Европа
Експлозија во рудник во Полска: Четворица рудари загинаа, шест се уште под земја

Четворица рудари загинаа во експлозија во рудник за јаглен во јужна Полска, а спасувачите се уште се обидуваат да стигнат до шестемина заробени рудари кои останаа под земја, изјави денеска сопственикот на рудникот, ЈСВ.
Компанијата ЈСВ, која стопанисува со рудникот, вчера соопшти дека во рудникот Бориња-Зофјовка има 52 рудари, дека 42 од нив успеале сами да го напуштат, а спасувачките екипи трагаат по 10 исчезнати рудари.
Претходно денеска, компанијата ЈСВ преку соопштение наведе дека по многу часови спасувачите доцна во саботата стигнале до четворица рудари, но дека тие не дале знаци на живот.
– Условите ни дозволуваат да ја продолжиме потрагата по нашите шест колеги – изјави за новинарите извршниот директор на ЈСВ, Томас Кудни.
Ова е втора несреќа за една недела во рудник за јаглен во сопственост на ЈСВ.
Минатата среда пет лица загинаа, а седум останаа заробени во рудникот за јаглен Пњовјек во јужна Полска по експлозијата, потсетува Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кипар од 1 јуни ќе ги укине сите мерки за корона

Кипар ќе ги укине сите ограничувања за коронавирусот од 1 јуни, соопштија денеска властите во Никозија.
Нема да бидат потребни повеќе сертификати или тестови за вакцинација, а владата одлучи да ја укине обврската за носење маски за лице во сите затворени простори, освен во болниците, домовите за стари лица и другите затворени медицински установи, од 1 јуни, пренесува АП.
Европа
Кадиров: Полска може да биде следна

Лидерот на руската јужна провинција Чеченија, Рамзан Кадиров, кој е поддржан од Кремљ, објави видео во кое предупредува дека Полска би можела да биде следна по Украина, пренесува Бета.
Во видеото што го објави на својата страница на Телеграм, Кадиров рече дека Украина е „завршена работа“.
Полска, која граничи со Украина, од почетокот на руската инвазија на Украина и испраќа оружје и друга помош и досега прими милиони украински бегалци.
Кадиров потоа го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски „конечно да се вразуми“ и да ги прифати условите понудени од рускиот претседател Владимир Путин.
Кадиров постојано ги користеше социјалните мрежи за да се пофали со наводните настапи на чеченските борци против украинските војници и да дава други непотврдени изјави за војната во Украина, пренесе „Бета“.
Европа
Кулеба: Пристигнува уште тешко оружје од САД

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска по телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти дека во Украина пристигнува уште тешко оружје.
Тешкото оружје е на врвот на агендата на Киев и ни доаѓаат повеќе испораки“, напиша Кулеба на Твитер.
Досега Вашингтон одбиваше да испорача напредни повеќекратни ракетни системи со долг дострел на Украина поради страв дека тие би можеле да бидат искористени за напад на руска територија, што би го ескалирало конфликтот, пренесе „Танјуг“.