Европа
„Франција ќе предложи нова резолуција за прекин на огнот во Газа“

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека земјата ќе работи на нацрт на нова резолуција за прекин на огнот во Газа, откако Русија и Кина ставија вето на американската во Советот за безбедност на Обединетите нации.
„По ветото на Русија и Кина пред неколку минути, ќе продолжиме да работиме во Советот за безбедност на ОН врз основа на француската нацрт-резолуција и ќе работиме со нашите американски, европски и арапски партнери за да постигнеме договор“, рече Макрон, пренесува Ројтерс.
Министерството за надворешни работи на Франција во четвртокот соопшти дека започнало со изготвување нацрт со дипломати, доколку американскиот не помине.
За американскиот предлог за резолуцијата гласаа 11 членки на Советот за безбедност, а против беа Русија, Кина и Алжир, а Гвајана воздржана.
Во американската нацрт-резолуција се наведува дека „императив е итен и траен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Газа“, без директна врска со ослободувањето на заложниците кои Хамас ги зеде за време на нападот врз Израел на 7 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин: Победуваме во Украина, нашите борци и команданти тргнуваат во напад

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот изјави дека руските сили ја добиваат она што тој ја нарече „праведна битка“ во Украина. „Нашите борци и команданти одат во офанзива, а целата земја, цела Русија, се бори во оваа праведна битка и работи напорно“, рече Путин во видео објавено на веб-страницата на Кремљ.
„Заедно ја браниме нашата љубов кон татковината и единството на нашата историска судбина, се бориме и победуваме.“
Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, нарекувајќи ја „специјална воена операција“ за демилитаризација и денацификација на својот сосед. Киев и неговите сојузници велат дека инвазијата е неиспровоциран империјалистички обид за заземање на земјата.
Не се гледа крај на војната, и покрај дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на конфликтот, вклучувајќи одделни самити со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и други европски лидери.
Русија контролира речиси 114.500 квадратни километри, или 19 проценти, од Украина, вклучувајќи го Крим, и голем дел од источниот и југоисточниот дел на земјата, според мапите на бојното поле.
Трамп, менувајќи го својот претходен став, минатата недела изјави дека Украина има шанса да ја врати територијата, а Вашингтон соопшти дека го разгледува барањето на Киев за купување крстосувачки ракети „Томахавк“ за напади длабоко во Русија.
фото: принтскрин
Европа
Мерц: Не сме во војна, но веќе не сме ни во мир

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера изјави дека Европа „не е во војна, но повеќе не е во мир“ со Русија.
„Дозволете ми да го кажам ова во реченица што на прв поглед може да изгледа малку шокантно, ние не сме во војна, но повеќе не сме во мир“, рече Мерц на медиумски настан во Диселдорф. Војната на Русија е „војна против нашата демократија и војна против нашата слобода“, рече Мерц, додавајќи дека намерата на Москва е да го поткопа единството во блокот.
Тој, исто така, се осврна на неговата неодамнешна поддршка за планот на ЕУ за користење на замрзнати руски средства за финансирање на воените напори на Украина, велејќи дека овој потег би можел да обезбеди воена поддршка за Украина од три до пет години. Мерц рече дека во тој период би можело да стане економски неодржливо за Русија да ја продолжи својата војна против Украина.
Мерц претходно даде слична изјава, но сега ја именуваше Русија.
фото: принтскрин
Европа
Данските власти поставија воен радар на аеродромот во Копенхаген за откривање дронови

Откога неидентификувани дронови беа забележани над данските аеродроми и воени бази речиси секоја вечер минатата недела, данските власти презедоа низа мерки за да се осигурат дека претстојниот состанок на лидерите на Европската Унија во Копенхаген ќе помине без безбедносни закани.
Откога минатата сабота беше забранета целата активност на дронови над Данска, фрегатата на германската морнарица „ФГС Хамбург“ се закотви во пристаништето во Копенхаген во неделата. Германскиот брод ќе придонесе за надзор на данскиот воздушен простор за време на самитот на Европската Унија, објавија данските медиуми.
Најновата мерка на данските власти е инсталирање современ радар за откривање и следење дронови „Вајбел Ксента“ на аеродромот „Каструп“ во Копенхаген.
Данската полиција и Генералштабот на вооружените сили не сакаа да дадат подетаљни информации за радарот што може да се види зад оградата кај „Каструп“. Познато е само дека станува збор за уред од данската компанија „Вајбел саентифик“, што може да детектира сите летала на растојание до 30 километри.
фото: принтскрин