Свет
Кој се треба да биде прашан за шверцот со цигарите?
Деновиве, кога паѓаат маските на Балканот и кога се гледа кој со кого и
колку пари свртил од тутунскиот бизнис, главните политички фактори од времето
на големиот шверц на цигари и друга акцизна стока се уште се дел од нашиот
јавен живот.
КАКО НЕКОГАШ СЕ „МЕНАЏИРАЛ“
ШВЕРЦОТ
Деновиве, кога паѓаат маските на Балканот и кога се гледа кој со кого и
колку пари свртил од тутунскиот бизнис, главните политички фактори од времето
на големиот шверц на цигари и друга акцизна стока се уште се дел од нашиот
јавен живот. Иако поголем број од нив денес не се на власт и ја немаат силата
што ја имаа до клучната 1998 година кога целиот систем се сруши како кула од
карти, сепак со парите заработени од тоа време, кога премиер беше Бранко
Црвенковски (1994-1998), тие директно или индиректно се уште ја имаат една од
главните улоги во македонската економија, а и политика.
По осамостојувањето на Република Македонија, „Македонија табак“, врз основа на
децениската традиција во тутунскиот бизнис, доби нова улога – држава во држава
на чело со Данчо Шутурков, како вечен заменик генерален директор кој од сенка
на номинално назначениот Страшо Нелковски, ја менаџираше компанијата. Шутурков
преку тутунскиот бизнис, бизнисот со фри-шоповите, увозот на жито и шеќер,
контролата на протекот на акцизните стоки низ Македонија, (ин)директно ја
контролирал и државата во тогаш се уште слабата македонска економија. Постојат
живи сведоци кои тврдат дека Шутурков бил првиот и последен авторитет пред кој
голем број на македонски политичари стоеле во став мирно. Ова и не е чудно,
бидејќи тој преку долгогодишната кумовска врска со пребогатото еврејско
семејство Верхајмер (откупувачи на тутун од Македонија преку фирмите „Сокомак“
и „Соко таб“), уживаше силна меѓународна заштита и углед, се до својата смрт.
Но, Шутурков замина, останаа неговите „деца“ меѓу кои не се најде достоен
наследник. Зад него останаа еден куп неспособни политичари, банкари, царински
раководители, неспособни шпедитери, генерали без војска, генерални и
комерцијални директори на тутунски комбинати кои соучествувајќи во
производството на фалсификувани цигари и пласман на црните пазари, ја
зацементираа Македонија на црната меѓународна листа.
Малку е познато дека во периодот од 1993-1998 година, кој меѓународната
заедница го означува како клучен за развојот на шверцот на цигари, во
Македонија на „обука“ престојуваат неколку меѓународно етаблирани шверцери на
цигари: Среќко Кестнер, Станко Суботиќ Цане, Вања Бокан, Мики Пешиќ… Тие
живееле и работеле во Македонија, „Македонија Табак“ е нивниот втор дом,
Шутурков е нивниот покровител, а тогашната Влада им дава лична заштита и
безбедност.
Жалосно звучи кога од италијански или германски обвинители, преку покренати
истраги и поднесени обвиненија или преку нивни интервјуа, дознаваме дека
Македонија е рамо до рамо со Кипар, Црна Гора, Србија, Косово и дека има битна
улога во шверцот на цигари. Ниту еден јавен обвинител од Македонија, а ги имаше
подоста по падот на СДСМ од власт во ноември 1998 година, не покрена истрага за
да истражи што во тој период навистина ни се случило. Јавното обвинителство во
архивите на МВР има докази за се што се случувало во тој период. Денес во
парламентот пратеник е некогашниот секретар за јавна безбедност од тоа време,
Павле Трајанов. Човекот ја знае оваа проблематика, тој треба да биде драгоцен
соработник по ова прашање, особено ако се знае дека во Владата на Љубчо
Георгиевски беше и министер за внатрешни работи. Обвинителството има одлични
соработници и во соседството. На Правниот факултет е и професорот Љубомир
Фрчкоски, министер за внатрешни работи во Владата на Црвенковски. Тука е и
академикот Таки Фити, кој како министер за финансии имаше директна надлежност
на Царинската управа во која директоруваа час Димитар Бузлевски, актуелен
градоначалник на Ресен, час Илија Иљоски, денес успешен банкар. Потенцијални
сведоци, ако не и крунски, можат да бидат луѓето што си го поминаа работниот век
во „Макошпед“. Оваа шпедиција, со прочуениот акцизен склад во населбата Маџари,
беше „центар на светот“, низ кој мораше да помине секој увезен контингент
цигари наменети за фри-шоповите, но и за ре-експорт, најмногу кон Црна Гора.
