Европа
(Видео) Зеленски објави необична снимка, неговиот советник испрати песимистичка порака
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им порача на Украинците дека Киев ќе ја победи Русија и ќе постигне праведен мир „и покрај сè“, додека продолжувањето на клучната американска воена и финансиска помош е неизвесно. Зеленски ја пренесе својата порака со необично утринско видео на кое се гледа како шета низ Киев кон споменикот на паднатите украински борци, на денот кога земјата го одбележува споменот на своите вооружени сили.
„Беше тешко, но издржавме“, рече Зеленски, кој се снима со својот мобилен телефон додека оди од својата канцеларија до споменикот во центарот на главниот град. „Сега не е лесно, но се движиме. Без разлика колку е тешко, ќе стигнеме таму. До нашите граници, до нашиот народ. До нашиот мир. Праведен мир. И покрај се“.
Неговите зборови веројатно се однесуваат на неизвесноста околу иднината на пакетот помош од 60 милијарди долари за кој со недели неуспешно се дебатира во американскиот Конгрес. Жителите на улиците на Киев изјавија дека се загрижени и дека веќе ги почувствувале последиците од доцнењето на западната воена помош.
„Се плашам дека ако Украина остане без помош, војната ќе се одолговлекува и ќе биде тешко да се каже кога може да заврши“, изјави Олха Старостенко, 33-годишна економистка, за Ројтерс. „Мојот пријател неодамна беше убиен во борбите. Потребна ни е помош што е можно поскоро, секој ден доцнење значи загуба на човечки животи“, рече 51-годишниот Тимур Душко.
„Она што се случува се игри на моќ… Но, уверен сум дека ќе добиеме помош“, додаде тој. Киев е во голема мера зависен од помошта на неговите западни сојузници за борба против многу поголемата руска армија во најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна, кој сега е во својот 22-ри месец.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андрија Јермак вчера изјави дека доцнењето на помошта од САД создава „голем ризик“ Украина да ја загуби војната, што е една од најпесимистичките оценки на висок украински функционер досега.
Москва контролира околу 17,5 отсто од украинската територија, а украинските сили сега се соочуваат со нова руска офанзива на источниот фронт, со особено жестоки борби околу градовите Авдиивка и Маринка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Руски нуклеарни бомбардери летаа околу Скандинавија, ги следеа странски ловци
Руските стратешки бомбардери „ту-95“, способни да носат нуклеарно оружје, извршија планиран лет над неутралните води на Баренцовото и Норвешкото Море, а за време на мисијата беа придружувани од странски борбени авиони. Руското Министерство за одбрана ја објави веста, без да го прецизира точниот датум на летот или за кои странски авиони станува збор, пишува „Киев пост“.
„Стратешките ракетни носачи ‘ту-95МС’ извршија планиран лет над неутралните води на Баренцовото и Норвешкото Море“, се вели во соопштението на Министерството објаснувајќи дека станува збор за област северно од Скандинавија и северозападно од Русија.
„Во одредени фази од рутата бомбардерите со долг дострел беа придружувани од борбени авиони на странски земји“, се додава. Москва исто така рече дека ваквите летови се одржуваат редовно во многу региони и се во согласност со меѓународното право.
Европа
(Видео) Украинците: Соборивме авион за да можеме да разнесеме подморница
Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави дека соборила модернизиран поморски извидувачки авион Ил-38Н „Sea Dragon“ во руската воздухопловна база во Јејск, како дел од подготовките за напад врз руска подморница во градот Новоросијск.
„Ова е авион дизајниран за поморско извидување, пребарување на подморници, следење на морски површини, поставување мински полиња и извршување напади со торпеда“, соопшти СБУ.
Според украинското разузнавање, погодениот Ил-38Н активно дејствувал против украински поморски беспилотни летала. Проценетата вредност на авионот е околу 24 милиони долари. СБУ истакнува дека Русија имала само еден авион од оваа класа во Црното Море способен да го открие украинскиот подводен дрон „Sub Sea Baby“ додека се движел кон својата цел.
Онеспособувањето на леталото, тврди УСБ, овозможило успешно спроведување на главната фаза од специјалната операција, експлозијата на руската подморница од класата Варшавјанка.
„За напад врз Ил-38Н, УСБ користела современ дрон со боева глава за површинска детонација опремена со 2.000 фрагменти насочени надолу. Детонацијата се случила директно над главната опрема и радарскиот оддел, а моторот бил оштетен“, објави украинското разузнавање.
УСБ претходно објави дека на 15 декември, за прв пат во историјата, руска подморница била уништена со употреба на подводни дронови „Sub Sea Baby“. Нападот во Јејск, според украинските тврдења, бил клучен предуслов за успехот на операцијата.
Европа
(Видео) Нова експлозија во Москва во близина на местото на кое пред два дена беше убиен генерал
Експлозија што се случи синоќа во јужниот дел од Москва уби три лица, вклучувајќи двајца припадници на руската сообраќајна полиција, соопшти Рускиот истражен комитет.
Според официјалното соопштение, двајца полицајци забележале сомнително лице во близина на службено полициско возило. Кога му се приближиле за да го идентификуваат и да го приведат, била активирана експлозивна направа.
„Двајца полицајци и едно лице кое било во нивна близина починале од повредите на местото на настанот“, се вели во соопштението на Истражниот комитет. Експлозијата се случила во густо населена област на градот. Членови на Истражниот комитет, полицијата, Росгвардија и службите за итна медицинска помош остануваат на местото на настанот.
🇷🇺🇺🇦 Moscow appears hit by another terror attack
An explosion in southern Moscow killed three — two police officers and an unidentified suspect
Officers noticed a suspicious person near their patrol car overnight, but as they moved to detain them, an explosive device detonated… pic.twitter.com/K5Jpeu9OJD
— The Other Side Media (@TheOtherSideRu) December 24, 2025
Руските власти потврдија дека е отворена кривична постапка. Најавено е дека ќе бидат спроведени неколку форензички вештачења, вклучувајќи медицински и експлозивно-технички вештачења, за да се утврдат околностите на инцидентот, видот на експлозивната направа и начинот на нејзино активирање.
Државното обвинителство ја презеде истрагата. Сè уште не е објавено дали третото лице кое загинало било напаѓач или дали постои врска со организирани структури или политички мотиви.
За потсетување, пред два дена, рускиот генерал Фанил Сарваров беше убиен во експлозија на автомобил-бомба во Москва, во близина на местото каде што се случи и синоќешната експлозија, а ова беше трет случај на убиство на генерал во Москва за една година.

