Европа
Истрага: Лубиц единствен виновник за падот на авионот на Germanwings

Германските обвинители ја завршија истрагата за падот на авионот на Germanwings во француските Алпи во 2015 година, при што било констатирано дека никој, освен копилотот Андреас Лубиц, не бил вклучен во намерното предизвикување на несреќата, пренесува AP.
Обвинителот Кристоф Кумпа од Дизелдорф соопшти дека истрагата е завршена и дека нема индикации дека уште некој освен копилотот бил вклучен во уривањето на леталото.
Лубиц на 25 март 2015 година, кога капетанот на авионот бил надвор од кокпитот, се заклучил и намерно го наместил курсот на авионот да удри во планинските врвови.
Сите 150 луѓе на летот, вклучително и Лубиц, загинале.
Лубиц пател од депресија неколку месеци пред несреќата, но болеста ја сокривал од работодавците.
Француските власти спроведуваат сопствена истрага за несреќата. /крај/он/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Руската компанија „Форес“ ќе им плати 72.000 долари на војниците што први ќе уништат или запленат западен тенк во Украина

Руската компанија „Форес“ соопшти дека ќе им плати 72.000 долари во готовина на војниците што први ќе уништат или запленат тенкови од западно производство во Украина, како и 7.200 долари за секој следен таков обид.
Кремљ претходно вети дека руските сили ќе ги уништат сите западни тенкови што ѝ се испорачуваат на Украина, пренесува „Ројтерс“.
Компанијата од Урал, која се занимава со енергетската индустрија, исто така најави дека ќе плати награда од 215.000 долари за секој уништен борбен авион од западно производство доколку некогаш биде испорачан во Киев, пренесе „Танјуг“.
Европа
Полска ќе испрати авиони „Ф-16“ во Украина

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека Полска е подготвена да испрати борбени авиони „Ф-16“ од американско производство.
„По ова прашање, ќе дејствуваме во координација со другите членки на НАТО и со САД“, рече Моравјецки.
Сè повеќе воени претставници во Пентагон тивко лобираат да одобрат испраќање борбени авиони ‘Ф-16’ во Украина за да ѝ помогнат да се одбрани од руски беспилотни летала и ракети, потврдија за „Политико“ три извори запознаени со ситуацијата.
Американските „Ф-16“ се блиску до врвот на листата на желби на Украина од почетокот на руската инвазија. Сепак, и Вашингтон и Киев досега им даваа приоритет на артилеријата, оклопните возила и на системите за противвоздушна одбрана поради потребата да се заштити цивилната инфраструктура, но и да се почне со ослободување на териториите окупирани од руските сили.
Но, имајќи предвид дека Украина планира да почне нова офанзива напролет за ослободување на окупираните територии, кампањата за испраќање борбени авиони на Украинците се вжештува во американското Министерство за одбрана, претставник на Министерството и уште две лица вклучени во разговорите во Пентагон потврдија за „Политико“.
Во саботата висок украински функционер изјави дека Украина и нејзините западни сојузници почнале разговори за можно распоредување борбени авиони и ракети со долг дострел. Советник на украинската влада изјави дека темата била иницирана во разговорите со Вашингтон додавајќи дека „сè уште нема ништо сериозно“ на масата.
Еден извор на „Политико“, запознаен со разговорите меѓу Вашингтон и Киев, рекол дека „може да поминат неколку недели“ пред американската одлука за испраќање сопствен авион „Ф-16“ или одобрение за други земји за реекспорт на такви авиони во Украина.
„Ако ги добиеме, нашата предност на бојното поле ќе биде огромна… Не зборуваме само за ‘Ф-16’, туку сакаме авиони од четврта генерација“, изјави за „Ројтерс“, Јури Сак, советник на украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников.
Европа
Лавров: Полска и балтичките земји би можеле да ги прекинат сите контакти со Русија

Руското Министерство за надворешни работи објави текст во кој министерот Сергеј Лавров одговара на прашања поврзани со ситуацијата во Украина и наведува дека дипломатските односи меѓу Русија и нејзините балтички соседи се пропаднати.
„Во Полска и балтичките земји веќе долго време се води русофобна кампања и тие се обидуваат да бидат соработници во антируските напори на Западот. Неодамна билатералните односи со овие земји се влошија катастрофално, а односите се практично сведени на нула“, рече Лавров, а пренесува „Гардијан“.
„Ние не сме за прекин на дипломатските односи. Дури и во најтешката ситуација потребно е да се одржат каналите за дијалог. Не можеме да исклучиме дека тие земји, поради нивниот антируски однос, ќе одлучат целосно да ги прекинат контактите со нас. Ако тоа се случи, тогаш одговорноста за овој чекор и неговите последици целосно паѓаат на раководството на тие земји“, додаде тој.
„Ние имаме намера да ги браниме нашите национални интереси, а противниците мора да разберат дека нивните постапки ќе имаат долгорочни последици. Руската дипломатија ќе продолжи да се придржува до основните принципи на надворешната политика на нашата земја, како што се независноста, почитувањето на меѓународното право, грижата за националните интереси и отвореноста за заемно корисна соработка“, вели рускиот министер за надворешни работи, пренесе „Индекс.хр“.