Економија
Пандемијата ќе фрли во стечај дури 6.000 австриски фирми
Пандемијата на коронавирусот силно ја погоди австриската економија, па в година се очекува да доведе до банкрот на шест илјади компании, како и продолжување на трендот на висока невработеност. Поради короната, австрискиот јавен долг годинава ќе се зголеми од 70,5 проценти на 84 проценти од домашниот бруто-производ (БДП), в година ќе се зголеми на 84,8 проценти, а во 2022 година на 85 проценти.
За да се надмине корона-кризата, австриската влада стави на располагање 50 милијарди евра, а добар дел од тие пари е обврски и одложувања на данокот.
Во услови на економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот директорите за финансии на австриските компании се насочија кон намалување на трошоците и забрзување на дигитализацијата, што ќе резултира во многу компании дополнително да се намалат бројот на вработени во следните месеци, според истражувањето на „Делоит“.
Дури 92 процента од финансиските директори во следните 12 месеци им даваат приоритет на мерките за намалување на трошоците и проширување на дигитализацијата, а аквизициите или зголемените инвестиции играат мала улога во нивните планови. Бројот на невработени во Австрија во моментот изнесува 413,24 илјади, што е 71 илјада повеќе отколку во истиот период минатата година. Најголем број невработени е регистриран во средината на април како резултат на почетокот на пандемијата. Во тоа време имаше 588,2 илјади невработени регистрирани во Службата за вработување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
На 15 октомври почнува грејната сезона: РКЕ со апел до граѓаните да ги проверат инсталациите и да ги намират сметките
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, грејната сезона започнува на 15 октомври 2024 и завршува на 15 април 2025 година.
Појаснуваат дека доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.
РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници. Во исто време РКЕ и со официјален писмен допис побара од снабдувачите со топлинска енергија информација за спремност за старт на грејната сезона.
Согласно последната одлука од 1 август 2024, сметките за топлинска енергија за домаќинствата се пониски за 3,16 %, додека околу 1200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат пониска цена за 17 %.
Економија
Отворен конкурс на тема штедење – учениците може да испратат литература или ликовна творба
Народната банка и Министерството за финансии традиционално, дванаесетта година по ред, по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври го објавија Конкурсот за учениците од основното и средното образование. Целта на Конкурсот е да се поттикне креативноста, имагинацијата, како и интересот на учениците за штедењето и едукација на младите за овој сегмент во финансиската сфера.
Учениците од основното образование може да испратат литературна и / или ликовна творба на темата: „Штедењето – наша навика и наша потреба!“. За избраните 12 најдобри творби на учениците од основното образование ќе им бидат доделени парични награди, и тоа: 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 1. до 5. одделение; 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 6. до 9. одделение; 3 награди за најдобра песна за учениците од 1. до 5. одделение и 3 награди за најдобар расказ за учениците од 6. до 9. одделение.
Учениците од средното образование може да испратат литературна творба ‒ есеј на темата: „Финансиската едукација на младите – основа за подобро управување со парите и заштита од финансиски измами во новото дигитално време“. За избраните 3 најдобри творби на учениците од средното образование ќе им бидат доделени парични награди.
Крајниот рок за доставување на творбите е 18 октомври 2024 година.
Списокот на наградените ученици ќе биде објавен најдоцна до 31 октомври 2024 година, на интернет-страниците на Народната банка и на Министерството за финансии.
Народната банка и Министерството за финансии ги повикуваат заинтересираните ученици да достават творби на објавениот конкурс. Веруваме дека и оваа година Конкурсот ќе предизвика голем интерес меѓу учениците од основните и средните училишта во нашата земја и дека дополнително ќе го поттикне стекнувањето и развивањето на навиките за штедење.
Економија
Утре почнува јубилејната десетта меѓународна конференција во организација на Народната банка
Гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународните финансиски институции и меѓународната академска заедница ќе зборуваат за повеќе актуелни прашања на утрешната, јубилејна, Десетта меѓународна конференција на тема „Централните банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: покажување посветеност и одржување на кредибилитетот“, којашто традиционално ја организира Народната банка, оваа година во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).
Конференцијата на високо ниво ќе ја отворат со свои обраќања претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова и челните претставници на институциите организаторки, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Воведно обраќање на Конференцијата ќе има и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер. Исто така, на Конференцијата ќе учествуваат и гувернерите на Молдавија, Словенија, Хрватска, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово, член на Одборот на централната банка на Литванија, претседавачот на Европскиот банкарски орган, извршниот директор на Алијансата за финансиска инклузија, високи претставници на Светската банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Европската централна банка (ЕЦБ), како и на други истакнати меѓународни институции и академски претставници.
Отворањето на Конференцијата, на 1 октомври 2024 година, е со почеток во 9 часот, а настанот можете да го проследите на следнава ВРСКА.