Свет
Продажбата на фабриката за оружје во Самоков се заплеткува
Поранешните вработени во фабриката за производство на муниција „Сувенир“ вчера протестираа пред зградата на Основниот суд во Кичево, барајќи поништување на купопродажниот договор склучен меѓу поранешната влада
ВЛАДО ТАНЕВСКИ
КИЧЕВО – Поранешните вработени во фабриката за производство на муниција „Сувенир“ вчера протестираа пред зградата на Основниот суд во Кичево, барајќи поништување на купопродажниот договор склучен меѓу поранешната влада, односно Министерството за одбрана и сопственикот на „Сувенир Олимпик“ ДООЕЛ – Скопје, Василиос Пападопулос, кој се’ уште не го рестартирал овој стопански капацитет. Претставници на вработените беа примени на разговор во кичевскиот суд, но состојбата околу раскинување на договорот и рестартирањето на фабриката и натаму е статус кво.
„Според тврдењето на стечајниот судски совет во кичевскиот суд, во текстот на купопродажниот договор била направена грешка во делот на надлежностите за реализација, односно раскинување на купопродажниот договор што за нас е чиста манипулација со (не)реализирање на договорот. Затоа ќе одиме на разговори во Владата и во МВР и во други надлежни институции и доколку оцениме дека е потребно, ќе донесеме одлука за блокирање на фабриката во Самоков“, вели претседателот на синдикалниот одбор на поранешните вработени во оваа фабрика, Максим Гроздановски.
Кире Костовски, еден од поранешните директори на фабриката, и другите ја чекаат разврската во врска со приватизацијата. „Има големи сплетки околу купопродажниот договор. Целта беше фабриката да проработи, а не Гркот да ја раскрчмува. За какви дозволи за работа станува збор кога тој продаде дел од виталната опрема, противпожарни возила, апарати, што е основен предуслов фабриката да може да работи“, вели Костовски.
Градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, е оптимист дека ќе проработи „Сувенир“. „Ако не со овој, тогаш со некој друг инвеститор. ’Сувенир’ има одлични услови, некој сигурно ќе го искористи тоа,’, ни рече Војнески.
„Сувенир“ во февруари лани му беше продадена на грчката фирма „Олимпик индустри“ од Кукуш, за 500.000 евра. Според купопродажниот договор, фабриката досега требаше да проработи, а 120 работници да се вратат на работа. Според стечајниот судија Абдула Лимани, сопственикот на „Сувенир“, Пападопулос, бил на состанок во кичевскиот суд и се правдал дека во моментов не може да ангажира повеќе од 40 работници, бидејќи се’ уште не му ги дале дозволите за работа. Поради ова, Тодор Пашовски, стечаен управник на „Сувенир“, ангажирал ревизорска куќа да утврди дали двете страни се придржувале на купопродажниот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, Русија ќе преземе „контрамерки“
Русија подготвува „контрамерки“, вклучително и оние од „воена природа“, доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, предупреди во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Неколку европски земји неодамна распоредија помали воени контингенти во Гренланд, автономна територија под дански суверенитет, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно почна да ја посетува, повикувајќи на американско преземање.
„Секако, во случај на милитаризација на Гренланд и создавање воени капацитети насочени против Русија, ќе преземеме соодветни контрамерки, вклучително и оние од воено-техничка природа“, рече Лавров за време на обраќањето пред рускиот парламент.
Откако се врати во Белата куќа пред една година, Доналд Трамп постојано ја повторуваше својата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, оправдувајќи ја со безбедносни причини и заканите што ги претставуваат Русија и Кина во тој регион, според него, потсетуваат медиумите.
Сепак, во јануари на Светскиот економски форум во Давос, тој ја омекна својата реторика, тврдејќи дека се договорил со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за „рамка“ за преговори што ќе им овозможи на САД да имаат поголемо влијание на таа арктичка територија.
Конкретните детали од тој договор сè уште не се познати. Данска и Гренланд досега решително ја отфрлија секоја можност за пренос на суверенитетот, нагласувајќи дека територијата не е на продажба.
„САД, Данска и Гренланд мора да го решат ова прашање меѓу себе“, рече Лавров, обвинувајќи го Копенхаген дека ги третира 57.000 жители на Гренланд како „граѓани од втор ред“.
На почетокот на февруари, НАТО започна со планирање на мисија насочена кон зајакнување на безбедноста на Арктикот.
Регион
Рутe: Внимателно ја следиме ситуацијата на Западен Балкан
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Алијансата внимателно ја следи ситуацијата на Западен Балкан.
Тој го изјави ова на прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел, пред утрешниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата, одговарајќи на прашање за тоа како ја гледа моменталната безбедносна состојба на Балканот.
„Сакам да нагласам дека внимателно ја следиме ситуацијата и дека преку КФОР и нашите други активности на Западен Балкан, во Босна и Херцеговина, но и на Косово, сме многу ангажирани и будно го следиме развојот на настаните“, рече Руте, пренесува Танјуг.
Зборувајќи за ситуацијата во Косово, тој изјави дека НАТО сè уште чека одговорност за настаните во Бањска, како и за други настани во текот на 2023 година.
Тој додаде дека НАТО никогаш нема да прифати безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина и посочи дека тие внимателно ги следат настаните и таму.
Свет
Италија и Полска нема да се приклучат кон Oдборот за мир на Трамп
Италија и Полска објавија дека нема да се приклучат на новиот „Одбор за мир“ на американскиот претседател Доналд Трамп, иницијатива која беше замислена како инструмент за прекин на огнот во Појасот Газа, но која Трамп сака да ја прошири на глобално ниво.
Повеќе западни земји се воздржани поради поканата до Русија и Белорусија, стравувајќи дека Одборот би можел да стане паралелен механизам на Обединетите нации.
Полскиот премиер Доналд Туск рече дека земјата нема да се приклучи „во овие околности“, но ја остава можноста отворена за понатамошна анализа.
Италија, пак, има „уставна пречка“ за влез во вакви структури кои не обезбедуваат еднакви услови за сите членки, објасни шефот на дипломатијата Антонио Тајани. Премиерката Џорџа Мелони претходно побарала од Трамп да ги смени правилата за да може Италија да се приклучи.

