Европа
Шефовите на дипломатиите на членките на НАТО се среќаваат, Украина ќе побара покана за членство во алијансата

Министрите за надворешни работи на членките на НАТО отвораат дводневен состанок во седиштето на Алијансата во Брисел, посветен пред се на продолжување на поддршката за Украина да се брани од руската инвазија.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха треба да ги извести своите колеги во НАТО за моменталната ситуација на фронтот, во време кога источниот фронт на Украина е под зголемен притисок од руските напади.
Се очекува Украина повторно да аплицира за приклучување кон западната воена алијанса, откако претседателот Володимир Зеленски објави дека неговата земја може да се согласи на прекин на огнот со Русија доколку НАТО заштити делови од земјата под украинска контрола.
„Ако сакаме да ја запреме оваа вжештена фаза од војната, мора да ја ставиме под чадорот на НАТО територијата на Украина која е под наша контрола“, изјави Зеленски за британски Скај њуз.
Засега, алијансата одбива да и понуди членство на Украина поради страв дека руската инвазија би можела да ескалира во војна во која е вклучен и НАТО.
Министрите ќе разговараат и за потегот на Русија, која минатиот месец лансираше експериментална балистичка ракета кон Украина и ќе ги разгледаат потребите на Киев од противвоздушни системи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Украинците уништија илјадници руски дронови во еден напад

Украинските сили уништија резерви од руска муниција и од беспилотни летала во два одделни напада врз окупираните територии во текот на август и септември, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина на 22 септември. Нападите имаа цел да ги попречат офанзивните планови на руските сили, кои се обидуваат да напредуваат во источна Украина, објави „Киев индепендент“.
На 29 август украинската оперативна група „Днипро“ изврши напад врз центар за дистрибуција на дронови уништувајќи огромни резерви беспилотни летала.
Според соопштението, Русија имала намера да дистрибуира повеќе од 19.000 дрона – вклучувајќи ги моделите „молнија“, „бумеранг“, „вандал новгородски“ и „горинич“ – заедно со придружна опрема од локацијата до своите сили во окупираниот дел од Донецката област.
Во посебна операција украинската војска и Безбедносната служба на Украина (СБУ) нападнаа складиште за муниција во претежно окупираниот регион Луганск. Нападот се случи кога руски камиони доставија илјадници мини, гранати, противтенковски ракети и друга муниција на силите стационирани во близина на окупираниот град Богдановка.
🔥The Armed Forces of Ukraine carried out airstrikes on the enemy positions along with an ammunition depot in Verkhniokamyanka, Luhansk region.
2/25 pic.twitter.com/427qsqr73W
— 𝐀𝐧𝐧𝐚 𝐊𝐎𝐌𝐒𝐀 | 🇪🇺🇫🇷🇵🇱🇺🇦 (@tweet4Anna_NAFO) September 22, 2025
Муницијата наводно била наменета за снабдување на 17. тенковски полк на руската 70. моторизирана стрелачка дивизија.
„Руските возила беа уништени заедно со муницијата“, соопшти Генералштабот, без да прецизира кое оружје е употребено во нападите. Украинските сили редовно напаѓаа руски воени цели и стратешки објекти со оружје со долг дострел за време на војната за да ги попречат офанзивните операции на Москва.
фото: принтскрин
Европа
Најбогатиот човек во Европа: предложениот данок за богатите би ја уништил француската економија

