Свет
„Тајмс“:Авионите „Боинг 777“ се опасни
Десетици патнички авиони од типот Боинг-777, кои секојдневно слетуваат и полетуваат на аеродромот Хитроу, се со мотори кои имаат потенцијално фатален
Десетици патнички авиони од типот Боинг-777, кои секојдневно слетуваат и полетуваат на аеродромот Хитроу, се со мотори кои имаат потенцијално фатален технички дефект.
Ова ја зголемува веројатноста од нови инциденти, слични на минатогодишната катастрофа на авионот на „Бритиш ервејз“, пишува весникот „Тајмс“.
Предупредувањето е упатено од американската Национална агенција за безбедност во сообраќајот.
Компанијата Ролс-Ројс, која ги произведува моторите за авионите, разработува усовршен модел, иако авионите од типот Боинг-777, кои го имаат истиот дефект, ќе останат во употреба уште 18 месеци.
Над 220 авиони од тој тип, вклучувајќи ги и 15-те на „Бритиш ервејз“, склони се на појава на мрзнење на горивото, што може да доведе до откажување на моторите. Авионите Боинг-777 исто се користат и во Сингапур и во САД.
Од „Бритиш ервејз“ соопштија дека немаат намера да ги повлечат авионите од употреба, а одговорно лице во компанијата изјави дека се преземени мерки за намалување на опасноста од замрзнување на горивото.
Една од мерките е пилотите да ја зголемуваат брзината на определени моменти при долгите летови, за да го зголемат дотокот на гориво.
Американската агенција тврди дека мерките на претпазливост, дури и да го намалат ризикот од откажување на моторите, може да го збунат пилотот и да го изложат на опасност летот.
Според Агенцијата, авионот може да биде изложен и на други опасности, бидејќи за да ја зголеми брзината, пилотот треба да ја намали висината.
Минатата година 152 патника на авионот Боинг-777 на „Бритиш ервејз“ преживеаа слетување откако двата мотора на авионот откажаа при последниот круг пред спуштањето.
Авионот заринка во тревнатите површини, тркалата се откорнаа, но среќа беше што само еден патник се здоби со повреди.
Друг авион Боинг-777, со мотор на Ролс-Ројс на компанијата „Делта ерлајнс“, ја загуби моќта минатиот ноември, откако мраз го блокираше дотокот на гориво. Пилотите одвај успеаа да го активираат моторот. /крај/бг/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

