Свет
ДУИ во живо на МТВ
Втората програма на МТВ денеска директно ќе го пренесува конгресот на ДУИ во Тетово, бидејќи раководството на програмата на албански јазик проценило дека тој настан е од голем јавен интерес.
КАКО СЕ ТРОШАТ ПАРИТЕ ОД ПРЕТПЛАТниците
Втората програма на МТВ денеска директно ќе го пренесува конгресот на ДУИ во Тетово, бидејќи раководството на програмата на албански јазик проценило дека тој настан е од голем јавен интерес. Директниот пренос на денешниот конгрес на ДУИ од Тетово ќе ја чини куќата околу 100.000 евра, тврдат извори во МТВ. Пратениците на ДУИ вчера не го криеја задоволството што нивниот конгресот ќе добие таков голем медиумски третман. – Првпат ќе има директен пренос од конгрес на некоја партија на Албанците во Македонија и тоа не по наше, туку по барање на Втората програма на МТВ. Ништо нема да ни наплатат за тоа, бидејќи сами бараа да ни го пренесуваат конгресот во живо – вели Рафиз Алити, пратеник и потпретседател на ДУИ. Заменик-генералниот директор на МРТВ, Назиф Буши, кадар на ДУИ од чаирскиот разгранок, ја потврди информацијата. Но, тој одби да одговори дали за одлуката се консултирал со генералната директорка Гордана Стошиќ и дали таа го одобрила тоа. На прашањето како проценил дека партискиот конгрес е од голем јавен интерес за да биде директно пренесуван, Буши одговори: – Ќе го пренесуваме свечениот дел од конгресот. Проценивме дека тоа е од јавен интерес, бидејќи се работи за прв конгрес на владејачката ДУИ. Преносот е по наша иницијатива и се разбира дека за тоа не побаравме пари од ДУИ – вели Буши. Директорката Стошиќ вчера беше зафатена за да одговори дали Буши побарал одобрение за пренос на конгресот на ДУИ и дали е од јавен интерес нечиј партиски конгрес да се пренесува на државната телевизија. Според протоколот, свечениот дел на конгресот ќе трае два часа и е предвидено говор да одржи Али Ахмети, а ќе се обратат и некои од гостите. (М.Т.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан до Зеленски: Ми ласкаш, но не можам да ги поддржам твоите воени напори
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија не може да ги поддржи украинските воени напори, иако, како што наведе, ќе продолжи да му помага на украинското население.
„Ми се чини дека нема да можеме да се разбереме. Јас сум слободен човек кој му служи на унгарскиот народ. Ти си човек во очајна ситуација кој веќе четврта година не може или не сака да ја приведе војната кон крај, и покрај фактот дека американскиот претседател обезбеди сè што беше можно за тоа“, му порача Орбан на Зеленски.
Во објава на социјалните мрежи, Орбан напиша:
„Затоа, колку и да ми ласкаш, не можеме да ги поддржиме твоите воени напори. Украинскиот народ, секако, и покрај твоите внимателно одбрани навреди, и понатаму може да смета на тоа дека ќе продолжиме да ја снабдуваме вашата земја со електрична енергија и гориво, како и дека ќе продолжиме да им помагаме на бегалците кои доаѓаат од Украина.“
Пораката ја заврши со зборовите: „Останатото ќе го реши самиот живот и секој ќе го добие она што го заслужува.“
Објавата на Орбан уследи по говорот на Володимир Зеленски на Светски економски форум, каде што украинскиот претседател критикуваше дел од европските сојузници, меѓу кои и Унгарија.
Во својот говор, Зеленски порача дека „силите кои сакаат да ја уништат Европа не губат ниту еден ден“ и дека тие можат да дејствуваат и внатре во Европска унија.
„Мора јасно да се каже: секој Виктор што живее од европските пари, а притоа ги распродава европските интереси, заслужува шлаканица по шеширот. И дури и ако некој се чувствува удобно во Москва, не би смееле да дозволиме европските престолнини да станат мали Москви“, рече Зеленски, алудирајќи на унгарскиот премиер.
Украинскиот претседател во истиот говор го критикуваше и поширокиот европски одговор на руската агресија, оценувајќи дека Европа, наместо единствен настап против Русија и градење вистинска глобална моќ, останува „фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“.
Фото: ЕПА
Свет
Tрамп испрати порака до Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата порака до рускиот лидер Владимир Путин е дека војната во Украина мора да заврши, по, како што рече, „добри“ разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос во четвртокот.
Американски и украински претставници веќе со недели интензивно водат шатл-дипломатија, додека Киев се соочува со притисок од Трамп да обезбеди мир во речиси четиригодишната војна, и покрај малите знаци дека Москва сака да ги прекине борбите.
По средбата со украинскиот лидер, која траела околу еден час, Трамп изјави дека разговорот бил „добар“, но не изнесе дополнителни детали за неговата содржина. Во средата, Трамп рече дека договорот е „разумно блиску“.
„Мислам дека средбата со претседателот Зеленски беше добра. Тоа е процес што трае“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека американските пратеници денес патуваат на разговори во Москва. На прашањето каква е неговата порака до Путин, Трамп одговори: „Војната мора да заврши.“
Зеленски претходно оваа недела изјави дека ќе отпатува во Давос само ако може да потпише договори со Трамп за американски безбедносни гаранции и финансирање на повоената обнова на Украина, но по средбата немаше индикации дека е постигнат напредок.
Двајцата лидери се сретнале лице в лице околу шест пати откако Трамп минатата година се врати во Белата куќа и ја смени американската политика кон Украина, прифаќајќи дипломатија со Русија.
Свет
Трамп сака промена на режимот во Куба до крајот на годината
Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да поттикне промена на режимот на Куба до крајот на годината, охрабрена од недамнешното апсење на венецуеланскиот лидер Николас Мадуро, пишува „Волстрит џурнал“. Белата куќа се надева дека преку пронаоѓање сојузници внатре во кубанската власт може да се постигне договор што брзо би довел до смена на раководството на островот, со кој од 2019 година владее Мигел Дијас-Канел.
Американски претставници одржуваат состаноци со кубански емигранти и претставници на граѓанското општество во Мајами и Вашингтон, со цел да идентификуваат можни соработници во кубанскиот систем. Притоа укажуваат дека акцијата во Венецуела на 3 јануари била овозможена од агент од најтесниот круг на Мадуро и дека тоа треба да биде предупредување за Куба.
Трамп изразил намера за повторно воспоставување американска доминација во Латинска Америка, што неговите сојузници го нарекле „Донро доктрина“, алузија на Монроовата доктрина од 1823 година. По апсењето на Мадуро, Трамп ѝ се закани на Куба преку социјалните мрежи, порачувајќи дека „нема да има повеќе нафта и пари“, но САД јавно не се заканиле со воена интервенција.
Куба се соочува со сериозни економски проблеми, недостиг од основни производи, масовно иселување и енергетска криза. Економистите предупредуваат дека земјата, која сега зависи од нафта од Мексико и Русија, може да остане без резерви за неколку недели.

