Свет
Топлификација не смее да исклучува згради
Во „Топлификација“ велат дека поради милионските долгови не можат да го платат ниту ланскиот мазут, а за годинашната набавка допрва ќе разговараат со рафинеријата ОКТА
ИНСТИТУЦИИТЕ И СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ ВО ОДБРАНА НА ГРАЃАНИТЕ
Во „Топлификација“ велат дека поради милионските долгови не можат да го платат ниту ланскиот мазут, а за годинашната набавка допрва ќе разговараат со рафинеријата ОКТА
Редовните плаќачи на сметките за топлинска енергија што живеат во станбени објекти каде што 50 отсто од нивните соседи се неплаќачи никако не може да бидат исклучени од системот, бидејќи склучиле индивидуални, а не колективни договори со АД „Топлификација“, тврдат во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Мирјана Најчевска, претседателка на Комитетот, вели дека ако се остварат најавувањата на „Топлификација“, секој оштетен граѓанин може да покрене обична граѓанска парница со која на претпријатието ќе му наплати огромна парична отштета.
– Едностраниот прекин на договорот повлекува последици. Така, сите граѓани што ќе бидат оштетени од одлуката на „Топлификација“ слободно можат да тужат и да добијат обесштетување. Но, ако корисниците се повикаат на хуманиот аспект дека во зима претпријатието не може да исклучува парно, ќе го изгубат спорот оти имаат избор да се греат и на друг начин – објаснува Најчевска.
Од „Топлификација“ најавуваат дека ќе продолжат со акцијата за информирање на граѓаните и дека ќе ги исклучуваат зградите во кои има голем број неплаќачи.
Драган Макенаџиев, раководител на финансиската служба во „Топлификација“, вели дека ако е потребно, присилно и со полиција ќе им го исклучуваат парното греење на сите што не ги плаќаат сметките.
– Претпријатието има 50.000 корисници, а 90 до 95 отсто се редовни плаќачи. Но, ако се земе предвид најлошиот случај од 10 отсто неплатени сметки, имаме загуба од милион и пол евра годишно. Поради таквите загуби ние не можеме да го платиме мазутот, кој е примарно гориво за загревање на системот. Таму каде што има 50 отсто неплаќачи, објектот ќе го исклучиме од системот. А, граѓаните што редовно плаќаат ќе ги обесштетиме преку сметката за струја. На пример, ако еден потрошувач за греење требало да плати 1.700 денари, а му дошла сметка за струја 2.000 ние ќе ја платиме разликата од 300 денари – објаснува Макенаџиев.
Долгот на граѓаните е поголем од 7 милиони евра, колку што изнесува и долгот на претпријатието кон ОКТА. Во „Топлификација“ се расположени да овозможат плаќање на долговите на рати.
Според Регулаторната комисија, „Топлификација“ нема право на вакви рестриктивни мерки бидејќи не се во согласност со Законот за енергетика. Од Организацијата на потрошувачи велат дека „Топлификација“ мора судски да си ги наплати долговите.
– Неоспорно е дека секој што должи треба и да плати за услугата. Но, начинот на кој ова претпријатие сака да го наплати долгот не е добар, ниту има законска основа. Граѓаните што редовно плаќаат сметки за парно, едноставно не може да бидат исклучени од системот поради соседите што не плаќаат – вели Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.
Од АД „Топлификација“ објаснуваат дека поради милионските ненаплатени долгови (само Министерството за образование должи 200 милиони денари)
Од претпријатието велат дека долгот мора да се наплати иако се свесни дека методот што го избрале не е најсреќното решение. Нивен следен чекор е објавувањето списоци на јавен срам со неплаќачи.
Официјално, грејната сезона почнува на 15 октомври, но во „Топлификација“ велат дека се подготвени да почнат и порано, во зависност од временските услови.
Марија Тасев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Идентификувана жртва во масакрот во Канада, 12-годишната Кајли: „Срцето ни е целосно скршено“
12-годишно девојче е идентификувано како една од шесте млади жртви убиени во масакрот во средно училиште во канадската покраина Британска Колумбија.
Кајли Меј Смит беше меѓу убиените кога трансродовата поранешна ученичка Џеси Ван Рутселар, 18, пукаше во средното училиште во Тамблер Риџ, според страницата GoFundMe поставена за нејзиното семејство.
„Вчера нашето семејство ја прими катастрофалната вест дека нашата прекрасна Кајли Меј е потврдена како една од жртвите на пукањето во училиштето во Тамблер Риџ“, напиша нејзината тетка, Шенон Дајк, во соопштение објавено на страницата за собирање средства.
„Имаше само 12 години. Ние сме целосно скршени и без зборови додека се обидуваме да ја разбереме големината на оваа ситуација“, напиша Дајк.

Вкупно девет мртви, напаѓачот ги убил и мајка си и полубратот
Вкупно девет лица беа убиени во пукотницата, вклучувајќи го и убиецот Ван Рутселар, кој почина откако се застрела себеси, соопшти канадската полиција.
Вооружениот напаѓач, кој се идентификувал како трансродова жена и пред околу шест години почнал транзиција од машко во женско, прво ја убил својата мајка, 39-годишната Џенифер Странг и неговиот 11-годишен полубрат во нивниот дом.
Потоа Рутселар го продолжил своето крваво дивеење во училиштето, каде што убил еден наставник и пет ученици, вклучувајќи три 12-годишни девојчиња и две момчиња, на возраст од 12 и 13 години.
Една жртва била пронајдена во скалиште, а другите очигледно биле пронајдени мртви во училишната библиотека, изјави заменик-комесарот на Кралската морнарица, Двејн Мекдоналд, на прес-конференција во среда.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

