Европа
ЕУ се мачи да го ублажи силниот отпор кон украинското жито
Обидите на ЕУ во понеделникот да посредува во забраната за увоз на украинско жито што ја воведоа Полска, Унгарија, а подоцна и Словачка, наидоа на ѕид од тишина, а ситуацијата се очекува да ескалира бидејќи и Бугарија размислува за слична забрана, пренесува „Еурактив“.
Полска најави дека ќе ја продолжи забраната за увоз на жито и друга храна, вклучувајќи овошје, зеленчук и живина од Украина. Унгарија и Словачка веќе го следеа примерот, а Бугарија во моментот размислува за сличен чекор.
Унгарија е позната по својот пријателски став кон Русија по инвазијата на Украина и колебливоста да ги прекине врските во разни области, став што Бугарија го споделува од многу аспекти.
Во Словачка, која долго време беше една од најпроруските земји во ЕУ заедно со Бугарија, анкетите покажаа дека повеќето граѓани сакаат Русија да победи во војната, а огромно мнозинство гласачи на СМЕР-СД на поранешниот премиер Роберт Фицо се на руска страна.
Иако спорот произлегува во најголем дел од ниската цена на украинското жито и нејзиното влијание врз локалните земјоделци, улога во забраната имаат и геополитичките потструи во однос на Русија и на Европската комисија.
Иако издвојува значителна помош за Украина, Полска има спор со ЕК за владеење на правото поради кој ѝ се блокирани средствата од Фондот за обнова додека Унгарија се соочува со колективна тужба од 15 членки на ЕУ поради анти-ЛГБТ законот.
ЕК објави во понеделникот дека размислува за дополнителен пакет за поддршка на земјоделците од ЕУ погодени од приливот на украински земјоделски производи. Покрај тоа, владите може да ја зајакнат оваа поддршка со пари од државните буџети, што Министерството за земјоделство рече дека Полска ќе го направи. Максималната можна поддршка, според Брисел, е 112,6 милиони евра.
Во понеделникот имаше и разговори меѓу Варшава и Киев за можноста за повторно отворање на транзитот на храна и жито, но досега ништо не е договорено.
Претходно истиот ден, Комисијата ги критикува Варшава и од Будимпешта нарекувајќи ги нивните постапки неприфатливи и додавајќи дека трговската политика е ексклузивна надлежност на ЕУ.
Бугарија, во меѓувреме, ја обвини ЕК за сегашниот ќор-сокак.
„Увозот на жито, како и на сончоглед и млеко во прав од Украина, во моментот е во прекин во одредени земји и ние инсистираме на правична дистрибуција во ЕУ“, изјави бугарскиот министер за земјоделство, Јавор Гешев, потврдувајќи ја намерата на Софија да го ограничи увозот на жито од Украина.
Бугарија побара од ЕК да одлучи за ова прашање уште лани во септември.
„Веќе шест месеци чекаме Европската комисија да одлучи. Што да правиме? Треба ли да банкротираат бугарските земјоделци?“, истакна Гечев.
Според процените, бугарските земјоделци губат 800-900 милиони лева (400-450 милиони евра), посочи Гечев.
Бугарија веќе доби надомест од 16 милиони евра откако дозволи украинското жито и прехранбените производи да минуваат низ нејзина територија, но Софија побара уште 100 милиони лева (51 милион евра) иако бугарските производители на жито добиваат стотици милиони евра директни субвенции од ЕУ за земјата што ја обработуваат.
Во меѓувреме, ескалираниот проблем со увозот од Украина ќе биде вклучен на агендата на министрите за земјоделство на ЕУ на 25 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

