Европа
Борел објави дека во Полска почнала обуката за Ф-16 на украинските пилоти
Во Полска почна обуката на украинските пилоти за летање со авиони Ф-16, соопшти денеска шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, откако САД дадоа зелено светло, пренесува „Еурактив“.
„Среќен сум што конечно почна обуката на пилотите за Ф-16 во неколку земји…на пример во Полска. Ќе биде потребно време, но колку побрзо, толку подобро“, рече Борел на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.
Европски дипломат, кој сакал да остане анонимен, потврдил за АФП дека во Полска започнала обуката на украинските пилоти, но полското Министерство за одбрана во Варшава одбило да коментира.
Холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен на состанокот рече дека коалицијата на западноевропските поддржувачи на Киев сака да почне со обука на украински пилоти на борбени авиони Ф-16 „што е можно поскоро“.
Потегот доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден минатата недела даде зелено светло за пилотите на Киев да бидат обучени за американските авиони за кои Украина вели дека ѝ требаат за борба против руската инвазија.
Бајден рече дека добил апсолутна гаранција од украинскиот претседател Володимир Зеленски дека нема да ги користи борбените авиони Ф-16 за да оди на руска територија.
САД ги замрзнаа разговорите за обезбедување напредни авиони за Киев поради загриженоста за долгата временска рамка, високата цена и можноста за ескалација на тензиите со Русија.
Иако САД нема да испратат свои Ф-16 во Украина, неколку земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Белгија, Холандија и Данска, рекоа дека ќе испратат авиони.ж
Полска со месеци вели дека е подготвена да ги обучува украинските пилоти. Полската армија има 48 авиони Ф-16, но веројатно ќе се согласи да ѝ ги даде тие авиони на Украина дури откако ќе ги добие Ф-35 и ќе ги стави во употреба на нивно место.
Олонгрен вели дека обуката ќе биде првиот чекор кон евентуалното снабдување со западни авиони за Киев.
„Ќе продолжиме да разговараме со нашите сојузници и со земјите кои би можеле да имаат Ф-16 достапни за следниот чекор, но тоа не е на маса во моментов. Тоа е во следната фаза“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

