Европа
„Асошиетед прес“: Русија наводно развива ново оружје за уништување на сателитите „Старлинк“
Разузнавачките агенции на две членки на НАТО се сомневаат дека Русија развива ново антисателитско оружје дизајнирано да ја нападне констелацијата „Старлинк“ на Илон Маск со деструктивни облаци од шрапнели во орбитата, со цел да ја ограничи западната вселенска супериорност, што ѝ помогна на Украина на бојното поле, објавува „Асошиетесд прес њуз“.
Според разузнавачките информации, во кои увид имал „Асошиетед прес“, таканареченото оружје со зонски ефект би се обидело да ги преплави орбитите на „Старлинк“ со стотици илјади топчиња со висока густина, потенцијално онеспособувајќи повеќе сателити одеднаш, но исто така ризикувајќи катастрофална колатерална штета на други орбитални системи.
Аналитичарите што не ги виделе извештаите изразуваат сомнеж дека таквото оружје би можело да функционира без да предизвика неконтролиран хаос во вселената за компаниите и земјите, вклучувајќи ги Русија и нејзиниот сојузник Кина, кои се потпираат на илјадници сателити во орбитата за комуникации, одбрана и други витални потреби.
Ваквите последици, вклучувајќи ги и ризиците за сопствените вселенски системи, би можеле да ја одвратат Москва од распоредување или користење такво оружје.
Сомнежи на експертите
„Не верувам во тоа. Навистина не верувам во тоа“, рече Викторија Самсон, експерт за вселенска безбедност во фондацијата Secure World. „Искрено, би била многу изненадена ако направат нешто такво“.
Сепак, командантот на вселенската дивизија на канадската војска, бригаден генерал Кристофер Хорнер, рече дека таквата руска работа не може да се исклучи во светлината на претходните американски обвинувања дека Русија исто така развива неселективно нуклеарно оружје базирано во вселената.
„Не можам да кажам дека сум свесен за таков систем. Но, тоа не е неверојатно“, рече тој. „Ако извештаите за систем на нуклеарно оружје се точни и ако се подготвени да го развијат и да одат до тој степен, тогаш не би бил шокиран ако нешто малку помало од тоа, но еднакво штетно, е во нивниот дофат на развој“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не одговори на барањата за коментар. Русија претходно повика на напори на Обединетите нации за спречување поставување оружје во орбитата, а претседателот Владимир Путин рече дека Москва нема намера да постави нуклеарно оружје во вселената.
„Старлинк“ како клучна закана
Според разузнавачките информации, Русија го смета „Старлинк“ за особено сериозна закана. Илјадниците сателити во ниска орбита беа клучни за опстанокот на Украина против руската инвазија, која сега е во четвртата година.
Украинските сили ја користат брзата интернет-услуга на „Старлинк“ за комуникации на бојното поле, таргетирање оружје и други цели како што прават и цивилите и владините претставници, каде што руските напади ги прекинаа комуникациите. Руските претставници постојано предупредуваат дека комерцијалните сателити што ѝ служат на украинската војска би можеле да бидат легитимни цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен
Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.
Лоша логистика и ограничен капацитет
Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.
Летови кон повеќе европски и светски дестинации
Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.
Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Студен бран во регионот
Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.
Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.

