Европа
Кујтим Фејзулај се обучувал во камп за терористи на Балканот, тврди австриски медиум

Терористот Кујтим Фејзулај (20), кој во терористички напад во Виена уби четири лица, не бил волк самотник. Тој бил тесно поврзан со австриската исламистичка сцена, истакнува виенскиот дневен весник „Естерајх“.
Весникот наведува дека во фокусот на истрагата е џамија во Виена, која, како и Фејзулај, ја посетувале „познати“ исламисти како австрискиот џихадист Мохамед М, убиен во Сирија и Мирсад Омеровиќ, осуден на 20 години затвор за ширење омраза, Лоренц К., Австриец со албанско потекло, кој како малолетник планирал терористички напади во Виена и е во притвор.
Според медиумот, Омеровиќ регрутирал борци за Исламската држава во таа џамија, но има траги што водат кон Германија, како и камп за обука на терористи на територија на поранешна Југославија, каде што често патувал.
Весникот се повикува на досието на Фејзулај, кој беше осуден на 22 месеци затвор за терористичко здружување и беше ослободен предвреме од затвор затоа што ги измами властите, убедувајќи ги дека е дерадикализиран.
Во досието се вели дека младиот човек со македонско потекло е израснат според исламската вера и дека тој станал „салафистички џихадистички поддржувач на политичкиот такфиризам“.
Додадено е дека ова значи дека тој го одобрувал насилството како начин да се наметне вистинскиот пат.
За време на истрагата, по неговиот терористички напад, полицијата уапси 14 лица во повеќе градови во Австрија, кои имале врска со Фејзулај, за кои се смета дека се соучесници.
Исто така во Швајцарија се уапсени две лица кои имале контакт со него.
Тој изврши терористички напад со автоматска пушка од производството на фабриката за оружје „Застава“.
Полицијата сега истражува како тој ги набавил оружјето и муницијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин