Свет
Бившиот директор Мехмеди ја шетал сопругата во Мадрид на државна сметка
Илир Мехмеди, поранешен директор на Управата за цивилна и воздушна пловидба(УЦВП) ја носел неговата сопруга на патување во Мадрид , а приватно патувал и во Сингапур на сметка на Управата, утврдиле во Државниот завод за ревизија.
РЕВИЗИЈА ВО УПРАВАТА ЗА ЦИВИЛНА И ВОЗДУШНА ПЛОВИДБА
Илир Мехмеди, поранешен директор на Управата за цивилна и воздушна пловидба(УЦВП) ја носел неговата сопруга на патување во Мадрид , а приватно патувал и во Сингапур на сметка на Управата, утврдиле во Државниот завод за ревизија. Тој незаконски потрошил повеќе од 8.000 евра од касата на УЦВП за патувања што не биле за целите и потребите на Управата.
Исплата на сомнителни фактури, непочитување на Законот за јавни набавки, ненаменско трошење пари без соодветни одлуки од Владата, се само дел од неправилностите што ги констатирале државните ревизори во работата на УЦВП додека директорувал Мехмеди. Тој на ова место дојде од редовите на ДУИ.
Ревизорите утврдиле дека спротивно на законските прописи, а на име на средства за градежно одржување и интервенции во објекти на УЦВП на фирмата „Промонтинг“ и биле исплатени повеќе од 60.000 евра.
„Со анализа на договорените работи по основниот и анекс договорите и извршените работи од ‘Промонтинг’, се констатира дека голем дел од предвидените и договорените работи не биле извршени, а истовремено се склучуваат анекс договори за новопредвидени работи и истите се плаќаат без претходно спроведена постапка за јавни набавки“, пишува во ревизорскиот извештај.
Контролата покажала дека од касата на управата биле исплатни повеќе од 25.000 евра за набавка на мебел, клуб маси, трпезариски столови, комоди, фотелји, двоседи, избира, телевизори, двд кои воопшто не биле евидентирани по пописот во просториите на управата на крајот на 2005 година. Од увидот во планот за јавни набавки за 2005 година и документацијата од спроведените јавни набавки, ревизијата констатирала дека од планираните 52 набавки, биле реализирани 11. Од нив, 10 набавки со вкупна вредност од безмалку 400.000 евра биле реализирани надвор од планот за јавни набавки.
„Исплати на средства за набавка на опрема, материјали, резервни делови
и ситен инвентар и користење на услуги од повеќе доставувачи, во износ од 860.000 евра биле потрошени без спроведена постапка за јавна набавка или спроведена постапка спротивно на Законот за јавни набавки“, пишува во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека спротивно на законот во УЦВП повеќе пати се набавувале стоки и услуги со помала вредност, се делеле аванси, спонзорства, не се применувале законските обврски за тужби против авиокомпании должници и повеќе незаконски активности со кои сметките на управата и на државата била оштетена за милионски суми. Ревизорите во извештајот запишале дека во изминатиот период против УЦВП поднесени се тужби од одделни субјекти со барања за наплата на парични побарувања или за надомест на штета по донесени одлуки од претходното раководство. Оттаму информираа дека постапките се во тек и дека не се знае какви и колкави обврски ќе произлезат од ваквите спорови во иднина, имајќи го предвид времетраењето на спорот и каматата која би се платила. Ревизијата предлага да се преиспита целиот случај во врска со исплатата на надоместот на штета на МАТ кој уште од 2001 година на суд побарува отштета од 43 милиони долари за случајот „редовен авиопревозник“. За исплатата се чека судска одлука. Ревизорите бараат да се утврди одговорноста на сите инволвирани страни во наведениот случај заради преземање на соодветни мерки против одговорните лица.
В.Н.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