Генерален директор на „Макошпед“ до своето пензионирање 2003 година беше
Слободанка Поповска Дада, а нејзиниот девер Трајчо Поповски важеше за најблизок
соработник.
Приватизацијата на „Макошпед“ е правена по стручна експертиза на
Таки Фити. Во Бордот на директори на „Макошпед“ со години беа професорите Бобек
Шуклев и Александар Николовски.
Она што актуелната извршна власт го откри во „ТК Прилеп“ (случај „Ангатера“
ЛТД), па благодарение на откриеното во притвор, меѓу останатите, го „спакува“ и
сегашниот извршен директор на „Макошпед“ Коста Младеновски, претставува само
промил од стореното. И сегашниот втор извршен директор на „Макошпед“ Милош
Борисављевиќ, беше еден од клучните играчи во компанијата во тој период.
„Макошпед“ си имаше и своја банка, „Кредитна банка“ Скопје се до продажбата на
грчката „Алфа“ банка. Основачи на банката беа „Макошпед“ и Благоја Николовски,
сопственик на фирмата „Бламар“, инаку познат по срушениот комплекс на луксузни
куќи во Злокуќани. Од сенка, целиот процес во „Кредитна“ банка го контролирал
Данчо Шутурков, преку својот внук Митко Ноневски, долгогодишен претседател на
УО на банката. Црните пари од шверцот со цигари, според сведочењето на Среќко
Кестнер пред италијанското обвинителство, со хеликоптери на МУП на Црна Гора,
се носени во оваа банка. Како што веќе објавивме, се работи за организиран
државен шверц на цигари, извршен со ангажман на руски и украински карго
компании кои на Владата на Бранко Црвенковски и изнајмувале авиони „Илјушин 76“
за транспорт на 40-50 тони цигари по еден лет. Транспортерите престануваат да
летаат во мај 1998 година пред да се затворат македонските фри-шоп продавници,
а во период кога СДСМ и Владата на Црвенковски почнува да се подготвува за
изборите во ноември истата година. И за овој дел од шверцерскиот синџир има
драгоцени сведоци. На располагање на Јавното обвинителството може да се стави
тогашниот генерален директор на УЦВП Горан Павловски, но и неговиот асистент,
сопругот на Тренкица Црвенковска, сестра на Бранко. Човекот иако стоматолог по
занимање, ја напуштил професијата и се вработил во контролата на летање. Денес
Горан Павловски лета како пилот за една странска компанија.
Еден свој дел и удел во институционализација на шверцот на цигари имаат уште
неколкумина помалку битни играчи, денес силни во приватниот бизнис или во
менаџирање на капиталот што Данчо Шутурков го остави зад себе. Тука е и Коста
Јанковски, еден од партнерите во фамозната фирма „Балкан“. Неговиот партнер
Енвер Малиќи денеска влезе во бизнисот со мобилната телефонија. Јанковски денес
е дистрибутер на цигарите на „ТДР“ од Ровињ. Веруваме дека вестите за акцијата
на српските истражни органи „Мрежа“ не ги прима баш најмирно. Дел од
информациите за каналите на шверцот со цигарите во Србија, се однесуваат и на
него и на неговите фирми. Тоа се на пример информациите за притворањето на
Андрија Драшковиќ во Германија и неговата екстрадиција во Италија, како и
апсењето на родениот брат на косовскиот тутунски бос Екрем Лукај, сопственик на
„Дукаѓини груп“ од Пеќ. Се чека на одговорот на Андрија Драшковиќ на отворената
понуда да биде заштитен сведок. Алтернатива е затворска казна од најмалку 20
години.
