Свет
Се клацка фотелјата на директорот Трпковски

Наместо во Собрание, Агенцијата два примерока од извештајот на 30 март ги
доставила директно кај претседателот на собраниската Комисија за транспорт,
врски и екологија Никола Ќуркчиев и примероците не се архивирани во
собраниската служба
АГЕНЦИЈАТА ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ НАМЕСТО ВО СОБРАНИЕ, ИЗВЕШТАЈ ПРАТИЛА
КАЈ ЌУРКЧИЕВ ОД СДСМ
Наместо во Собрание, Агенцијата два примерока од извештајот на 30 март ги
доставила директно кај претседателот на собраниската Комисија за транспорт,
врски и екологија Никола Ќуркчиев и примероците не се архивирани во
собраниската служба
Позициите на членовите на Комисијата за електронска комуникација и на
директорот на Агенцијата Коста Трпковски висат на конец зашто во законскиот рок
до 31 март годинава до Собранието не доставиле годишен извештај за работа.
Наместо во Собрание, Агенцијата извештајот го доставила директно кај претседателот
на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија Никола Ќуркчиев. Токму
поради ваквата достава членовите во собраниската Комисија вчера, уште додека го
утврдуваа дневниот ред, се испокараа дали годишниот извештај воопшто е доставен
во Собрание и дали треба да го разгледаат.
Извештајот во Собрание официјално е доставен на 4 април, иако од Агенцијата
тврдат дека го запазиле законскиот рок, и тоа уште на 30 март директорот на
Агенцијата директно до Ќуркчиев го доставил извештајот во два примерока. Но
овие примероци немаат архивско бројче што, според ВМРО-ДПМНЕ, значи дека не се
доставени во Собрание.
Атмосферата меѓу парламентарците ја вжешти и мислењето од Владата, доставено на
барање од Собранието, дека од формално-правен аспект годишниот извештај од
Агенцијата не треба да се разгледува и Собранието треба истиот да го смета како
недоставен и дека како таков е причина за колективно разрешување на Комисијата
за електронски комуникации.
Претседателот на собраниската Комисија Никола Ќуркчиев се изјасни дека
извештајот од Агенцијата стигнал навреме, а потенцираше и оти очекува од
Владата да се изјасни дека направила административна грешка кога го доставила
мислењето пред да стигне извештајот на дневен ред на Собрание.
Тале Герамитчиоски од СДСМ обвини дека мислењето на Владата е уште еден насилен
обид да се смени Комисијата.
Зоран Витанов од Социјалистичката партија застана зад владиното мислење, зашто
со него Владата укажува оти од формално правен аспект сака да го зачува
законското работење во државата, вклучително и врз Агенцијата. Витанов му
забележа на Ќуркчиев дека не требал да го прими извештајот на рака, зашто
Собранието не треба да работи на тој начин. (Т.Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.