Свет
Aкутната фаза на пандемијата на коронавирусот ќе заврши во 2022, предвидува Бил Гејтс
Акутната фаза на пандемијата на коронавирусот ќе заврши во 2022 година, предвиде основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, на својот блог, но појавата на новиот сој омикрон ја нарече загрижувачка, пренесуваат агенците.
„Можеби не е паметно да се предвидат работите, но мислам дека акутната фаза на пандемијата ќе биде завршена во одреден момент во 2022 година“, напиша милијардерот на својот блог.
Фармацевтските компании во минатото имаа големи проблеми со продажбата на своите вакцини против грип бидејќи тие имаат релативно ниска ефикасност во споредба со другите вакцини бидејќи научниците треба да предвидат кој вид на вирусот ќе биде распространет во дадена година.
Гејтс, сепак, има цврст став кога станува збор за терапиите и истакнува дека фармацевтскиот гигант „Мерк“ неодамна доби одобрение од ФДА за својот антивирусен лек „молнупиравир“, кој им се препишува на луѓе со висок ризик од Ковид-19. Овој лек значително ги намалува шансите за хоспитализација или смрт од коронавирусот, напиша тој.
Гејтс призна дека, и покрај широката употреба на вакцини против Ковид-19 во светот, повеќе луѓе починале во 2021 година отколку во 2020 година додавајќи дека подобрувањето оваа година не било драматично како што се надевал.
Инаку, богатството на Гејтс се зголеми на 137 милијарди долари за време на пандемијата и тој стана четвртиот најбогат човек во светот.
Тој ја нарече појавата на новиот сој омикрон загрижувачка, но нагласи дека светот е подобро подготвен да се бори со потенцијално опасните варијанти отколку што беше. Инаку, јужноафриканските научници, кои ја открија варијантата омикрон, тврдат дека симптомите на болеста предизвикана од овој сој на вирусот се генерално поблаги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

