Свет
Перес ќе се обрати во германскиот Бундестаг на денот од холокаустот

По повод светскиот ден на жртвите од холокаустот свое обраќање во Бундестагот ќе има израелскиот претседател Шимон Перес,
По повод светскиот ден на жртвите од холокаустот свое обраќање во Бундестагот ќе има израелскиот претседател Шимон Перес, кој денеска пристигна во официјална посета на Германија.
После Езер Вајцман и Моше Кацав, кои се обратија во германскиот сојузен парламент во 1996 и 2005 година, Перес е третиот израелски претседател кој во среда ќе говори пред германските пратеници.
Руските трупи го ослободија нацистичкиот логор Аушвиц на 27 јануари 1945.
Овој ден во Германија од 1996 година се слави како ден за сеќавање на жртвите од холокаустот.
Бундестагот секоја година на овој ден одржува посебна седница, на која присуствуваат претседателот на Бундестагот, канцеларот, претседателот на државата како и првиот човек на Уставниот суд./крај/бт/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин: Руските сили го решаваат прашањето за создавање на безбедносна тампон зона на границата со Украина

Руските вооружени сили во моментов го решаваат прашањето за создавање безбедносна тампон зона по должината на границата со Украина, изјави денес рускиот претседател Владимир Путин.
„Веќе реков дека е донесена одлука за создавање неопходна безбедносна тампон зона по должината на границата. Нашите вооружени сили моментално го решаваат овој проблем“, рече Путин за време на состанокот со членовите на руската влада.
Путин истакна дека руските сили „активно ги потиснуваат непријателските позиции на огнено оружје“, како и дека Украина избира цели кои „немаат воено значење, вклучувајќи цивилни објекти, куќи и луѓе“, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека главната задача за обезбедување на безбедноста е деминирање на пограничните области каде што имало борби, додавајќи дека е потребна поголема помош за жителите на тие региони, пренесува Танјуг.
Свет
Иран: Ќе одговориме решително и разорно на секој израелски напад

Иран денес соопшти дека ќе одговори „решително и разорно“ на секој израелски напад, откако Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски разузнавачки извори, пред неколку дена објави дека Израел можеби подготвува напади врз иранските нуклеарни постројки.
„Тие сакаат да нè исплашат со војна, но погрешно пресметаа бидејќи не се свесни за воената и народната поддршка што Исламската Република може да ја добие во воени услови“, рече Алимохамед Наини, портпарол на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Во исто време, во врска со извештаите дека Израел можеби подготвува напади врз Иран, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека САД ќе сносат правна одговорност во случај на израелски напад врз иранските нуклеарни постројки.
Утре Техеран и Вашингтон ќе ја одржат петтата рунда преговори за нуклеарната програма на Иран во Рим. Постои големо несогласување меѓу двете страни околу збогатувањето на ураниум од страна на Иран. САД предупредуваат дека ако Иран продолжи да збогатува ураниум, на крајот би можел да развие нуклеарна бомба. Иран тврди дека развива нуклеарна програма исклучиво за цивилни цели.
Пропаѓањето на американско-иранските преговори или новиот нуклеарен договор што нема да ги ублажи загриженостите на Израел за развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран би можел да го натера Израел да започне воздушни напади врз својот најголем непријател, велат дипломати.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, завчера ги нарече барањата на САД, Иран да го прекине збогатувањето на ураниум, прекумерни и скандалозни, доведувајќи го во прашање успехот на преговорите. Минатата година, Иран и Израел се судрија директно во април и октомври, зголемувајќи го ризикот од регионален конфликт.
Свет
Во Вашингтон се убиени Јарон и Сара, објави Амбасадата на Израел

Млад пар, двајцата вработени во израелската амбасада, беа застрелани вчеравечер додека си заминуваа од настан во Музејот на еврејско наследство во Вашингтон, а осомничениот е 30-годишниот Елијас Родригез од Чикаго, кој сега е во притвор, соопштија официјални лица.
„Јарон и Сара беа наши пријатели и колеги. Тие беа во својот најдобар период.
Вечерва, тие беа застрелани и убиени од терорист додека си заминуваа од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.
Целиот персонал на Амбасадата е скршен и потресен поради нивното убиство. Нема зборови со кои може да се опишат длабочината на нашата тага и ужасот поради оваа страшна загуба.
Нашите срца се со нивните семејства, а Амбасадата ќе им биде на располагање во ова ужасно тешко време“, соопшти израелската амбасада на X.
Шефот на метрополитенската полиција во Вашингтон, Памела Смит, изјави дека човекот отворил оган врз група од четири лица, убивајќи двајца. Тој бил виден пред Музејот пред пукањето.
Родригез е единствениот осомничен досега. „Кога беше приведен, тој извикуваше ‘Слободна Палестина, слободна Палестина’“, рече Смит додавајќи дека „по пукањето, влегол во Музејот и веднаш бил приведен од обезбедувањето. Му ставиле лисици, а тој им кажал каде го фрлил оружјето, кое веднаш било пронајдено, што довело до заклучок дека го извршил злосторството“.
„Осомничениот немал претходна историја на проблеми или контакт со полицијата“, рече Смит.
Израелскиот амбасадор во Соединетите Американски Држави, Јехиел Лајтер, изјави дека младиот човек што беше убиен „купил прстен оваа недела со намера да ѝ предложи брак на својата девојка во Ерусалим следната недела“.
Претседателот Доналд Трамп го осуди пукањето. „Овие ужасни убиства што се случија во Вашингтон, јасно засновани на антисемитизам, мора да престанат, СЕГА!“, напиша тој во порака на Truth Social. „Нема место за омраза и радикализам во Соединетите Американски Држави“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека е шокиран од убиствата.
„Срцето ме боли за семејствата на младиот маж и на младата жена, чии животи беа прекинати од ова гнасно антисемитско убиство. Наредив зголемени безбедносни мерки во израелските мисии во целиот свет, како и за владини претставници“, рече тој.
Израелскиот претседател Исак Херцог и американскиот државен секретар Марко Рубио го осудија инцидентот, а министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем напиша во објава на X: „Ќе го изведеме овој изопачен сторител пред лицето на правдата“.