Свет
Владата со вагон откази за штрајкувачите
Двесте железниЧари вЧера запоЧнаа штраЈк со глад
Двесте железниЧари вЧера запоЧнаа штраЈк со глад
Со солзи во очите и без надеж за решавање на проблемот во “Македонски железници”, над 200 вработени вчера почнаа штрајк со глад. Вчера попладне, пак, тројца синдикалци од МЖ беа повикани на информативен разговор во скопската полициска станица “Пролет”, бидејќи раководството на МЖ против нив поднесе пријави за фалсификување исправи, незаконски штрајк, предизвикување материјална штета и за спречување на другите вработени да ги извршат работните задачи.
Владата го оценува штрајкот на железничарите како политичка манипулација пред локалните избори. Вицепремиерот Минчо Јорданов по вчерашната владина седница изјави дека не е исклучена можноста да се отпуштат штрајкувачите и да се отстранат од местата каде што штрајкуваат.
– Целта на штрајкот не е да се реши социјалниот пакет, туку да се направи политички проблем – изјави Јорданов.
Штрајкувачите порачуваат возовите да не се пуштат по секоја цена за да нема несакани последици за безбедноста на сообраќајот.
– Да престанат со закани врз работниците бидејќи ова е анархија. Со продажба на стари вагони раководството собра 3,5 милиони евра, колку што се потребни за исплата на отпремнини за отпуштените – вели Никола Богоевски, претседател на Синдикатот на сообраќајниот персонал.
Железничарите се категорични дека ќе издржат со месеци и, ако треба, ќе ги донесат и своите фамилии.
– Ако треба, овде ќе умреме зашто и онака едвај преживувавме. Раководството зема на душа над 3.000 луѓе, на кои железничарската плата им беше единствен приход во семејството – велат тие.
Штрајкувачите се револтирани од односот на Владата и од притисоците од раководството.
– Со овој подмолен метод директорот Наумов се служеше и во 1997 година. Со полиција и со тргање на страна на синдикалците си ја чува фотелјата – велат железничарите.
Во Владата тврдат дека штрајкот е нелегитимен и дека зад него не стојат легитимни синдикални органи.
– Еден од тие синдикални борци зел кредит од 15.000 евра од МЖ и лесно му е да каже дека треба да се дадат уште по 7.000 евра. Ова не е кванташки пазар – изјави Јорданов.
Тој истакна дека четири синдикати од МЖ ја известиле Владата дека не стојат зад штрајкот, а другите два воопшто не испратиле известување. Јорданов рече дека граѓаните ќе ги плаќаат долговите на железницата од 136 милиони евра. Тој информираше дека од јануари до денеска претпријатието направило загуби од 300 милиони денари.
Во МЖ штрајкуваат вработените чии имиња се на списокот за отпуштање, синдикалците што добија отказ, но и други нивни колеги, кои се плашат да не ги снајде истата судбина. Тие тврдат дека до 2007 година од железница треба да си заминат уште 800 луѓе и се закануваат дека штрајкот нема да прекине додека не се исполни нивното барање за исплата на 150.000 денари за секој отпуштен работник и на максимум 12 плати, како и ревизија на списоците за технолошки вишок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos

