Свет
Еуростар мора да ги заштити локомотивите од влага

Еуростар, чии возови сообраќаат под Ла Манш, својата електронска опрема мора подобро да ја заштити од влага и да го подобри системот за комуникација
Еуростар, чии возови сообраќаат под Ла Манш, својата електронска опрема мора подобро да ја заштити од влага и да го подобри системот за комуникација.
Ова го наложи независната ревизија, која уследи, по настаните на крајот на минатата година, кога под Ла Манш со часови стоеја пет возови со над две илјади патници.
Истрагата покажа дека електронската опрема, што ја користи Еуростар не била доволно заштитена. Филтрите не го спречиле дотокот на водата, од топењето на снегот, и таа навлегла во електронските контролни табли во локомотивата, предизвикувајќи дефект.
Ревизорите наложија и подобрување на системот за комуникација меѓу возовите и Еуростар во случај на проблеми, како оние од крајот на декември лани, кога некои од заглавените две илјади луѓе, останаа во студените и темни тунели под Ла Манш и до 16 часови.
Еуростар оперира со железничката врска меѓу Лондон и Париз, односно Брисел, а слични проблеми имаше и во 1996 година. /крај/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Турски аналитичар: Трамп прерано брзаше со иницијативите за Украина

Турскиот политички аналитичар Фатих Јончалик оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп брзал во своите напори за решавање на украинскиот конфликт, пренесува РИА Новости.
Јончалик истакна дека главниот проблем е што Киев и западните сили немаат вистинска волја да бараат мир, поради што процесот остана без резултати.
„Можеби грешката на Доналд Трамп беше што брзаше да воспостави мир. Ова го покажуваат резултатите од состанокот меѓу лидерите на САД и Русија во Алјаска. Поточно, недостатокот на резултати. Сè уште не се постигнати конкретни договори со Алјаска“, рече аналитичарот.
Средбата меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин се одржа на 15 август во Алјаска. Самитот во формат „три на три“ траеше два часа и 45 минути, но без конкретни договори, пренесува медиумот.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп најави смртна казна за убиствата во Вашингтон: „Немаме избор“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација ќе бара смртна казна во случаи на убиства во Вашингтон.
„Кој и да убие некого во главниот град – смртна казна. Главниот град – смртна казна. Ако некој убие некого во Вашингтон, ние ќе бараме смртна казна“, рече претседателот за време на денешниот состанок со членовите на владата.
Тој рече дека ова е многу силна превентивна мерка. „Не знам дали сме подготвени за тоа во оваа земја, но немаме избор“, рече Трамп.
Тој додаде дека оваа мерка ќе се примени во Вашингтон, додека „федералните држави ќе мора сами да одлучат“.
Две недели, стотици членови на Националната гарда патролираат по улиците на главниот град на САД откако Трамп прогласи вонредна состојба, тврдејќи дека Вашингтон е погоден од бран на криминал. Министерот за одбрана, Пит Хегсет, минатата недела им даде овластување на тие војници да носат оружје по улиците на главниот град.
Локалната единица на Националната гарда на Вашингтон објави во неделата дека нејзиниот персонал ќе употреби сила само „како последно средство и само како одговор на непосредна закана по живот или сериозна телесна повреда“.
Во меѓувреме, Трамп, член на Републиканската партија, објави дека можеби ќе ја прошири својата програма за борба против криминалот во Чикаго, каде што, како и во Вашингтон, демократите се на власт. Во неделата, тој исто така навести можност за испраќање на Националната гарда во Балтимор, град во државата Мериленд, кој исто така го водат демократите.
Трамп нема овластување да ја испрати војската во Чикаго, изјави демократскиот конгресмен Хаким Џефрис за Си-Ен-Ен во неделата, нарекувајќи го секое такво распоредување обид на Трамп да предизвика криза.
„Нема законска основа, а Доналд Трамп нема овластување да испраќа федерални трупи во Чикаго“, рече Џефрис во неделата.
Некои републикански гувернери веќе испратија стотици членови на Националната гарда во Вашингтон по наредба на Трамп. Според него, главниот град на САД беше погоден од бран криминал, иако официјалните податоци покажуваат дека бројот на кривични дела во градот е намален.
Во неделата, Трамп изјави дека сега „нема повеќе криминал“ во Вашингтон, припишувајќи го тоа на неговата одлука да испрати трупи и стотици федерални агенти во градот. Сепак, претседателот не понуди никакви докази за тоа тврдење, забележува Ројтерс.
Фото: принтскрин
Свет
Тајфунот направи хаос во делови од Југоисточна Азија: има загинати, повредени и исчезнати

Најмалку осум лица загинаа како резултат на обилните дождови што предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во делови од Југоисточна Азија.
Во Виетнам, седум лица ги загубија животите, едно лице е исчезнато, а 34 се повредени, објавија државните медиуми.
Во некои делови од земјата, преку ноќ наврнаа речиси 20 сантиметри дожд, а предупредувањата за поплави останаа на сила за некои крајбрежни области, објавува Асошиејтед Прес.
Во Тајланд, едно лице загина, а друго е исчезнато поради лизгање на земјиштето предизвикано од тајфунот Каџики.
Одделот за спречување и ублажување на катастрофи на Тајланд соопшти дека многу куќи се оштетени од бурата, а неколку лица се повредени поради ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во северните делови на земјата.
Метеоролошките служби на Лаос го предупредија населението да се подготви за доаѓањето на тајфунот, а со него и грмотевици, обилни врнежи од дожд и силни ветрови низ целата земја.
Фото: принтскрин