Европа
Во Киев одекнуваат експлозии, нападната и Одеса, руските сили влегле во Мелитопољ
Според најновите информации од светските известувачи продолжуваат нападите врз Киев и Одеса. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерашното драматично обраќање предупреди преку видео изјава дека Русите ќе го нападнат Киев во наредните часови, јавува Би-би-си.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко вели: слушаме експлозии, Русите се блиску до градот.
Русија ја нападна Украина.
Од вчера се водат жестоки борби. Руските сили напаѓаат од повеќе правци, поддржани од сепаратистите и Белорусија. Проектили паѓаат врз украинските градови, се слушаат сирени, а голем број луѓе ги напуштаат градовите.
НАЈНОВИ ВЕСТИ:
23:55 Зеленски: Русите вечерва ќе се обидат да го нападнат Киев, ноќта ќе биде тешка
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерашното драматично обраќање предупреди преку видео изјава дека Русите ќе го нападнат Киев во наредните часови, јавува Би-би-си.
23:05 Руските сили влегле во Мелитопољ
Според агенциските извештаи, руската армија без отпор влегла во украинскиот град Мелитопољ на југот на Украина, соопшти вечерва руското Министерство за одбрана.
21:56 Украина побара од Израел да посредува во преговорите со Русија
Зеленски тоа го побарал при синоќешниот телефонски разговор со Нафтали Бенет. Ова не е прв пат Зеленски да упати вакво барање, но е првпат од почетокот на руската инвазија.
21:39 ( Видео) Додека бомби паѓаат врз градот, бебињата ги кријат во подрум
Новородените бебиња во источниот украински град Днепар се префрлени во импровизирани засолништа во болница додека руските сили ја напаѓаат Украина.
20:45 (Видео) Започнат напад на Одеса?
Нападот на Одеса започна, Русите се во близина на Киев, пренесуваат медиумите во регионот.
20:15 Ходорковски: Само револуција ќе го собори Путин
„Само револуцијата ќе го собори Владимир Путин“, рече Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот човек во Русија пред да падне во немилост на Кремљ додавајќи дека очекува Путин да продолжи да ги задушува протестите во Русија по инвазијата на Украина.
Захарова, како што пишуваат медиумите, попладнево на прес-конференција во Москва предупредила дека приемот на Финска или Шведска во НАТО ќе предизвика сериозен одговор од Москва.
19:46 Конашенков: Руската армија собори 12 украински авиони, уништи 67 тенкови
Руската армија собори 12 украински авиони за време на специјални операции во Украина, изјави денеска портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков, пренесуваат медиумите во регионот.
19:30 „Целта на Путин не е само Украина“- Лидерите на НАТО испраќаат нови војници во Источна Европа
Ги активиравме одбранбените планови на НАТО за да се подготвиме да одговориме на серија непредвидени ситуации и да ја обезбедиме територијата на Алијансата, вклучително и употребата на нашите сили за одговор, се вели во соопштението објавено денеска.
18:45 Украински војници пукаат во воздух додека луѓето се туркаат во возовите за евакуација
Украинските војници испукаа неколку истрели во воздух за да го спречат стампедото на главната железничка станица во Киев додека илјадници луѓе се обидоа насилно да влезат во возовите за евакуација, пишуваат агенциите.
18:11 Оклопно возило преминува преку автомобил во Киев, очевидците во паника
Бројни медиуми објавија снимка од оклопно возило кое поминува над цивилен автомобил во Киев, за време на борбите меѓу украинските и руските сили.
17:53 „Ова е можеби последен пат да ме видите“, Зеленски стравува за својот живот
За време на синоќешниот разговор, украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно им рекол на европските лидери дека тоа може да биде последен пат да го видат жив.
17:37 Во Украина потврдена смртта на три деца
Организацијата „Save the Children International“ објави дека во Украина е потврдена смртта на три деца.
17:10 Огромен број граѓани се обидуваат да го напуштат Киев со воз, бегаат од војната
Во главниот град на Украина се забележани големи толпи на луѓе во подземните станици. Граѓаните на секој начин се обидуваат да го напуштат Киев, а голем број од нив решија да си ја пробаат среќата во возови.
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел остро го осуди рускиот напад врз Украина и оцени дека станува збор за очигледно кршење на меѓународното право и војна за агресија.
Воената операција не е закана за цивилите, прекинувањето на дипломатските односи со Киев не е наш избор. Целта на операцијата на Русија во Украина е да го повика марионетскиот режим во Киев на одговорност за злосторствата врз цивили, вклучително и руски државјани, извршени во претходните години, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
16:40 – Франција испраќа воена опрема
Франција ќе обезбеди одбранбена опрема за Украина, рече францускиот претседател Емануел Макрон во говор пред двата законодавни тела на земјата во петокот. Нема детали за опремата.
16:38 – Тешки борби околу Чернигов
Има извештаи за тешки борби меѓу руските и украинските сили околу градот Чернигив, на околу 105 километри северно од главниот град Киев.
