Свет
Нов јавен обвинител за две недели
Најзвучните имиња од правосудството, кандидати за јавни обвинители, вчера на последниот ден од конкурсот, по препорачана пошта ги испраќале своите кандидатури до Собранието.
КОЈ ЌЕ СЕДНЕ ВО ФОТЕЛЈАТА НА ПРЧЕВСКИ?
Мери Јордановска
Најзвучните имиња од правосудството, кандидати за јавни обвинители, вчера на последниот ден од конкурсот, по препорачана пошта ги испраќале своите кандидатури до Собранието. Најдоцна до утре ќе се знае кои се кандидатите кои влегуваат во битка за фотелјата во Државното јавно обвинителство. Од Владата информираат дека за петнаесетина дена Македонија ќе добие нов јавен обвинител што ќе го замени Александар Прчевски.
Најзвучните имиња на кандидатите што вчера по препорачана пошта или директно во архивата ги испраќале своите кандидатури, засега се држат во најстрога тајност, а доброупатени извори за „Време“ тврдат дека имињата ќе бидат големо изненадување за јавноста. Од сите лица за кои досега се шпекулираше дека ќе се кандидираат за фотелјата во јавното обвинителство, на конкурсот не се јавил ниту еден од нив. Адвокатот Александар Тортевски вели дека не сакал да конкурира, а да не биде избран. На конкурсот не се јавил Тодор Витларов, вишиот обвинител од Штип, со чие име се шпекулираше во јавноста, ниту пак в.д. претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Слаѓана Тасева.
Засега, познато е дека кандидати за јавен обвинител се адвокатот Ванчо Митев, актуелниот заменик-јавен обвинител Коста Петровски и Борис Димзов, правник од Охрид. Претседателот на комисијата за избори и именувања Трајко Велјановски вчера не беше достапен да каже уште колку нови кандидатури пристигнале до Собранието.
За правниците се симптоматични трите имиња кои досега се јавиле на конкурсот, со оглед на тоа што не и се многу познати на јавноста. Освен тоа, изненадувачки е мал интересот на правниците да конкурираат за позицијата јавен обвинител. Од овие причини, во оптег се две варијанти, тврдат нашите извори.
– Едната варијанта е на конкурсот во последен момент да истрчаат звучни имиња, па Владата да предложи едно од нив. Другата опција што не се исклучува е да не се избере ниту еден од пријавените кандидати, по што конкурсот ќе се повтори уште еднаш – тврдат експертите.
Сепак, од Владата се оптимисти дека собраниската комисија во текот на наредната недела ќе ги испрати кандидатурите до Владата, која ќе предложи до парламентот еден од кандидатите. Претставници од Владата се надеваат дека најдоцна до 20 јануари Собранието ќе го избере новиот јавен обвинител.
Зошто толку мал интерес на конкурсот за избор на една од најважните државни функции? Експертите се едногласни дека јавниот обвинител во наредниве години ќе биде една од клучните фигури во државава, па токму затоа кај правниците постои страв.
– Владата беше подготвена да дава по 200.000 евра годишно за странец во фотелјата на јавен обвинител, а сега, кога обвинител треба да стане македонски државјанин ќе дава само по 40.000 денари месечно. Тоа и не е некој мотив за работа. Освен тоа, оној што ќе седне во обвинителската фотелја треба да има јака „кичма“ оти „Бачило“ беше само почеток. Ќе има уште илјадници предмети, меѓу кои и хашките случаи. Финалето е во обвинителството и таму треба да застане подготвен човек. Очигледно, во Македонија нема многу такви – тврдат експертите.
Како пример за ова тие ја наведуваат Хрватска, во времето кога политичката ситуација била слична на оваа во Македонија.
– Тогашниот хрватски јавен обвинител, поради притисоците и во спалната соба имаше обезбедување – велат нашите извори.
Со оглед на тоа што конкурсот официјално се затвори вчера, ќе се остави простор до петок да стигнат сите кандидатури за местото јавен обвинител испратени по препорачана пошта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија се обиде да го блокира WhatsApp: промовира апликација во државна сопственост
Американската технолошка компанија Мета соопшти дека руските власти се обиделе да ја блокираат нејзината апликација за пораки WhatsApp во обид да ги принудат корисниците да се префрлат на конкурентска услуга контролирана од владата.
„Руската влада се обиде целосно да го блокира WhatsApp со цел да ги насочи граѓаните кон апликација контролирана од државата“, рече Мета.
„Правиме сè што можеме за да ги одржиме нашите корисници поврзани“, се додава во соопштението.
Фајненшл тајмс претходно објави дека руските власти го отстраниле WhatsApp, кој има околу 100 милиони корисници во Русија, од онлајн регистарот на апликации што ги води Роскомнадзор, државниот регулатор за комуникации.
Овој потег се смета за дел од пошироката стратегија за ограничување на пристапот до платформи што не се директно контролирани од руските безбедносни служби. Рускиот регулатор веќе воведе ограничувања за Telegram претходно оваа недела, објави Франс Прес.
Руските власти вршат притисок за префрлување на MAX, за кој критичарите велат дека овозможува надзор на корисниците, објави Ројтерс.
Европа
Киев повторно цел на голем руски ракетен напад
Украинскиот главен град Киев повторно беше погоден од голем руски ракетен напад рано утрово, при што беа погодени неколку згради, соопштија локалните власти. „Масовниот напад врз главниот град е сè уште во тек“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на платформата Телеграм.
Тој рече дека се погодени згради од двете страни на реката Днепар. Нема непосредни извештаи за жртви, но на местото на настанот се испратени екипи за итна медицинска помош. Тимур Ткаченко, шефот на воената администрација во Киев, потврди најмалку еден удар во источните предградија, додека сведоци на Ројтерс пријавија силни експлозии што одекнуваа низ целиот град.
Југоисточниот град Днепар, исто така, беше погоден, изјави регионалниот гувернер Олександр Ганжа. Неколку приватни домови и автомобили беа оштетени, но немаше непосредни извештаи за жртви. Воздушните напади останаа на сила во Киев и Днепар долго по полноќ.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

