Европа
Ципрас ја повика ЕУ да пружи поддршка за Турција и приливот на мигранти
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ја повика Европската Унија да стори сè што може за поддршка на Турција, која во моментов сместува 4 милиони бегалци.
Ципрас во интервју со агенцијата „Анадолија“ одговори на неколку прашања во врска со односите меѓу Турција и Грција, бегалската криза, како и прашањето за Кипар.
„Сметам дека Турција презеде огромен товар со тоа што ги смести овие 4 милиони бегалци. Ова мора да се признае од страна на меѓународната заедница, а ЕУ треба да стори сè што е во нејзина моќ и да го поддржи нашиот сосед“, изјави грчкиот премиер за време на дводневната посета во Анкара и Истанбул.
Бегалскиот договор помеѓу Турција и ЕУ беше склучен во март 2016 година со цел да се намали нелегалната миграција во Европа преку Егејското Море.
„Како резултат на договорот, нелегалните приливи, а особено и смртните случаи во Егејското Море драстично се намалени“, посочи Ципрас.
Договорот вклучуваше и фонд од 6 милијарди евра со кои Турција треба да располага и обезбедува сè што е потребно за бегалците. Сепак, досега Турција примила само еден дел од договорената сума.
Со склучување на договорот, Турција ги забрзува преговорите за влез во ЕУ, како и укинување на визниот режим низ шенген-зоната.
Ципрас додаде дека Турција и Грција мора ја зајакнат соработката во врска со приливот на бегалци, поради тоа што грчките острови се пренатрупани во последниве неколку години.
Премиерот на Грција изјави и дека неговата земја ја има една од најбрзите процедури за азил и дека работи напорно процедурата да биде уште поефективна.
„ЕУ мора да најде начин да ја зајакне поддршката за земјите кои се најпогодени од мигрантскиот прилив, како и да ја отфрли агендата која не се совпаѓа со европските закони и човекови принципи“, заклучи Ципрас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

