Европа
Напаѓачот уапсен, полицијата пронајде мачета и сатар на местото на нападот во Париз
„Бев во мојата канцеларија. Слушнав врисоци на патот. Погледнав низ прозорецот и видов жена која лежеше на подот и имаше повреда на лицето веројатно од мачета“, изјави сведок за радиото Европа 1.
„Го видов и вториот сосед на подот и веднаш отидов да им помогнам”, ја пренесуваат медиумите неговата изјава, по нападот што се случи во близина на поранешното седиште на магазинот „Шали ебдо“ во Париз, при што четири лица се повредени, од кои двајца се во тешка состојба.
Париската полиција соопшти дека едно лице е уапсено во близина на операта во Бастилја.
Полициски извор изјавил дека на местото на настанот била пронајдена мачета. Друг полициски извор рече дека таму е пронајден сатар за сечење месо.
Локалните власти побараа од луѓето да ја избегнуваат областа и рекоа дека во тек е полициска акција во североисточниот кварт на Париз. Заменик-градоначалникот Емануел Грегуар објави на Твитер дека полицијата лови „потенцијално опасен“ човек.
Париското метро ги затвори линиите во областа.
На 2 септември им се судеше на 14 лица во Париз, обвинети како соучесници во нападот на канцелариите на „Шарли Ебдо“ во јануари 2015 година, во кој беа убиени 12 лица. Тие се обиделе да се одмаздат за пророкот Мухамед, речиси една деценија откако неделникот објави карикатури коишто го исмеваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен
Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.
Лоша логистика и ограничен капацитет
Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.
Летови кон повеќе европски и светски дестинации
Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.
Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Студен бран во регионот
Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.
Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.

