Свет
Филипини – крвав политички масакр
Загинувањето на 18 новинари во крвав политички масакр во Филипини, во понеделникот, е најцрн ден за новинарството во светот.
Загинувањето на 18 новинари во крвав политички масакр во Филипини, во понеделникот, е најцрн ден за новинарството во светот.
Ова се наведува во соопштението на меѓународната новинарска организација „Репортери без граници“.
Вкупно има 52 убиени во незапаметениот политички злостор што се случи во понеделникот на Минданaо, еден од најјужните острови во Филипини.
Политичкиот масакр во Филипини е „гнасен злостор“ се вели во острата реакција на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан ки Мун.
Филипини денеска со ден на жалост се простува од жртвите на масакрот. Претседателката Глорија Макапагал Аројо прогласи вонредна состојба на островот Минданао и во неколку јужни провинции во оваа островска држава.
Незапаметениот политички масакр, во кој покрај политички противници, повеќето жени, брутално беа убиени и новинари се случи на самиот почеток на кампањата за локални избори.
Нивните тела се пронајдени на повеќе локации во планинскиот дел на островот.Биле закопани во заеднички гробници. Според сведочењето на воени претставници жртвите биле групно стрелани. Имало и тела на кои им се отсечени главите.
Осомничени за злосторот се приврзеници на политичкиот клан Ампатуан, кои со години ја држат власта на островот Минданао. Жртвите се од кланот Мангуадату, чијj што претставник најави учество на претстојните локални избори.
Кандидатура не е поднесена, откако се масакрирани неговите приврзеници. Во конвојот биле сопругата на кандидатот, неговите сестри, главно жени и се очекувало дека противничкиот клан нема да врши насилства. Поради тоа во конвојот имало новинари.
Според тврдењето на опозициониот кандидат конвојот бил нападнат од околу сто вооружени цивили. Нив ги предводел еден од синовите на водачот на кланот Ампатуан, кој со години владее со островот Минданао.
Владеачкиот клан молчи и ова тврдење, засега не е демантирано. Војската и полицијата водат истрага. Според новинските извештаи кланот Ампатуан, е близок поддржувач на претседателката на Филипини.
На Филипини има најмалку 250 политички кланови, кои не избираат средства во борба за власт, бидејќи носи и висока заработувачка. Судирите, особено во јужниот дел од државата најчесто завршуваат со крвопролевање.
На локалните избори на Филипини во 2007 година имало 126 убиени, а три години пред тоа дури 189. / крај / ф/р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