Најбогатиот човек во Европа, Бернар Арно, изјави дека предложениот данок на богатство би бил катастрофален за француската економија.
Шефот на глобалниот конгломерат за луксузни брендови LVMH за „Сандеј тајмс“ изјави дека повиците за данок од 2 % на целиот имот „имаат цел да ја уништат либералната економија, единствената што работи во корист на сите“. Данокот него би го чинел повеќе од милијарда евра.
Идејата за данок на богатство постепено добива популарност во Франција во услови на политичка криза. Идејата за данок од 2 % на богатство вредно повеќе од 100 милиони евра ја предложи професорот по економија Габриел Цукман.
Економистот тврди дека данокот, кој некои го нарекуваат данок на Цукман, би можел да ѝ помогне на Франција со нејзиниот буџет. Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи новиот премиер Себастјан Лекорну овој месец откога центристот Франсоа Бајру не успеа да добие поддршка за неговиот буџет за штедење.
Арно предупредува дека данокот од 2 % би бил смртоносен удар за француската економија. Тој забележува дека тој е „сигурно најголемиот поединечен даночен обврзник“ во Франција.
Арно, кој живее во Париз, предизвика национална дебата за данокот во 2012 година кога аплицира за белгиско државјанство. Сепак, во април 2013 година, тој ја повлече својата апликација како „гест на посветеност на Франција и верба во нејзината иднина“.
Цукман е професор по економија на Париската школа за економија и минатата година напиша истакната студија за данокот на богатство за Г20. Во јуни Цукман напиша во „Гардијан“: „Невидената концентрација на богатство и неограничената моќ што доаѓа со таквото богатство ја нарушија нашата демократија и ги поттикнаа социјалните и економските тензии“.
Данокот на богатство би можел да собере дури 20 милијарди евра, според Цукман. Сепак, други економисти тврдат дека би собрал само 5 милијарди евра ако ултрабогатите ја напуштат Франција.
„Ова очигледно не е техничка или економска дебата, туку јасно изразена желба за уништување на француската економија. Не можам да верувам дека француските политички сили што владеат или владееле со земјата во минатото може да му дадат кредибилитет на овој напад, кој е смртоносен за нашата економија“, рече Арно.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Авионите на Путин над Естонија: „НАТО беше подготвен да употреби сила“

Три руски борбени авиони „миг-31“ влегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив во петокот предизвикувајќи реакција од Талин и неговите сојузници од НАТО. Естонските власти велат дека авионите останале таму 12 минути, без никаква дозвола.
Москва демантира, но Талин вели дека тоа е сериозно кршење на нејзиниот суверенитет. По инцидентите, Естонија побара консултации во согласност со член 4 од Северноатлантскиот договор, кој овозможува консултации со сојузниците кога земја членка смета дека нејзината безбедност е загрозена.
Покрај тоа, Советот за безбедност на ОН денес одржува итен состанок поради навлегувањето на руски „мигови“ во естонскиот воздушен простор. Естонија побара таков состанок првпат по 34 години, а Украина побара да учествува во дискусијата.
„НАТО беше подготвен да употреби сила“
Естонскиот министер за одбрана, Хано Певкур, рече дека реакцијата на НАТО покажува дека алијансата е подготвена да прибегне кон екстремни мерки.
„Во петокот видовме дека НАТО функционира многу ефикасно… дури и до точка на подготвеност да употреби сила доколку бидеме принудени“, изјави Певкур за естонскиот ERR.
Тој додаде дека руските провокации биле наменети да го одвлечат вниманието на Западот од Украина. „Токму тоа го сака Русија – да престанеме да ѝ помагаме на Украина и да се фокусираме на сопствениот двор“, рече Певкур.
Following a violation of Estonian air space, Swedish JAS 39 fighters intercepted and monitored three Russian MiG-31 fighter jets over the Baltic Sea today. Sweden is always ready to ensure the safety, security and integrity of our airspace together with our allies.#WeAreNATO pic.twitter.com/gpTbmngiKc
— Försvarsmakten (@Forsvarsmakten) September 19, 2025
НАТО ги активира консултациите
Портпаролот на алијансата потврди дека земјите членки ќе се состанат на консултации на почетокот од оваа недела. „Разговорите ќе се одржат според член 4 од Северноатлантскиот договор“, изјави тој за ДПА. Овој член предвидува сојузниците да се состануваат кога некоја земја членка ќе забележи закана за нејзиниот територијален интегритет или безбедност.
Покрај Естонија, и Полска и Романија исто така пријавија слични инциденти со руски воени авиони во последните денови. Претходно овој месец, Полска дури и собори руски беспилотни летала што го преминаа нејзиниот воздушен простор за време на инвазијата на Украина – првата директна конфронтација на НАТО со руски воени средства над територијата на алијансата.
фото: принтскрин