Свет
Крв ќе падне ако не ни ја дадат земјата
Македонските земјоделци стравуваат дека при новата распределба на 15.000 хектари земјоделско земјиште во источна и во централна Македонија, за која веќе е завршен конкурсот и се собрани понудите, ќе се повтори светиниколското сценарио.
Македонските земјоделци стравуваат дека при новата распределба на 15.000 хектари земјоделско земјиште во источна и во централна Македонија, за која веќе е завршен конкурсот и се собрани понудите, ќе се повтори светиниколското сценарио. Како и во Свети Николе, и на овој конкурс право да конкурираат имаат само триста регистрирани земјоделци и сите бизнисмени. Нив особено ги загрижува тоа што земјиштето се изнајмува на 30 години, што, според нив, е грешка што тешко може да се исправи.
– Тоа за нас ќе биде катастрофа. Дали е потребно да се пролее крв, па Министерството за земјоделство да сфати дека земјата за земјоделецот е нешто свето и дека нема така лесно да се откаже од неа – велат огорчено во Федерацијата на македонските фармери.
По објавувањето на огласот Федерацијата реагираше на критериумите на конкурсот за добивање земја под закуп.
– Се плашам дека ќе се повтори светиниколското сценарио. Веќе се најавени блокади во Штип и речиси во сите градови за кои се однесува огласот. Министерството се правда дека работи законски, се прашувам каков е тој закон што не одговара за 90 отсто од земјоделците. И ако веќе толку го почитуваат законот, зошто не им ја одземат земјата на оние што ја немаат платено закупнината? Располагаме со податоци според кои наплатата на закупнината за државното земјиште е само еден отсто! Доколку бизнисмените што ја имаат земјата ја платат закупнината, во ресорното министерство ќе влезат 6 милиони евра, а ние молиме тие пари да ги добиеме како помош за пченицата – вели Ефтим Шаклев, претседател на македонските фармери.
Најголемата грешка, според нив, е тоа што земјата се доделува на 30 години. Симптоматично за нив е и зошто се брза со распределбата, без претходно да се извршат класификација и реорганизација на земјоделското земјиште.
– На бизнисмените што ја добиваат земјата, а немаат ништо заедничко со земјоделството не им е важно каква земја добиваат туку колку хектари. Колку повеќе толку подобро, зашто кога ќе станеме придружна членка на ЕУ ќе им бидат достапни фондовите за унапредување на земјоделството. На тој начин ќе можат да користат и многу поволни кредити со долг грејс-период и ниски камати. Во Словенија, на пример, се даваат по 20 илјада евра за една фарма – вели Шаклев.
Според федерацијата, последниот распишан оглас е крајно нетранспарентен, а тоа остава простор за шпекулации од типот дека земјата главно ќе ја добијат Албанци.
– Затоа ние бараме отворањето на понудите да биде јавно или да има наши претставници во комисијата што одлучува кој ќе добие земја под закуп. Досега, за жал, не само што немаме одговор на овие барања туку не знаеме ни кога ќе се отвораат понудите и кога ќе се објави кој го добил земјиштето. Ако Владата во најскоро време не ги промени своите ставови, ќе имаме земјоделци без земја и села без селани – предупредува Шаклев.
Л.Н
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