16:36 – Кулеба ги повика Американците на помош
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика САД да го искористат своето влијание врз „колебливите европски земји“ кои се противат на забраната на Русија да го користи платниот систем SWIFT.
Another call with my American friend and counterpart @SecBlinken on the need to use all US influence on some hesitant European countries in order to ban Russia from SWIFT. We also discussed further supply of defensive weapons to Ukraine.
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) February 25, 2022
16:30 – Советот на Европа ја суспендира Русија?
Советот на Европа иницираше процес за суспендирање на членството на Русија, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки, пренесува Ројтерс.
Русија е членка на 47-членото тело за човекови права од 1996 година. Таа беше исклучена од Парламентарното собрание на Советот на Европа поради анексијата на Крим во 2014 година, но во 2019 година беше вратена со целосни права.
16:15 Путин им се обрати на украинските војници: Земете ја власта во свои раце
Рускиот претседател, Владимир Путин, штотуку им се обрати на украинските војници и ги повика да се свртат против нивната влада, јавува Би-Би-Си.
Рускиот претседател тврди дека Русија главно се бори против „националистите“ и ги повикува украинските вооружени сили да се предадат. „Преземете ја власта во свои раце. Се чини дека ќе ни биде полесно да се договориме со вас отколку со оваа банда на наркомани и неонацисти“, рече тој.
16:10 Украинците тврдат: Русија ракетираше градинка
„Киев Индепендет“ објави дека руски проектили погодиле засолниште и градинка во североисточниот украински град Охтирка. Тие наведуваат дека има загинати и повредени, а меѓу нив има и деца.
Шефот на украинската дипломатија на својот Твитер профил напиша дека руските напади врз засолништето и градинката се воени злосторства и кршење на Римскиот статут.
„Заедно со државниот обвинител собираме докази и се ќе му предадеме на Хаг“, напиша Кулеба.
15:59 Украина соопшти дека убиле 1.000 руски војници
Украинските сили убиле над 1.000 руски војници, објави украинската армија.
„Руските мајки ги испраќаат своите синови во сигурна смрт, бидејќи украинските вооружени сили ги држат линиите и ќе ја бранат својата земја од окупаторите“, се наведува во соопштението.
Украинските трупи во меѓувреме влегоа во Киев со тешка воена опрема за да го одбранат главниот град.
15:40 Кличко: Влеговме во одбранбена фаза
Украински воени возила влегоа во Киев за да се одбранат од напредувањето на руските сили. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, претходно изјави дека градот влегол во одбранбена фаза.
Руските проектили паднаа и денеска во Киев, на чии жители им беше кажано да подготват молотови коктели и да го бранат градот. Првите руски единици претходно влегоа во северната област Оболон во Киев. Москва тврди дека го вратила аеродромот Хостомел северозападно од градот, витална точка за планираниот напад врз градот.
„Градот е во фаза на одбрана. Летаат куршуми, во некои населби одекнуваат експлозии“, рече Кличко.
15: 16 Русија и’ предаде на Франција докази за воени злосторства на Киев во Донбас
Руската амбасада во Париз објави дека доставила докази до француското Министерство за надворешни работи за вршени злосторствата против човештвото и воени злосторства на украинските сили во Донбас.
„Руската амбасада во Париз му предаде на француското Министерство за надворешни работи фотографски докази за воени злосторства и злосторства против човештвото во Донбас, за кои е одговорно раководството на Украина“, соопшти руската дипломатска мисија.
15:07 Ердоган: НАТО требаше да преземе порешителен чекор во однос на Украина
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека НАТО требало да преземе порешителен чекор во однос на кризата во Украина, јавува Агенција Анадолија.
Ердоган го критикуваше ставот на Западот за рускиот напад врз Украина, коментирајќи дека премногу советува, а малку презема.
15:00 ЕУ е подготвена да го замрзне имотот на Путин и Лавров
Европската унија се подготвува да го замрзне имотот на рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како дел од спроведувањето на третата рунда санкции, пишува Фајненшл тајмс.
Министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево планираат да воведат нови санкции кон Русија, заедно со голем број мерки против руските банки и индустријата.
14:57 ОН: Поради руската инвазија, пет милиони Украинци би можеле да побегнат во странство
Руската инвазија може да принуди пет милиони Украинци да побегнат во странство, соопшти хуманитарната агенција на ОН.
Најмалку 100.000 луѓе во Украина беа принудени да ги напуштат своите домови откако Русија ја започна инвазијата вчера, а неколку илјади луѓе веќе побегнаа во соседните земји како Молдавија, Романија и Полска, изјави портпаролката на Агенцијата за бегалци на ОН, Шабија Манту.
14:35 Русите тврдат дека освоиле уште еден град
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го опколиле градот Чернихив, околу 150 километри северно од главниот град Киев.
„Блокадата на градот Чернихив заврши“, изјави портпаролот Игор Конашенков.
