Свет
Почна погребната церемонија на жртвите во Италија
Семејствата, роднините и пријателите се собраа денеска околу 200 ковчези украсени со цвеќе на заедничкиот погреб на загинатите од земјотресот
Семејствата, роднините и пријателите се собраа денеска околу 200 ковчези украсени со цвеќе на заедничкиот погреб на загинатите од земјотресот во Италија што в понеделникот го погоди централниот дел на државата.
Во Аквила, планинското гратче кое што најтешко беше погодено од земјотресот со јачина од 6,3 степени по Рихтеровата скала, ковчезите се поставени во четири реда пред полициската станица, јавуваат локалните медиуми.
Мисата за 200 – те жртви ќе ја води државниот секретар на Ватикан, Таркисио Бертоне. Некои од 289 – те жртви веќе се погребани од страна на семејствата. Меѓу загинатите има и шестмина македонски државјани.
Премиерот Силвио Берлускони и други владини претставници се меѓу 10 – те илјади собрани граѓани на испраќањето на загинатите во подножјето на планинските врвови на областа Абруцо.
Погребите се организираат на отворено затоа што ниту една црква во таа област не е стабилна и безбедна.
Цела Италија тагува денеска. Владата прогласи ден на жалост, знамињата се веат на половина копје, а голем број продавници во Рим се затворени за време на погребот.
„Им благодариме на жителите на Абруцо за нивната сериозност, пристојност и достоинство. Денеска им оддаваме почит на нивните починати, кои се и наши починати“ рече премиерот Силвио Берлускони.
Италијанските медиуми јавуваат дека била побарана специјално одобрување за погребите од папата Бенедикт XVI, затоа што во католичките цркви на Велики петок не се служи миса. Папата планира многу скоро да го посети Абруцо.
Најавен е и погреб по муслимански обичај за шестмина загинати муслимани.
И покрај големата тага и шок, не само на семејствата на загинатите, туку и на цела Италија, вниманието полека се свртува кон обнова и изградба. Според првичните проценки, штетата изнесува околу три милијарди евра. Берлускони изјави дека Италија од фондовите на ЕУ ќе добие до 500 милиони евра.
Владата исто така најави истрага. Претседателот Џорџо Наполитано за време на вчерашната посета на погодената област, констатирал дека многу згради од најнов датум се урнале како кули од карти, а требало да бидат отпорни на земјотреси.
„Луѓето треба да размислат за својата совест“, рече Наполитано, а градежниците возвратија дека „не се убијци“./крај/хи/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

