Европа
Прекинат карневалот во Венеција поради коронавирусот

Последните два дена од карневалот во Венеција, кој привлекува туристи од целиот свет, се откажани поради коронавирусот, изјави гувернерот на регионот Венето, Лука Заја.
Тој најави дека планираните активности за денеска ќе се одржат.
„Од вечерва, прекинува карневалот, како и сите други настани, вклучувајќи ги и спортските“, рече Заја.
Тој претходно соопшти дека во Венеција се потврдени два слуачи на коронавирусот.
Десет градови во Италија се во изолација откако беа потврдени два смртни случаи од вирусот.
Една од главните дилеми е кој е нулти пациентот во Италија, односно првиот пациент кој го проширил вирусот. Прв потврден случај е 38-годишник кој е на интензивна нега. Тој ги заразил и неговата бремена сопруга и уште еден пријател.
Се верува дека тој го добил вирусот од пријател од Кина со кој бил на вечера пред неколку недели во Италија. На пријателот биле спроведени тестови и се покажало дека тој нема коронавирус. Се истражува дали е можно да го прележал без симптоми, односно дали бил асимптоматски носител на вирусот.
Во Италија досега се потврдени 130 пациенти со коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Осумнаесет општински службеници во Истанбул завршија во затвор

Турски суд затвори 18 службеници на градската власт во Истанбул поради обвиненија за корупција продолжувајќи ја репресијата против опозицијата поради која беше затворен и градоначалникот Екрем Имамоглу.
Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Ердоган и водечки на анкетите, беше затворен во март во очекување судење по обвиненијата за корупција. Тој се соочува и со обвиненија за помагање терористичка група.
Градоначалникот ги негира сите обвиненија, а неговото апсење ги предизвика најголемите протести во Турција во последната деценија, економски превирања и обвинувања за политизирано судство. Владата ги отфрла овие тврдења и вели дека судството е независно.
НТВ објави дека 34 од 52 лица приведени за време на викендот биле ослободени со кауција. Турските медиуми пред четири дена објавија дека властите привеле десетици вработени во општина Истанбул како дел од правните истраги насочени кон Имамоглу проширувајќи ја репресијата против опозицијата, која почна кон крајот на минатата година.
Меѓу приведените се генералниот секретар, началникот на кабинетот на Имамоглу и претседателот и заменик-претседателот на Управата за водоснабдување и канализација.
Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица што се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за изолиран и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ, што се очекуваат во Упсала в среда.
Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.