Европа
По два века неутралност, денес Шведска станува членка на НАТО
По два века неутралност и две години по аплицирањето, Шведска денеска и официјално станува 32. членка на НАТО, што е голем чекор за земја што досега се придржуваше до воено неврзување за да не го навлече гневот на Москва.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вашингтон официјално ќе му ги предаде на шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, документите за ратификација до кои земјата стигна по долги борби со одделни членки на алијансата.
Сино-жолтото шведско знаме в понеделник треба да биде подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел.
Русија најави контрамерки
Минатата недела Русија вети дека ќе преземе контрамерки како одговор на пристапувањето на Стокхолм во алијансата, што ќе зависи „од условите и степенот на интеграција на Шведска во НАТО“. Со приемот на Шведска, по Финска минатата година, сите земји со излез на Балтичкото Море, со исклучок на Русија, сега се членки на атлантската алијанса.
Шведска и Финска, иако воено блиски со САД, историски претпочитаа да се држат настрана од НАТО, формиран за време на Студената војна против поранешниот Советски Сојуз. Иако Шведска придонесува за меѓународните мировни сили, таа не доживеала војна од конфликтот со Норвешка во 1814 година.
Путин го постигна спротивното од она што го сакаше
Хелсинки и Стокхолм истовремено ја објавија својата кандидатура за влез во НАТО во 2022 година како реакција на руската инвазија на Украина. Рускиот претседател Путин, да потсетиме, почна војна против Украина и како една од причините го наведе проширувањето на НАТО. Имајќи предвид дека неговата војна против Украина го направи НАТО посилен за две економски и воено моќни членки, јасно е дека тој го постигна токму спротивното од она што го сакаше.
Финска доби пристап до алијансата минатиот април, а процесот на пристапување на Шведска беше попречен од преговорите со Турција, која се спротивстави на попустливоста на Шведска кон курдските активисти, кои побегнаа на шведска територија бидејќи некои од нив Анкара ги смета за терористи.
И унгарскиот премиер беше на пат во Шведска. Виктор Орбан начелно ја даде својата согласност, но пред крајот на процесот побара почит од Стокхолм по долгогодишното оцрнување на неговата политика.
На крајот на февруари, унгарскиот парламент, конечно, го ратификува членството на Шведска во НАТО.
Што мислат Швеѓаните за сè?
Според анкетата на „Радио СР“ емитувана во петокот, мнозинството Швеѓани веруваат дека нивната земја направила премногу жртви за членството во НАТО, но признава дека безбедноста на Шведска е зајакната со ова членство.
Приемот на Шведска во НАТО беше проследен со заострување на реториката на нејзините лидери, па врховниот командант на вооружените сили, Микаел Бајден, во јануари изјави дека неговите сонародници мора психички да се подготват за војна. Заедно со кандидатурата за НАТО, Шведска на почетокот на декември потпиша и договор со кој на САД им се дава пристап до 17 воени бази на нејзина територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинска политичарка застрелана во глава: „Ситуацијата е сериозна“
Непознат сторител пукал во Ирина Фарион, поранешна украинска пратеничка од крајната десница, соопштија украинските власти. Фарион (60) е хоспитализирана со прострелна рана во главата, соопшти украинската национална полиција. Нејзината состојба е „исклучително сериозна“, додаваат тие.
Полицајците се обидуваат да го идентификуваат напаѓачот, пишува Киев Индепендент. Претседателот Володимир Зеленски беше информиран за ситуацијата од страна на министерот за внатрешни работи и шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ).
„Секое насилство е за осуда и кој и да е одговорен мора да ги сноси последиците“, рече Зеленски.
Ирина Фарион, која е позната по нејзините контроверзни изјави за употребата на рускиот јазик во Украина, се приклучи на ултранационалистичката партија Свобода во 2005 година и беше пратеник во парламентот меѓу 2012 и 2014 година.
Во јуни 2024 година, таа беше вратена како професорка на Катедрата за украински јазик на Политехничкиот универзитет во Лавов, набргу откако беше отпуштена. Фарион предизвика бес кога на 6 ноември рече дека не може да ги нарекува украинските војници украински ако зборуваат руски.
Скандалот околу нејзините изјави ескалира откако таа наводно добила порака за поддршка од Максим Хлебов, проукраински студент кој живее на окупираниот Крим. Таа го објави мејлот на своите социјални мрежи, по што наиде на остри критики.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) во ноември 2023 година соопшти дека Фарион е под кривична истрага и за нејзините изјави за војниците кои зборуваат руски и за протекувањето на пораката на Хлебов.
Европа
Русите нудат парична награда за првиот уништен Ф-16
Руски фирми нудат парични награди за уништување на F-16 Fighting Falcons, охрабрувајќи ја својата војска да ги уништи западните авиони кои наскоро ќе се појават над небото на Украина.
Ова првпат беше објавено на каналот Телеграм на руското Министерство за одбрана на почетокот на оваа недела.
„Ќе има награда за уништување на борбените авиони Ф-15 и Ф-16. Наградата за првиот ќе биде 15 милиони рубли“, се вели во објавата, цитирајќи го директорот на руската нафтена компанија ФОРЕС Илја Потанин.
Инаку, 15 милиони рубљи се еднакви на околу 170.000 долари или околу 155.500 евра.
Министерството за одбрана соопшти дека се понудени и парични награди од 500.000 рубљи за уништување на тенковите на НАТО во Авдиивка, пренесува „Њузвик“.
На приложеното видео во објавата на Телеграм, може да се видат руски војници како добиваат награди и се ракуваат со нивните претпоставени офицери.
Европа
Зеленски ја моли новата британска влада: „Дозволете ни да ја нападнеме Русија со моќни ракети“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се обрати на министрите на новата британска влада, на покана на премиерот Кир Стармер, и го повтори апелот до западните сојузници да дозволат напади врз Русија со ракети со долг дострел.
Зеленски е првиот странски лидер кој лично се обратил пред британскиот кабинет откако поранешниот американски претседател Бил Клинтон го стори тоа во 1997 година.
Украинскиот претседател рече и дека Британија треба да ги убеди своите партнери, кои зазедоа различни позиции за тоа како Украина може да го користи оружјето што им е доставено, да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје и муниција.
„Во моментов го немаме главниот одговор на тоа прашање, што се однесува на нашите долгорочни можности. Ве молиме, убедете ги другите партнери да ги укинат овие ограничувања“, рече Зеленски.
Стармер му рекол на Зеленски дека Британија ќе ја забрза испораката на клучната помош за Украина, откако неговиот министер за одбрана на почетокот на овој месец потврди дека помошта ветена од претходната конзервативна влада ќе биде доставена за 100 дена.