Европа
Терористичките напади во големите европски градови стануваат сè почести

Лондон, Париз, Берлин, Брисел – големите европски градови сè почесто се мета на терористички напади.
ЛОНДОН – Најмалку четири лица се убиени, а дваесеттина се ранети во денешниот напад на Вестминстер мостот и во близина на парламентот во Лондон.
ИСТАНБУЛ – Во пукање во ноќен клуб во Истанбул во кој се славеше Нова година, напаѓач на Исламска држава уби 39 луѓе.
БЕРЛИН – На Божикниот саем 2016 година во германската престолнина се случи напад со камион, во кој приврзаник на Исламска држава прегази 12 луѓе. Напаѓачот беше убиен неколку дена подоцна во Милано.
НИЦА – Приврзаник на ИД во напад со камион усмрти 86 луѓе на променадата во Ница на францускиот државен празник.
БРИСЕЛ – На денешен ден пред една година повеќе џихадисти убија 32 лица во нападот врз аеродромот и станицата на подземната железница во Брисел.
ИСТАНБУЛ – Во јануари 2016 година бомбаш-самоубиец од ИД се разнесе меѓу германски туристи пред Аја Софија и Сината џамија, при што уби 12 луѓе.
ПАРИЗ – Група џихадисти уби 130 луѓе во низа координирани напади на повеќе цели во ноември 2015 година.
КОПЕНХАГЕН – Напаѓач на возраст од 22 години уби две лица во данскиот главен град, по што беше застрелан од полицијата.
ПАРИЗ – Во напад на редакцијата на сатиричниот весник „Charlie Hebdo“ беа убиени 17 луѓе. Одговорноста ја презеде Ал Каеда.
ОСЛО – Десничарот Андерс Брејвик уби 77 луѓе на островот Утоја, во близина на Осло во јули 2011 година.
ЛОНДОН – Четворица британски муслимани во координирани бомбашки напади врз системот на јавниот превоз во Лондон во 2005 година убија 56 и ранија околу 700 луѓе.
МАДРИД – Во координирани напади врз возови на мадридската подземна железница во март 2004 година беа убиени 191 лице, а ранети 1.500. /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин се сретна со Додик

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со Милорад Додик на маргините на 22-от годишен форум на Меѓународниот дебатен клуб Валдај во Сочи. За време на состанокот, Путин ја опиша ситуацијата во Република Српска како сложена.
„Многу ми е драго што повторно се сретнав со вас, овој пат во Дебатниот клуб Валдај во Сочи. Неодамна, на 15 септември, го прославивте Денот на српското единство. Би сакал да ви честитам. Знам дека ситуацијата во вашата земја е исклучително тешка. Дури може да се каже дека е сложена“, рече Путин, додавајќи дека сака да ја чуе оценката на Додик.
Во исто време, рускиот лидер нагласи дека неговиот соговорник прави многу за градењето односи со Русија. Пред оваа средба, Путин зборуваше на форумот на дебатниот клуб, а Додик беше почесен гостин.
Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност од страна на Судот на Босна и Херцеговина, по што Централната изборна комисија му го одзеде мандатот како претседател на РС. Предвремените избори за негов наследник ќе се одржат на 23 ноември.
Европа
Прекинат воздушниот сообраќај на аеродромот во Минхен, забележани се дронови

Воздушниот сообраќај беше прекинат преку ноќ на аеродромот во Минхен поради прелет на дрон, чие потекло се истражува, изјави портпарол на германската полиција за АФП, откако неколку европски земји пријавија воздушни упади што ѝ се припишуваат на Русија.
Според соопштението на аеродромските власти, 17 летови што требало да тргнат од Минхен беа откажани таа вечер, што влијаеше на речиси 3.000 патници. Сè уште не е познато кога летовите ќе бидат обновени.
Петнаесет летови што требаше да слетаат во Минхен беа пренасочени и кон Штутгарт, Нирнберг, Виена или Франкфурт.
Во четврток околу 21:30 часот, неколку лица забележаа дронови во близина на аеродромот, потврди портпаролот на полицијата.
Баварските власти започнаа истрага за да ги идентификуваат дроновите и нивното потекло.
Потоа дроновите повторно беа забележани, овој пат над аеродромската област, што доведе до затворање на обете писти околу 20:30 часот.
И покрај интервенцијата на полициските хеликоптери, „нема достапни информации за видот и бројот на дроновите“ или нивното потекло, изјави портпаролот.
Инцидентот се случил пред последниот викенд од Октоберфест, кој привлекува стотици илјади луѓе во Минхен секој ден.
Фестивалот на пивото во баварскиот град беше затворен половина ден во среда поради закана со бомба.
фото: принтскрин
Европа
Полицијата го идентификуваше напаѓачот во Манчестер: уште тројца уапсени

Полицијата за борба против тероризмот потврди дека напаѓачот во утринскиот напад врз синагогата во Манчестер е 35-годишниот Џихад ал Шами, британски државјанин од сириско потекло.
„Врз основа на она што го знаеме во моментов, нашите евиденции не укажуваат на какви било претходни антитерористички истраги во врска со ова лице“, соопшти полицијата.
Тие додадоа дека три лица – двајца мажи на возраст од 30 години и една жена на возраст од 60 години – се уапсени и се приведени под сомнение за извршување, подготовка и поттикнување терористички акти.
Двајца мртви на местото на настанот, тројца тешко повредени
Полицијата потврди дека двајца мажи се прогласени за мртви на местото на нападот, додека тројца други мажи се во болница со сериозни повреди. Еден од нив претрпел убодна рана, друг бил удрен од автомобил вклучен во нападот, а трет подоцна сам отишол во болница со повреда за која се сомнева дека ја здобил додека полицијата го запирала напаѓачот.