Европа
Барселона планира да забрани изнајмување станови на туристи
Барселона денеска објави дека до 2028 година ќе го забрани издавањето станови на туристи, со што сака да го спречи растот на трошоците за домување и да им овозможи на граѓаните да живеат во свој град.
Левичарскиот градоначалник на градот, Жауме Колбони, рече дека до ноември 2028 година, Барселона ќе ги одземе лиценците на 10.101 станови кои моментално се лиценцирани за краткорочно изнајмување.
„Се справуваме со она што го сметаме за најголем проблем на Барселона“, рече Колбони на настанот на градската влада.
Краткорочниот бум на изнајмување во Барселона, најпосетуваниот град во Шпанија, остави некои граѓани да не можат да си дозволат кирија откако кириите се зголемија за 68 отсто, а цените на недвижниот имот за 38 отсто во изминатите 10 години, рече тој. Пристапот до домување стана двигател на нееднаквоста, особено за младите луѓе, додаде тој.
Во последните десет години, локалните власти воведоа ограничувања за краткорочно изнајмување на Канарските Острови, Лисабон и Берлин.
Социјалистичката министерка за домување на Шпанија, Изабел Родригез, рече дека ја поддржува одлуката.
„Станува збор за правење сè што е потребно за да се гарантира пристап до прифатливи станови“, објави таа на Икс.
Airbnb, платформата за изнајмување станови, не одговори на барањето за коментар.
„Колбони прави грешка што ќе доведе до сиромаштија и невработеност“, соопшти асоцијацијата за изнајмување на туристички станови во Барселона АПАРТУР, додавајќи дека забраната ќе доведе до зголемување на нелегалните изнајмувања на станови.
Одлуката ќе биде од корист за хотелите. Екстремно левичарската партија која владееше со Барселона од 2015 до 2023 година забрани отворање на нови хотели во најпопуларните области во градот, но Колбони навести дека може да ги ублажи ограничувањата.
Од хотелската асоцијација на Барселона не сакаа да ја коментираат веста.
Тие 10.000 станови ќе ги користат граѓаните или ќе завршат на пазарот под кирија или продажба“, рече градоначалникот.
Локалните власти најавија строги инспекции кога забраната ќе стапи на сила.
Во последниве години во Барселона не беше дозволена регистрација на нови туристички апартмани. Од 2016 година локалната власт нареди затворање на 9.700 диви туристички станови и речиси 3.500 станови повторно ги користат граѓаните за домување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Франција издаде налог за апсење на Башар ал-Асад
Француското правосудство вчера издаде налог за апсење на соборениот сириски лидер Башар ал-Асад под сомнение дека учествувал во воени злосторства, особено во врска со смртта на маж со француско-сириско потекло во 2017 година. Истражните судии го сомничат Асад за соучесништво во убиства и напади врз цивили.
Весникот „Ле Паризиен“ објави дека 59-годишен маж бил убиен кога неговата куќа, во јужниот сириски град Дара, била бомбардирана од хеликоптери на сириската армија во јуни 2017 година. Повикувајќи се на истражители, весникот наведува дека француското правосудство се сомнева дека Асад го наредил нападот и ги обезбедил потребните средства за него. Во тоа време владата на Асад се обидуваше да ја преземе контролата врз Дара од опозициските сили.
Во 2023 година француското правосудство издаде налог за апсење на Ал-Асад во врска со напади со хемиско оружје. Ова особено се однесува за тешките хемиски напади во регионот Источна Гута во близина на Дамаск во август 2013 година. Во нападот со нервен гас сарин загинаа стотици луѓе. Организациите за човекови права известуваат за повеќе од 1.000 смртни случаи.
Европа
Семејството се спаси, но не и 17-годишната девојка: заедно бегале од пожарот во турскиот хотел, а потоа таа исчезнала
Најмалку 76 лица загинаа во страотниот пожар што избувна во хотел во Турција среде ноќ, меѓу кои и една тинејџерка (17), чие цело семејство избега.
Стоматологот Мачит Каратасли и неговото семејство биле на одмор во хотел во ски-центар кога избувнал пожарот. Семејството кое беше зафатено во пожар додека спиеше, како и повеќето гости, среде голема паника успеало да побегне од хотелот. Меѓутоа, неговата ќерка Озум (17) не преживеала.
Според медиумите, семејството почнало да бега од пожарот, но во еден момент Озум истрчала во друга насока и исчезнала.
Семејството почнало да ја бара веднаш по несреќата, но за жал дошло до трагично откритие. Нивната ќерка не можела да го напушти хотелот и загинала во пожарот.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја синоќа изјави дека бројот на загинати во хотелот во ски-центарот Карталкаја се искачи на 76, а во врска со пожарот досега се приведени девет лица.
Пожарот што вчера рано наутро избувна на последните катови на хотелот „Гранд Картал“ од засега непозната причина траеше десетина часа, а во гаснењето учествуваа и пожарникари од околните градови, јавува Анадолија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека среда, 22 јануари, е прогласен за ден на национална жалост за жртвите од пожарот.
Европа
12-годишно момче избодено до смрт во Британија, уапсен 14-годишник
Момче (12) починало откако било избодено со нож во Бирмингем, а 14-годишник е уапсен под сомнение за убиство, јавува „Скај Њуз“.
Британската полиција побара од јавноста какви било информации поврзани со смртта на 12-годишното момче, кое беше пронајдено со тешки повреди вчера околу 15 часот во близина на Скриберс Лејн во југоисточниот град Хол Грин.
Момчето било пренесено во болница, но починало од повредите. Семејството на жртвата е известено и е поддржано од специјалисти, велат од полицијата. Истрагата е во тек, а полицијата отвори портал на кој граѓаните доколку знаат нешто можат да ги контактираат.