Список за
тутунскиот бизнис
Дали и како Македонија се бори против домицилната тутунска мафија? Со ова прашање
се обративме до МВР. Еве ја изјавата на портпаролот Иво Котевски:
– Нема да преземаме дејства додека не собереме докази за тутунската мафија кои
нема да паднат на суд. Проблем од тоа време е што намерно или не, Македонија
немала воспоставено платен промет со Србија, така што плаќањата оделе во кеш со
одобренија од НБМ. Потоа „Македонија Табак“ пријавувала некаков промет. МВР
работи, но многу тешко се доаѓа до докази, проблем е и што поминало многу време
од тогаш. Ќе почекаме што ќе кажат притворените во Србија и колку може тоа да
ни послужи. Главно е да се утврди колку била оштетена Македонија. Овде своја
улога треба да одигра и Дирекцијата за спречување на перење пари. Тие треба да
ги испитаат сите сомнителни трансфери кои се споменуваат. Србите ги интересира
само делот на прикажани лажни фактури кај нивната царина и штетите врз нивниот
буџет. За да имаме основа за какви било пријави треба да докажеме дека нашиот
буџет бил оштетен како во случајот со ТК Прилеп – изјави Котевски.
По ова, еве го можниот мозаик за евентуалните директни учесници во тутунскиот
бизнис од тоа време. Овој мал список е направен според тоа кој, кога и на која
функција, во критичниот период (1994-1999) бил во „Македонија табак“,
„Макошпед“, ТК Прилеп, ТК Куманово и во Владата.
Слободанка Поповска Дада (генерална директорка на Макошпед и основач на
Кредитна банка Скопје)
МилоШ БорисављевиЌ (и денес директор во „Макошпед“)
Митко Ноневски (претседател на УО на Макошпед, внук на Данчо Шутурков)
СтраШо Нелковски (генерален директор на „Македонија табак“)
ДанЧо Шутурков (заменик генерален директор на „Македонија табак“, денес покоен)
ЉупЧо Настевски Супа (комерцијален директор на „Македонија табак“)
Фила Кусакатска (шефица на акцизниот склад на „Македонија табак“)
Тодор ЧуШкаровски, Славко Бурназовски и Стојадин НедељковиЌ (ген. директори на
„ТК Куманово)
Диме Димески Кепе, Илија Нунески Нуне, Бранко Арсоски Арсата, Диме Момироски
Момиро (директори на „ТК Прилеп“)
Круме Спиркоски Џемо (курир на Данчо Шутурков и долгогодишен шеф на обезбедувањето
во „ТК Прилеп“)
Бранко Црвенковски (премиер на Владата)
Љубомир ФрЧкоски (министер за внатрешни работи од 23.12.1994)
Димитар Бузлески (министер за транспорт и врски од 23.12.1994)
Горан Павловски (директор на Управата за цивилна и воздушна пловидба од 26.
јуни 1995.)
Томислав Чокревски (министер за внатрешни работи од 28.2.1996)
Таки Фити (министер за финансии од 28.2.1996. и автор на програмата за
трансформација на општествениот капитал „Макошпед“ и „Македонија табак“)
Зоран Крстевски (директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги до
25.4.1996)
Александар Чепељугин (директор на ЈПАУ по сменувањето на Крстевски)
Абдулменаф Беџети (министер за транспорт и врски од 30.5.1997)
ЉубЧо Георгиевски (премиер од 1.12.1998)
Љубомир Михајловски Џанго (ексминистер за внатрешни работи и екс директор на
Царинската управа)
Драган Даравелски (директор на Царинската управа од 19.1.1999)
Илија Илоски (директор на Царинската управа во два мандати)
Павле Трајанов (министер за внатрешни работи).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шест нови имиња откриени од архивата за Епстин, расте притисокот за целосна транспарентност
Откриен е идентитетот на шест лица oд досиејата за Џефри Епстин, чиишто имиња досега не биле објавени. Информацијата ја објави конгресменот Ро Кана, демократ од Калифорнија, наведувајќи дека станува збор за Салватор Нуари, Зураб Микеладзе, Леоник Леонов, Никол Капуто, Султан Ахмед бин Сулајем и милијардерот и претприемач Лесли Векснер, пренесува „Њузвик“.
Кана и републиканскиот конгресмен Томас Меси од Кентаки го обвинија американското Министерство за правда (DOJ) дека неосновано ги криело овие информации од јавноста.
