Европа
УНХЦР бара да прекине насилството врз бегалците по должина на границите на Европа
Загрижени од зачестените протерувања и неформални враќања на бегалци и баратели на азил на европските копнени и морски граници, УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, ги повикува земјите да ги истражат и прекинат овие практики.
„УНХЦР добива постојани извештаи за европски земји кои го ограничуваат пристапот до азил, враќајќи луѓе откако пристигнале на територијата или територијалните води и употребувајќи насилство врз нив на границите“, изјави помошник-високиот комесар за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.
„Неформалните враќањата се одвиваат на насилен и очигледно систематичен начин. Чамците со бегалци се влечени наназад. Луѓето, штом стигнат на копно, се собирани и потоа враќани на море. Многумина пријавуваат насилство и злоупотреби од страна на државните сили. Исто така, лицата кои пристигнуваат по копнен пат се неформално притворани и насилно враќани во соседни земји без да се земе предвид нивната потреба за меѓународна заштита.
Конвенцијата за бегалци од 1951 година, Европската конвенција за човекови права и законите на ЕУ бараат од земјите тие да ги заштитат правата на лицата кои бараат азил и заштита од враќање, дури и ако влезат по нерегуларен пат. Властите не можат по автоматизам да не дозволуваат влез или да ги враќаат луѓето без да извршат индивидуална проценка на лицата на кои им е потребна заштита.
Почитта кон човечките животи и правата на бегалците не е прашање на избор, туку правна и морална обврска. Иако земјите имаат легитимно право да управуваат со своите граници во согласност со меѓународното право, тие исто така мораат да ги почитуваат и човековите права. Неформалните враќања се едноставно незаконски“, рече Тригс.
Правото на барање азил е основно човеково право. Пандемијата со Ковид-19 не е исклучок, можно е да се обезбеди заштита од пандемијата и да се осигури пристап до правична и брза постапка за азил.
УНХЦР јасно ја изрази својата загриженост пред европските држави. Агенцијата за бегалци повикува итно да се истражат наводните прекршувања и малтретирање, кои се засноваат на веродостојни сведоштва и се потврдени од невладините организации, медиумите и извештаи од отворени извори. „Се залагаме за независни национални механизми за мониторирање кои ќе го осигураат пристапот до азил, ќе го спречат кршењето на права на границите и ќе обезбедат одговорност. Независното мониторирање се предлага и од Пактот на ЕУ и апелираме до земјите членки на ЕУ да го поддржат“, рече Тригс.
Бројот на пристигнувања во ЕУ продолжува да опаѓа секоја година. Бројот на лица кои пристигнале по воден и копнен пат во 2020 (95.000) е намален за 23 проценти во споредба со 2019 (123.700 лица) и за 33 проценти во споредба со 2018 (141.500).
Со толку малку пристигнувања во Европа, оваа состојба би требало да е под контрола. Жално е дека прашањето на азил продолжува да се политизира и да создава поделби и покрај ваквите бројки во опаѓање. УНХЦР согледува дека одредени земји носат непропорционална одговорност во однос на прифатот на новопристигнати луѓе. УНХЦР ги повикува останатите европски држави да покажат солидарност и да ги поддржат. УНХЦР исто така ги повикува европските земји да ги почитуваат своите постојни заложби за заштита на бегалците со тоа што ќе ги примаат барателите на азил на своите граници, ќе ги спасуваат на море и ќе дозволат нивно префрлање на копно и регистрација, како и поддршка на новите баратели на азил. УНХЦР е подготвена да им помогне на државите да ги достигнат овие меѓународни обврски во областа на азилот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

