Свет
Британките трошат милијарда фунти месечно на козметика
Потрошувачката на женска козметика во Велика Британија изнесува една милијарда фунти месечно и покрај финансиската криза
Потрошувачката на женска козметика во Велика Британија изнесува една милијарда фунти месечно и покрај финансиската криза.
Ова го покажа истражувањето на козметичкиот гигант Авон, според кое просечна Британка во својот козметички несесер има средства за разубавување во вредност од 57 фунти.
Професорот по психологија Кери Купер зголемените трошоци за козметика во време на глобална рецесија ги толкува како начин, на кој жените се обидуваат по малку да си го поправат расположението.
Малите, но пријатни подароци, како што се лак за нокти, кармин, парфем, пудра, или римел, секогаш им го подигнуваат расположението на жените, а особено на оние што се оптоварени со финансиски грижи./крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пустински брз воз со 250 километри на час – Египет влегува во ерата на железничка трансформација
Египет се подготвува за голема транспортна трансформација со воведување на нова национална мрежа на брзи возови. Siemens Mobility ја претстави новата генерација на возови Velaro, прилагодени за пустински услови, со брзина до 250 км/ч, пишува CNN.
Вкупно 41 ваков воз ќе бидат дел од мрежа долга 2.000 километри, развивана во партнерство со Arab Contractors и Orascom Construction. Железницата ќе има три линии што ќе поврзат голем дел од египетските градови, со што брзите возови ќе бидат достапни за речиси 90% од населението. Siemens најавува дека времето на патување ќе се скрати за 50%.
Возовите се произведуваат во Германија и се оптимизирани за екстремна топлина, песок и прашина.
Покрај Velaro, свој прв тест-пат го имаше и регионалниот воз Desiro High-Capacity (160 км/ч), на дел од т.н. „Зелена линија“ — 660 километри долга траса наречена „Суецки канал на шини“, која ќе ги поврзува Црвеното и Средоземното Море. Се очекува значително зголемување на товарниот капацитет на земјата.
Египетскиот министер за транспорт Кемел ел-Вазир го нарече проектот „клучен момент“ за модернизација на транспортниот систем, кој ќе го подобри патувањето и ќе ја зголеми поврзаноста помеѓу градовите.
И другите африкански земји инвестираат во брзи железници: Мароко веќе има линија до 320 км/ч, Нигерија работи на проект од 60 милијарди долари, а Африканската унија планира континентална мрежа како дел од Агендата 2063.
Регион
(Видео) Дванаесет државјани на БиХ осомничени за воени злосторства во Украина
Дванаесет државјани на Босна и Херцеговина се осомничени за воени злосторства извршени на територијата на Украина, пишува „Детектор“. Киев веќе година и пол чека од институциите на БиХ да достават клучни информации за овие лица, но досега не е добиен никаков одговор.
Од канцеларијата на украинскиот државен обвинител потврдуваат дека станува збор за лица за кои постојат основани сомнежи дека учествувале во воени злосторства како припадници на приватни воени компании. Во февруари 2024 година Украина доставила барање за меѓународна правна помош, барајќи податоци за нивниот престој во БиХ, како и нивно испитување и документација. БиХ одговорила дека лицата не се пронајдени на пријавените адреси, а претходната постапка сè уште трае.
Според „Европол“, овие 12 лица се дел од поголема група од 654 осомничени припадници на руските паравоени формации „Вагнер“ и „Редут“, под истрага за најтешки воени злосторства – сексуално насилство, погубувања на заробеници и цивили, како и употреба на забрането оружје. Во акциите во Украина и Молдавија биле запленети оружје, муниција, униформи и електронска опрема, а 11 украински државјани биле уапсени поради велепредавство.
Тужителството на БиХ соопшти дека „Европол“ не ги информирал за акцијата, но дека ќе воспостават контакт со европските партнери за да добијат дополнителни информации. Учеството во странски воени или паравоени формации во БиХ е кривично дело со минимална казна од три години затвор.
Свет
Пукање на Париз: Полицијата совлада маж што се заканувал со нож
Француската полиција рани маж вооружен со нож на железничката станица Монпарнас во Париз, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител на француската престолнина, откако претходно беше објавено дека полицијата совладала маж познат по семејно насилство.
Полицискиот службеник го употребил своето оружје против мажот, кој потоа се повредил со нож, објави канцеларијата во соопштение за медиумите.
Полициски извор изјави дека мажот им се заканил на сопругата и децата во предградијата на Париз пред да се качи на воз до станицата Монпарнас, каде што го чекала полицијата. Кога му се приближиле, тој се заканил дека ќе си го одземе животот, по што го застрелале во нозете, додаде изворот.
Обвинителството соопшти дека се слушнал барем еден истрел, а очевидец изјавил за Ројтерс дека слушнал неколку.
Фотограф на Ројтерс, кој бил таму во времето на инцидентот, изјавил дека откако полицијата интервенирала, луѓето одеднаш почнале да бегаат. Полицијата ја евакуирала станицата, каде што обично застануваат брзите возови кон запад и југозапад од земјата.
Друг сведок изјавил за „ВФМ ТВ“ дека слушнал гласен тресок пред луѓето околу него да почнат да паничат.
„Ми требаа две или три секунди да сфатам што се случува. Луѓето почнаа да велат: „Мора да излеземе од тука, мора брзо да заминеме“, поради што срцето почна брзо да ми чука, па станав и избегав“, изјавил очевидецот за телевизијата.
Мажот претходно ѝ бил познат на полицијата поради семејно насилство, соопшти обвинителството.