14:20 Руските напади во Украина се корекција на историјата, вели сирискиот претседател
Сирискиот претседател Башар ал Асад во телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин ја поздрави руската инвазија на Украина, оценувајќи ја како „корекција на историјата“.
„Противењето на проширувањето на НАТО е руско право“, рече тој, додавајќи дека НАТО е „глобална закана“ и „инструмент за спроведување на неодговорни западни политики насочени кон дестабилизација на светот“.
14:15 Портпаролот на ЕУ: Путин е на пат да изврши геноцид
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, денеска изјави дека никој не може да ја превиди крајната цел на руската воена инвазија на Украина и ги отфрли објаснувањата на рускиот претседател дека се работи за спречување на геноцид и „денацификација“ на Украина.
14:00 Путин: Русија е подготвена на преговори на високо ниво со Украина
Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг, изразил подготвеност за преговори со Украина.
„Русија е подготвена да води преговори со Украина на високо ниво“, рече Путин, пренесе кинеското Министерство.

13:55 – Естонија испраќа воена опрема во Украина
Естонија соопшти дека ќе испрати дополнителни противоклопни проектили во Украина за да ја зајакне одбраната на земјата.
Русите го зазеле аеродромот Хостомел
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили го зазеле аеродромот Хостомел во близина на Киев.
Русите на аеродромот испратиле 200 хеликоптери и војска.
Околу 200 руски хеликоптери учествуваа во операцијата за напад на аеродромот, познат и како аеродром Антонов, соопшти руското Министерство за одбрана.
Кличко: Киев е во фаза на одбрана
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека градот влегол во одбранбена фаза додека руските трупи напредуваат.
Новинарка од Киев: Патот го блокираат автомобили, луѓе заминуваат и пеш
Новинарски екипа си заминуваат од Киев додека руската војска влегува во градот.
Во Киев се подготвуваат молотови коктели: „Се чекаат руските тенкови“
Неколку гајби полни со молотови коктели се подготвени, се наведува во прилог на фотографија што ја објави украинскиот новинар Илија Пономаренко на „Твитер“.
Проектил паѓа на станбена населба
Објавена е снимка, проверана од Би-би-си, на која проектил погоди станбена зона во Буча, северозападно од Киев.
Зеленски го повика Путин на преговори
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин на преговори, пренесоа руските медиуми.
Претходно Украина соопшти дека е подготвена да преговара за неутрален статус со Русија, но бара безбедносни гаранции.
Русија ќе воведе санкции кон западните земји
Русија ќе воведе санкции кон западните земји врз основа на реципроцитет, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Русија го напаѓа Киев од белорускиот аеродром Гомел
Генералштабот на украинската армија денеска соопшти дека Русија го користи аеродромот Гомел во Белорусија за да ги подготви своите војници за нападот на Киев, иако тие го контролираат аеродромот Гостомел во близина на главниот град на Украина.
Ukrainian military police in full combat gear running to defend the city as Russian troops close in on Kyiv. pic.twitter.com/UDe9YIhWTN
— Ian Pannell (@IanPannell) February 25, 2022
УЕФА му го одзеде на Санкт Петербург финалето во Лигата на шампионите
Европската асоцијација реши финалето да биде одиграно во Париз
Украина соопшти за зголемено ниво на радијација од Чернобил
Зголемената радијација се припишува на „нарушување на горниот слој на почвата поради движењето на големо количество тешка воена опрема низ зоната на исклучување и испуштањето на контаминирана радиоактивна прашина во воздухот“.
Русите стигнаа до државните институции – Украинците повикуваат на масовна мобилизација
Во близина на владиниот кварт во Киев се слуша пукање, пренесе агенцијата АП. Украинските одбранбени сили повторно се огласија и ги повикаа сите цивили да се приклучат без разлика на нивната возраст.
Снимка од радио комуникација по која загинаа 13 украински војници на остров во Црното Море
Секој војник кој го чуваше Змискиот остров на Црното Море загина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски и додаде дека постхумно ќе им оддаде почит на загинатите.
Талибанците повикаа на крај на војната во Украина: Загрижени сме за цивилите
Министерството за надворешни работи на Авганистан објави соопштение во кое се наведува дека талибанците внимателно ја следат ситуацијата во Русија и Украина и се загрижени за можни цивилни жртви.
(Видео) Руски оклопни возила во Киев, властите им порачаа на граѓаните да спремаат молотови коктели
Руски сили влегоа во главниот град на Украина. Според украинските власти, Русите влегле во населбата Оболон каде се водат борби.
An armed #Russia‘s vehicle ran over a civilian car just on the streets of Obolon district in Kyiv.#Ukraine pic.twitter.com/JgbshmBEhN
— Alexander Khrebet/Олександр Хребет (@AlexKhrebet) February 25, 2022
Зеленски: Русија сака да ме убие, јас сум цел број еден
„Според нашите информации, непријателот ме означи како цел број 1, моето семејство како цел број 2“, вели украинскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

