Свет
Абас ќе работи за што побрзо создавање на палестинска држава
Претседателот на Палестинската автономија Махмуд Абас ја изрази во Брисел својата намера да работи за создавањето во најкратки рокови на палестинска држава, како што е запишано во меѓународниот мировен план.
Претседателот на Палестинската автономија Махмуд Абас ја изрази во Брисел својата намера да работи за создавањето во најкратки рокови на палестинска држава, како што е запишано во меѓународниот мировен план. Според планот, таа “желба“ треба да се реализира во 2005 година и ние ќе продолжиме да работиме тоа да стане в најкратки рокови, изјави Абас. Колку порано, толку подобро, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана, кој разговарале со Абас. Тој изрази задоволство од вчерашната конференција в Лондон за поддршка од страна на меѓународната јавност./макфакс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стармер: Би-Би-Си мора да воведе ред во својата куќа
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека поддржува силна и независна Би-Би-Си, но дека јавниот радиодифузен сервис мора „да си ја среди работата“ откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја тужи поради начинот на кој го уредил еден од неговите говори.
Би-Би-Си се најде во најголемата криза во последните децении откако нејзиниот генерален директор и извршен уредник на вестите поднесоа оставки поради критики за стандардите и обвинувања за пристрасност, вклучително и поради говорот на Трамп.
Стармер, кој изгради солиден однос со Трамп, беше прашан во парламентот дали би побарал од американскиот претседател да ја отфрли заканата да ја тужи Би-Би-Си.
Потезите на Трамп би можеле да доведат до тоа Би-Би-Си да мора да користи пари од гледачите во Велика Британија за да му плати отштета на американскиот претседател, дополнително влошувајќи ја кризата во јавниот радиодифузен сервис и критиките со кои се соочува.
„Да бидам јасен: верувам во силна и независна Би-Би-Си. Некои би сакале Би-Би-Си да не постои. Некои од нив седат таму горе“, рече тој, покажувајќи со прст кон пратениците од опозицијата, конзервативните пратеници.
„Јас не сум еден од нив. Во ерата на дезинформации, аргументите за непристрасна британска новинска служба никогаш не биле посилни“, додаде тој. Но, тој исто така рече дека Би-Би-Си мора да се држи до највисоките стандарди.
„Кога се прават грешки, тие мора да си го средат домот“, рече тој. Програмата Панорама на Би-Би-Си, емитувана една недела пред претседателските избори во САД, го прикажа говорот на Трамп во кој два дела беа неприродно комбинирани, создавајќи впечаток дека тој отворено повикува на немирите што се случија на Капитол Хил во јануари 2021 година.
Адвокатите на Трамп рекоа дека тоа било „лага и клевета“. Би-Би-Си во понеделникот призна дека станува збор за „погрешна процена“. Портпарол на Би-Би-Си објави дека радиодифузерот „ќе одговори директно во соодветно време“ на заканата од Трамп.
Трамп денес изјави дека има „обврска“ да ја тужи јавната компанија за искривување на неговите коментари. Неговите адвокати рекоа дека Би-Би-Си мора да го повлече својот филм до петок или да се соочи со тужба за „најмалку“ 1 милијарда долари.
Тие, исто така, побараа Би-Би-Си да се извини и да го обештети Трамп за она што го нарекоа „огромна штета на угледот и финансиска штета“, според писмото до кое увид имал Ројтерс.
Пратеникот од Конзервативниот парламент и поранешен министер за медиуми, Џон Витингдејл, за Ројтерс изјави дека ќе има „вистински гнев“ ако Би-Би-Си мора да користи пари од лиценцата за да финансира тужба што е резултат на сопствениот неуспех.
Фото: принтскрин
Свет
Двајца украински министри поднесоа оставки поради корупциски скандал
Поради голем корупциски скандал во енергетскиот сектор, министрите за правда и енергетика на Украина поднесоа оставки на барање на претседателот Володимир Зеленски. „Министрите ги поднесоа своите оставки во согласност со законот“, изјави премиерката Јулија Свириденко.
