Свет
Пенов не признава дека „Технометал“ му ја спонзорирал програмата
Ристо Пенов не признава дека фирмата „Технометал-Вардар“ го платила печатењето на неговата изборна програма за добивање трет градоначалнички мандат
Ристо Пенов не признава дека фирмата „Технометал-Вардар“ го платила печатењето на неговата изборна програма за добивање трет градоначалнички мандат. Пенов завчера во интервју за „Канал 5“ демантира дека „Технометал-Вардар“ финансиски помага во неговата кампања.
„Време“ минатата недела објави дека на 28 февруари „Технометал“ авансно, преку Комерцијална банка уплатил 831.428 денари (околу 13 илјади евра) за печатење на брошурата со изборната програма на Пенов, кандидатот за скопски градоначалник од коалицијата „Заедно“. „Време“ дојде до документ според кој парите се директно уплатени на сметка на печатницата, наместо прво да легнат на жиро-сметката на организаторот на кампањата на Пенов.
Изборната регулатива предвидува сите донации за кампањата на еден кандидат да се уплатуваат на жиро-сметката што мора да ја отвори организаторот на кампањата. Потоа сите трошоци за кампањата исклучиво се покриваат од средствата на жиро-сметката.
По написот на „Време“ немаше никаква реакција од Пенов или од неговиот штаб. Не реагираше ниту штабот на неговиот противкандидат Трифун Костовски. Претходно, од штабот на Пенов обвинија дека станува збор за дезинформации што ги пласира штабот на Костовски, кој „се обидува да ја прикрие својата немоќ бидејќи се кандидирал за функција за која нема никакви познавања“.
Тогаш и од „Технометал“ негираа дека имаат врска со кампањата на скопскиот градоначалник, со образложение дека станува збор за шпекулации, поради тоа што таа фирма учествуваше во реконструкцијата на плоштадот Македонија, како набавувач на каменот од Босна.
При реконструкцијата на централниот плоштад во Скопје беа поплочени околу 15 илјади квадратни метри со камен што го набави „Технометал“ од рудникот Јабланица во БиХ. Таа фирма беше избрана на тендер, на кој се јавија седум понудувачи. Градските власти тогаш соопштија дека не е одбрана најповолната понуда, туку таа што нудела најквалитетни услуги, вклучувајќи ги и специфичната обработка и поставувањето на каменот. Понудите биле од 75 милиони до 96 милиони денари. „Технометал“ понудил 96 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