„Моето прашање е зошто Томас Меси и јас моравме лично да одиме во Министерството за правда за имињата на овие шестмина да станат јавни“, изјави Кана за време на расправа во Претставничкиот дом. „Ако за два часа откривме шест имиња што ги криеле, замислете колку уште лица прикриваат во три милиони документи.“
Министерството за правда неодамна објави повеќе од три милиони страници документи, како и илјадници фотографии и видеа од истрагите поврзани со Епстин, финансиски магнат и осуден сексуален престапник кој во 2019 година изврши самоубиство во затвор додека чекаше судење за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Иако властите тврдат дека со тоа ги исполниле обврските од Законот за транспарентност на досиејата на Епстин, и натаму трае расправата околу тоа кои податоци се затемнети, од кои причини и дали ќе биде потребно дополнително објавување документи.
Кана и Меси побараа целосно објавување на сите документи поврзани со Епстин, тврдејќи дека Министерството го прекршува Законот за транспарентност. Шесте објавени имиња, според нив, се сметаат за потенцијални соучесници.
Најпознатото име на листата е Лесли Векснер.
„Не гледам ниту една одредба во законот што дозволува имињата на овие мажи да бидат затемнети“, изјави Меси. „Станува збор за список од дваесет лица. Максвел и Епстин се наведени, можеби уште едно или две лица, а сите останати се скриени.“
Меси додаде дека имињата „веројатно се инкриминирачки“, наведувајќи дека едно лице наводно има висока позиција во странска влада.
„Едно од другите имиња е многу истакната личност“, додаде Кана.
Според него, дополнителна загриженост предизвикува фактот што многу делови од досиејата и понатаму се затемнети. Тој тврди и дека Министерството наводно „масовно ги затемнило“ сите женски имиња, што отвори нови прашања за можни учесници во мрежата на Епстин.
Пред донесувањето на Законот за транспарентност на досиејата на Епстин во ноември, претседателот Доналд Трамп и високи претставници на неговата администрација изразуваа скепса кон целосното објавување на документите. Белата куќа и Министерството за правда првично беа воздржани, но Трамп подоцна го промени ставот и го потпиша законот.
Заменик-државниот обвинител Тод Бланш минатиот месец изјави дека Министерството не се обидува да го заштити Трамп при објавувањето на документите. Трамп повеќепати негираше каква било поврзаност со кривичните дела на Епстин и никогаш не бил обвинет во тој случај.
Анализа на „Њујорк тајмс“ покажала дека во објавените документи Трамп, Меланија Трамп, неговиот клуб Мар-а-Лаго и поврзани теми се спомнуваат повеќе од 38.000 пати. Тие наводи не имплицираат кривична одговорност и вклучуваат новински текстови, интерни расправи во Министерството, летни дневници, електронски пораки и непроверени пријави.
Сè поизвесно е дека Министерството за правда би можело да биде принудено да објави дополнителни информации, вклучително и претходно задржани имиња на потенцијални соучесници. Сè уште не е јасно кои податоци се заштитуваат и од кои причини, што предизвикува сè поголем јавен и политички притисок за целосна транспарентност.
Свет
Трамп најави можност за ново воено засилување кон Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Аксиос“ изјави дека размислува да испрати втора ударна група носачи на авиони на Блискиот Исток, доколку пропаднат преговорите со Иран.
Тој рече дека САД веќе имаат „армада“ во регионот и дека опциите се јасни: „Или ќе постигнеме договор или ќе мора да направиме нешто многу остро, како и минатиот пат.“
Во моментов во регионот е распоредена ударната група околу носачот „USS Abraham Lincoln“, а американски претставник потврдил дека се воделе разговори за дополнително засилување.
Иако воено го засилува присуството, Трамп изразил оптимизам дека Иран сега посериозно пристапува кон преговорите, кои беа обновени во Оман.
Спорна точка останува иранската позиција дека нема да преговара за ништо освен за нуклеарната програма, и тоа без откажување од збогатување ураниум. Трамп изјави дека евентуален договор треба да го опфати нуклеарната програма и иранските балистички ракети.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигнува во Вашингтон на разговори, додека Иран ја засилува дипломатската активност преку Оман и Катар.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.

