Свет
Наркобосот Влада Тот од Скопје осуден на седум години затвор
Македонскиот државјанин Владимир Тотовски-Тот (70) од Скопје, водач на криминална група, која во импровизирана фабрика произвела скоро милион таблети амфетамин, завчера бил осуден на седум години затвор
ВО СРБИЈА И ЦРНА ГОРА
Македонскиот државјанин Владимир Тотовски-Тот (70) од Скопје, водач на криминална група, која во импровизирана фабрика произвела скоро милион таблети амфетамин, завчера бил осуден на седум години затвор. Пресудата ја изрекол Специјалниот суд за борба против организираниот криминал во Белград. Ова била прва пресуда за организирано и масовно производство на дрога изречена од белградскиот Специјален суд.
Судскиот совет, со кој претседавала судијката Маја Ковачевиќ-Томиќ, покрај Тотовски, ги осудил и преостанатите членови на бандата, Мирољуб Савиќ (37) – на четири и пол години затвор, Лука Станковиќ (44) – на четири години и Дејан Димитриевиќ (38) – на две години затвор.
Според образложението на пресудата, Тотовски во 2003 година изнајмил стан на улицата Озренска во Белград, каде што сместил машини и суровини за производство на таблети амфетамини.
Станковиќ бил хемиски техничар, задолжен за подготовка на смесата од која се правела дрогата, а Савиќ ги одржувал машините.
Групата до јануари минатата година, кога била уапсена, произвела околу 150 килограми дрога, од кои биле направени 900.000 таблети.
Вредноста на околу 9.500 таблети, кои биле запленети при полициската рација во фабриката, заедно со машините за производство на дрогата, бола околу 100.000 евра.
Најмногу таблети Тот однел во Македонија, од каде што подоцна се префрлувале во трети земји.
Судскиот совет не ја прифатил одбраната на обвинетите, кои тврделе дека не знаеле оти во просториите се произведувала дрога.
Судијката Маја Ковачевиќ-Томиќ изјавила дека Судскиот совет при одредувањето на казната за Тотовски ги имал предвид и неговите години, но и претходната осудуваност.
Скопјанецот Владимир Тотовски-Тот беше уапсен во јануари минатата година во Бугарија. Тој во мај беше екстрадиран од Бугарија во Србија и Црна Гора. Тотовски го уапси бугарската гранична полиција, на 24 март минатата година, при влез во Бугарија, на граничниот премин Ѓуешево.
Српското Министерство за внатрешни работи на 5 февруари минатата година распишало потерница по Тотовски, кој се барал за производство и за трговија на дрога. Екстрадицијата била извршена по налог на бугарскиот Основен суд во Ќустендил, од 19 мај 2004 година.
Управата за борба против организираниот криминал на српското МВР во јануари минатата година во центарот на Белград ја открила фабриката за производство на дрога, која била сопственост на Тотовски. Полицијата ја открила наркогрупата кога обвинетиот Савиќ му продал околу 12.500 таблети на Димитриевиќ, кој подоцна планирал да ги продаде за по 60 центи за таблета.
Дрогата најверојатно била наменета за пазарите на Блискиот Исток.
Според српската полиција, фабриката произведувала таблети амфетамин со втиснато лого “каптагон”.
Според полициски извори, Тотовски најверојатно, освен во Србија, отворил неколку мали фабрики за производство на синтетичка дрога и во другите делови на Балканот. Во македонското МВР велат дека по Тотовски, како сторител на кривично дело, во земјава не е распишана потерница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

