Европа
Германија прими повеќе од 250.000 украински бегалци

Повеќе од четвртина милион бегалци кои бегаат од војната во Украина пристигнале во Германија, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.
Германската полиција до петок регистрирала 253.157 бегалци. Вистинскиот број на бегалци кои пристигнуваат може да биде значително поголем поради недостатокот на гранични проверки меѓу Полска и Германија, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи за Си-ен-ен.
Повеќето од бегалците кои пристигнуваат во Германија се жени, деца и постари лица, изјави портпаролот.
Од почетокот на руската инвазија пред повеќе од четири недели, повеќе од 3,6 милиони Украинци ја напуштиле земјата, а повеќе од два милиони заминале во Полска, според статистиката на Обединетите нации.
Половина од сите украински деца се раселени од почетокот на рускиот напад на 24 февруари, пишува CNN.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кличко: Главна цел на Русија останува освојувањето на Киев

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, им се обрати на собраните на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека Русија сè уште се надева оти ќе го преземе главниот град на Украина.
„Јасно е дека не станува збор за специјална воена операција, како што тврди Русија, туку за војна, една од најголемите по Втората светска војна. Илјадници луѓе загинаа, меѓу кои и многу деца, а на истокот на земјата се води голема битка“, рече Кличко.
Тој рече дека не е тајна оти окупацијата на цела Украина и понатаму е приоритет на Русија, „а нејзината главна цел е главниот град, срцето на земјата“, додавајќи дека „целиот свет виде докази за воени злосторства преку сателитските снимки на Буча“.
„Сите разбираат дека ова не е специјална операција, туку геноцид врз украинскиот народ“, рече Кличко мислејќи на човечкото страдање во Украина, пренесуваат медиумите.
Европа
Украина: Двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства

Двајца руски војници, кои беа заробени од украинските сили, денеска, за време на второто судење за воени злосторства во војната во Украина, ја признаа вината за гранатирањето на град во источниот дел на таа земја.
За време на судењето во Окружниот суд во Котелевск во централна Украина, државните обвинители побараа казна од 12 години затвор за Александар Бобикин и Александар Иванов за, како што наведоа, кршење на законот за војна, пренесува „Ројтерс“.
Бобикин и Иванов признаа дека биле дел од артилериска единица, која од областа Белгород во Русија гаѓала цели во областа Харков.
Европа
Шолц: Русија нема да победи во војната во Украина, ниту ќе ги диктира условите за мир

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Русија нема да победи во војната во Украина и посочи дека Москва не смее да ги диктира условите за каков било мир.
„Путин сериозно ќе преговара за мир само ако сфати дека не може да ја пробие одбраната на Украина“, рече Шолц во говорот на Светскиот економски форум во Давос, пренесува „Ројтерс“.