Свет
Законот направен по мера на дилерите на дрога
Само дилерите на дрога ќе можат да ја избегнат казната затвор со тоа што ќе ја платат. Сиромашниот народ ќе лежи во затвор и за најмал прекршок оти ќе нема пари за да плати казна од две илјади денари.
Мери Јордановска
Само дилерите на дрога ќе можат да ја избегнат казната затвор со тоа што ќе ја платат. Сиромашниот народ ќе лежи во затвор и за најмал прекршок оти ќе нема пари за да плати казна од две илјади денари.
Вака професорот по кривично право Ѓорѓи Марјановиќ ги коментира новините во Законот за кривична постапка, кои предвидуваат затворската казна од една година да може да се замени со парична.
– Луѓето одат во затвор и тогаш кога треба да платат казна од две до три илјади денари оти немаат пари. Смислата на законот е да се растоварат затворите, но со ова што го направија само ги ослободија дилерите на дрога, затоа што само тие ќе имаат пари за да ја откупат затворската казна – вели Марјановиќ.
Судиите од Апелацискиот суд деновиве интензивно ги разгледуваат дополнувањата во кривичниот закон, бидејќи тие ќе бидат надлежни да одлучат дали обвинетиот ги исполнува условите за да плати казна а да не оди во затвор. Извори од судот велат дека законот се уште не им е целосно јасен, но дека едвај 0,3 отсто од обвинетите би можеле да си дозволат да ја отплатат затворската казна.
– Цената за откуп на затворската казна е многу висока, бидејќи една глоба изнесува најмалку 20 евра дневно. Во законот се вели дека дневните глоби не може да бидат помали од 50, што значи дека дневно осудениот ќе треба да плаќа по 1.000 евра. Глобите се користеа само во Словенија, но и таму полека се напуштаат – велат извори од Апелацискиот суд.
Од овие причини, на судиите им е нејасно за која категорија граѓани се воведува законот, кога само најбогатите ќе можат да платат 90.000 евра за да избегнат тримесечна казна затвор.
Професорот по кривично право Владо Камбовски го критикува законот и вели дека тој би го направил уште поостар.
– На советувањето во Охрид ги изложивме забелешките за законот и сметаме дека е неспроведлив и нејасен. Мислам дека треба да се измени и да се вметне нова одредба според која еден ден затвор ќе може да се заменува со една просечна плата. Па тогаш кој има да плати, нека плати – вели Камбовски.
Меѓу правните експерти се шпекулира дека законот бил донесен за да се амнестираат пирамидалните затајувачи, кои наместо да одлежат казна затвор, едноставно ќе ја платат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: САД ги користат вештачко поттикнатите немири во Иран како изговор за повторување на нападите врз земјата
Руското Министерство за надворешни работи остро ги критикуваше САД за „заканите за нови воени напади“ врз Иран, а заканата на американскиот претседател Трамп за воведување трговски царини ја нарече „уцена“.
Портпаролката на министерството, Марија Захарова, изјави дека заканите на САД за напади врз Иран се „категорично неприфатливи“. Таа ги предупреди САД да не ги користат немирите во Иран како „изговор“ за повторување на нападите врз земјата, откако американските воздухопловни сили нападнаа три нуклеарни објекти во јуни минатата година.
Според неа, таквата акција би имала „катастрофални последици“ на Блискиот Исток, „како и за глобалната меѓународна безбедност“.
„Исто така, цврсто ги отфрламе бесрамните обиди за уценување на странските партнери на Иран со зголемување на трговските царини“, рече таа, осврнувајќи се на најавата на Трамп за царина од 25 проценти на американскиот увоз за трговските партнери на Иран.
Коментирајќи ги антивладините демонстрации во Иран, таа рече дека „вештачки предизвиканите протести“ се смируваат, што дава надеж за „постепена стабилизација на ситуацијата“.
Европа
Зеленски се обиде да го назначи поранешниот премиер за министер за енергетика, парламентот го одби
Украинските пратеници го отфрлија назначувањето на министерот за одбрана во заминување Денис Шмихал за министер за енергетика, што е ретка критика кон претседателот Володимир Зеленски додека се обидува да ги реорганизира клучните сектори во критичен момент од војната со Русија.
Шмихал, кој беше премиер пет години пред да биде преместен во Министерството за одбрана минатата година, беше назначен од Зеленски да го води енергетскиот сектор потресен од обвинувања за корупција и руски напади врз инфраструктурата.
Последната постојана министерка за енергетика беше отпуштена минатата година поради корупциски скандал во кој беше вклучен нејзиниот претходник.
За номинацијата на Шмихал беа потребни 226 гласови за да биде одобрена. 210 гласаа „за“, а три опозициски партии беа воздржани.
Шмихал беше номиниран како дел од големата реконструкција на кабинетот, додека Киев се соочува со растечки руски притисок во војната што влегува во својата петта година следниот месец.
Свет
Поранешниот јужнокорејски претседател се соочува со смртна казна
Јужнокорејски обвинител денес побара смртна казна за поранешниот претседател Јун Сук-Јол по обвинение за бунт откако земјата накратко прогласи вонредна состојба во декември 2024 година.
Јун е обвинет за заговор за бунт, кривично дело кое носи строга казна според јужнокорејскиот закон, вклучително и смртна казна доколку биде осуден, иако Јужна Кореја не ја извршува смртната казна со децении.
Во своите завршни зборови пред Окружниот суд во Сеул, обвинителот рече дека истражителите потврдиле дека постоел план, наводно предводен од Јун и неговиот поранешен министер за одбрана Ким Јонг-хјун, кој датира од октомври 2023 година и е дизајниран да му овозможи на Јун да остане на власт.
Јун, 65, ги негира обвиненијата. Тој рече дека имал овластување да прогласи вонредна состојба како претседател во тоа време и дека потегот имал за цел да предупреди дека опозициските партии се обидуваат да ја опструираат владата. Се очекува судот во Сеул да донесе одлука во февруари.

