора да се формира независна Европа, односно дека била принудена да го стори тоа, иако цело време се потпирала на Америка.
„Во таа смисла, Трамп ѝ помага на Европа, а не ја перцепира на тој начин. Не сум сигурен дали Европа ќе има сила за тоа или не. И ако некој ме праша, би рекол 50 спрема 50. Можеби дури и повеќе „не“ отколку „да“. Но, идеите што беа изнесени, постулатите што ги поставија оние што учествуваа во пишувањето на тој говор и конечно самата фон дер Лајен, се високи цели, не лесно остварливи, но би рекол нешто што ќе ја претставува историјата на иднината и она што таа ќе го зборува“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го говорот на Доналд Трамп, Вучиќ додаде дека знае дека, за жал, голем дел од српските граѓани сосема погрешно и ирационално ќе се радуваат на неговите зборови во врска со Гренланд и некои други теми.
„Не сакам да коментирам за тоа во овој момент. Сакам да останам господар на неискажаните зборови како претседател на земјата“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Свет
Белгискиот премиер: Трамп е гладна гасеница
Белгискиот премиер Барт де Вевер го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, споредувајќи го со „гладна гасеница“, во контекст на неговите изјави и закани во врска со Гренланд.
Како што пренесува „Метро“, де Вевер рече дека времето за дипломатско убедување на Вашингтон е истечено и дека таков пристап станал контрапродуктивен.
„Доста е. Европа мора да се соочи со Доналд Трамп, „гладната гасеница“, рече белгискиот премиер.
Тој ги повика европските земји сериозно да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети, за да можат да одговорат на можноста за американска воена интервенција во Гренланд.
Според него, дојде време реториката и апелите да се заменат со конкретни мерки насочени кон заштита на европските интереси.
Изјавите на белгискиот премиер следеа по низа провокативни пораки од Вашингтон.
Трамп претходно го нарече Гренланд „парче мраз“ и јавно побара НАТО да им го отстапи на Соединетите Американски Држави.
Во овој контекст, тој потсети дека во рамките на Алијансата, како што изјави, го нарекуваат „тато“, додавајќи дека САД би биле „благодарни“ доколку Гренланд биде предаден, но дека ќе „го паметат при евентуално отфрлање“.
Во исто време, американскиот претседател рече дека Вашингтон е секогаш подготвен да го брани НАТО, но изрази сомнежи за способноста на Алијансата да ги поддржи САД во иста мера, што во европските престолнини беше протолкувано како дополнително заострување на односите со сојузниците.
Фото: ЕПА
Свет
Земјотрес ја погоди Турција
Турција денес беше погодена од земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што е наведено, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 12 километри и на растојание од 68 километри од градот Баликешир.
Досега нема извештаи за повредени или материјална штета, пренесува Танјуг.