Министерот за правда Херман Халушченко и министерката за енергетика Свитлана Гринчук ги поднесоа своите оставки. Нивните замени сега мора да бидат одобрени од парламентот. Украинското биро за борба против корупцијата (НАБУ) во понеделникот објави дека го истражува енергетскиот сектор на земјата, бидејќи во државната нуклеарна централа е откриена мрежа за поткуп во вредност од 100 милиони долари.
Зеленски коментираше за случајот
Истражителите на НАБУ ги претресоа домовите на министерот за правда Херман Халушченко, кој претходно го водеше Министерството за енергетика, и Тимур Миндич, ко-сопственик на студиото „Квартал 95“ и поранешен деловен партнер на Володимир Зеленски.
Миндич ја напушти Украина кратко пред да избувне скандалот. Министерката за енергетика не е официјално именувана во истрагата, но се смета за блиска личност на нејзиниот претходник, пишуваат украинските медиуми.
„Апсолутно е неприфатливо во овие околности да постојат одредени шеми и шеги во енергетскиот сектор, додека Украина се соочува со прекини на електричната енергија, руски напади и загуби“, тврди Зеленски.
Шефот на НАБУ: Разоткривме високо рангирана криминална организација
Олександр Абакумов, раководител на Главниот оддел за истраги на НАБУ, изјави дека специјалната операција разоткрила високо рангирана криминална организација која работи во енергетскиот и одбранбениот сектор. Истрагата вклучува случаи на корупција, перење пари и нелегално богатење.
Украинските антикорупциски власти претходно оваа недела објавија дека разбиле сложена корупциска шема за проневера на 100 милиони долари (86 милиони евра) зад Миндич, особено во националниот нуклеарен оператор „Енергоатом“.
Фото: принтскрин
Свет
Пациенти врзани за кревет, други биле принудувани да ги чистат тоалетите: инспекцијата утврдила шокантни услови во романска психијатриска болница
Вработените на психијатриските одделенија на Општата болница во романскиот град Тарнавен поднесоа колективни оставки, обвинувајќи ги медиумите за притисок, откако беше откриено дека пациентите престојуваат во нехигиенски услови, креветите биле покриени со пластика наместо со чаршафи, додека некои од пациентите биле врзани за креветот, а други биле вработени како чистачи на тоалети, пренесуваат медиумите во регионот.
Според директорката на болницата, Сузана Мегешан, реакцијата на персоналот била предизвикана од јавното соопштение на претставничката на Романскиот центар за правни ресурси (CRJ), Џорџијана Паску, во кое било наведено дека во институцијата биле пронајдени „несоодветни услови за сместување, недостаток на хигиена, како и пациенти кои биле имобилизирани или изолирани“, објави денес „Јуроњуз Романија“.
„Заедно со раководителите и главните медицински сестри на одделот, успеавме да отвориме дијалог. Одлуката не беше донесена поради непрофесионализам, туку поради чувството дека обвинувањата се неправедни и се засновани исклучиво на негативните аспекти на работата“, рече Мегешан.
Според администрацијата, посетата на инспекторот се одржала од 7 до 9 ноември 2025 година, во рамките на националната програма за надзор на социјалните и здравствените установи.
Болницата објави дека медицинската дејност се одвива под редовни услови, со почитување на сите протоколи и стандарди, како и дека пациентите имаат постојана медицинска нега, стручен надзор и пристап до поддршка без прекин.
Во извештајот на Центарот за правни ресурси, сепак, се наведува дека за време на инспекцијата е пронајдена „неопислива нечистотија, десетици кревети збиени заедно, пациенти на валкани душеци или завиткани во пластика без постелнина“.
Се вели дека некои пациенти биле врзани за своите кревети, додека други биле принудени да чистат тоалети.
Министерот за здравство на Романија, Александру Рогобете, изјави за „Јуронјуз Романија“ дека е запознаен со ситуацијата и дека наредил инспекцијата во округот Муреш да изврши детална контрола и да поднесе извештај, по што ќе се одлучат за понатамошни мерки.
Фото: принтскрин

