Европа
Корупциски скандал во Брисел, „Хуавеј“ осомничен за поткуп на европратеници

Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ е во центарот на новиот случај на корупција во Брисел. Денеска, белгиската полиција изврши претрес во домовите на неговите лобисти, откриваат Follow the Money и нивните медиумски партнери Le Soir и Knack.
Властите се сомневаат дека лобистите на „Хуавеј“ им дале мито на членовите на Европскиот парламент во замена за поддршка на нивната кауза во Европската Унија. Речиси 15 поранешни и сегашни пратеници се на радарот на истражителите, се дознава.
Во раните утрински часови белгиската федерална полиција изврши претрес во канцеларијата на „Хуавеј“ во ЕУ и во домовите на лобистите за кинеската технолошка компанија под сомнение за поткуп, фалсификување, перење пари и злосторничко здружување, изјавија луѓе блиски до истрагата за Follow the Money и белгиските медиуми Le Soir и Knack.
Вкупно 21 локација во Брисел, Фландрија, Валонија и во Португалија беа претресени како дел од широката истрага за корупција. Запленети се повеќе документи и предмети, но не се извршени претреси во Европскиот парламент.
Полицијата бара докази дека претставници на кинеска компанија го прекршиле законот при лобирање кај членовите на Европскиот парламент (ЕП), велат извори. Рациите во зората беа дел од истрагата на тајната полиција, која почна пред речиси две години по дојава од белгиската тајна служба.
Според еден извор близок до случајот, „петнаесетина (поранешни) пратеници се на радарот“ на истражителите. За сегашните европратеници, белгиските обвинители ќе мора да побараат од Европскиот парламент да им го укине имунитетот за да може да истражат понатаму. Такво барање сѐ уште не е поднесено, велат изворите.
Канцеларијата на белгиското федерално обвинителство потврди дека неколку лица биле испрашани. Тие ќе бидат сослушани за нивната наводна вмешаност во практики на поткуп во Европскиот парламент и за фалсификување и употреба на фалсификувани документи. Се претпоставува дека делата ги извршила криминална организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Убиен украински командант; Зеленски: Ќе одговориме за овој напад

Во руски ракетен напад врз Хуљајпоље во областа Дњепропетровска беше убиен командантот на 110-та посебна механизирана бригада на Украина, Сергеј Захаревич, а ранети се уште 30 други, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Руската војска го нападна вчера округот Камјански, каде што се наоѓа селото Хуљајпоље, соопшти гувернерот Сергеј Лисак. Хуљајпоље, со население од околу 1.200 жители пред војната, се наоѓа во западниот дел на областа Дњепропетровска, на околу 70 километри од линијата на фронтот.
„Секако ќе им одговориме на Русите за овој напад“, објави Зеленски, додавајќи дека во моментов е во тек истрага за рускиот напад и дека чека извештај од воената команда.
Захаревич дипломирал на Одесскиот институт на копнените сили. Во февруари оваа година, тој беше назначен за командант на 110-та посебна механизирана бригада. Пред тоа, тој беше заменик-командант на 33-та механизирана бригада.
Тој учествуваше во неколку борбени мисии на фронтот. „Нашата армија изгуби уште еден претставник на новата генерација украински офицери кои пораснаа во битка и станаа модели на храброст и проактивно воено лидерство“, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили.
Европа
Путин сака странските валути да се вратат во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се отвора вратата за нови странски инвестиции на руските финансиски пазари, вклучително и од земји што Москва ги смета за „непријателски“, објави Блумберг.
Според декретот, новите инвеститори од странство ќе можат да инвестираат во руски хартии од вредност без да мора да ги чуваат своите пари на блокирани сметки од типот Ц.
Наместо тоа, ќе им биде дозволено да користат таканаречени ИН сметки, преку кои можат слободно да повлекуваат профит, објавува Блумберг.
Старите инвеститори сè уште се под блокада
Оваа промена се однесува исклучиво на новите инвеститори. Средствата што веќе се замрзнати, вклучувајќи десетици милијарди долари странски инвестиции, остануваат заробени во системот за контрола на капиталот, предупредува Блумберг.
Русија воведе строга контрола на капиталот по почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а декретот е јасно насочен кон привлекување нова странска валута во земјата, во време кога санкциите и растечките фискални притисоци се оптоваруваат со руските финансии.
Блумберг неодамна објави дека ситуацијата во руската економија е посериозна отколку што признаваат властите и дека постои реален ризик од системска криза во банкарскиот сектор во наредната година.
Во исто време, Ројтерс пишува дека властите во Москва охрабруваат постепена девалвација на рубљата кон ниво од околу 100 рубли за еден американски долар со цел да се зголемат приходите во државниот буџет. Гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, неодамна предупреди дека ресурсите што ја одржуваа економијата на површина во последните две години се исцрпени.
Европа
(Видео) Бомбардер „су-34“ се урна во Русија

Руски борбен авион Су-34 се урна вчера за време на воена вежба во регионот Нижни Новгород, објави руската државна новинска агенција РИА Новости, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
„Околу 13:00 часот по московско време, авион Су-34 се урна во регионот Нижни Новгород за време на планиран воена лет. Додека се приближуваше кон слетување, се појави дефект. Екипажот неколку пати се обиде да го поправи дефектот во лет, но ситуацијата не се промени. Затоа, го однесоа авионот на безбедно место и се катапултираа“, се вели во соопштението на министерството.
💥 Russia: During training, landing gear didn't come out on a Su-34 strike aircraft. The trainee pilot and his instructor co-pilot ejected and the aircraft crashed in Nizhny Novgorod.
The Su-34 costs up to $85 million.
The pilot instructor died after ejection. pic.twitter.com/OD5daTsW50— Igor Sushko (@igorsushko) July 1, 2025
Авионот не носел муниција и паднал во ненаселена област.
Иако првичните извештаи покажаа дека двајцата членови на екипажот преживеале, рускиот медиум „Маш“ подоцна објави дека еден од членовите на екипажот починал од повредите. Според извештаите, тој паднал на дрво откако се катапултирал.
Канал на Телеграм поврзан со руските воздухопловни сили, исто така ја објави несреќата. „Денес, авион Су-34 се урна во регионот Нижни Новгород. Навигаторот почина. Да леташ засекогаш, брате“, напиша каналот, објавувајќи видео од последните моменти пред падот на авионот.