Свет
Кои земји досега ја признаа Палестина
Речиси три четвртини од земјите во светот ја признаа државата Палестина, која ја прогласи палестинското раководство во егзил пред повеќе од 35 години, а примерот денеска одлучија да го следат Шпанија, Ирска и Норвешка.
Седуммесечната војна меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, предизвикана од бруталниот терористички напад на израелска територија на 7 октомври, ги обнови повиците за признавање на палестинската држава.
Според палестинските власти, 142 земји од 193 земји членки на ОН ја признале Палестина. Четири карипски земји (Јамајка, Тринидад и Тобаго, Барбадос и Бахамите) се последните што се приклучија на листата, која не ги вклучува повеќето земји од Западна Европа и Северна Америка, Австралија и Јапонија.
Шпанија, Ирска и Норвешка денеска најавија дека ќе ја признаат државата Палестина на 28 мај. Минатиот месец САД го искористија правото на вето во Советот за безбедност на ОН за да ја блокираат резолуцијата со која Палестина би ја прогласила за полноправна членка на меѓународната организација.
Декларација за безбедност и први признанија
На 15 ноември 1988 година, неколку месеци по почетокот на првата интифада, водачот на Палестинската ослободителна организација, Јасер Арафат, го прогласи „основањето на државата Палестина“ со Ерусалим како главен град. Неколку минути подоцна Алжир беше првиот што официјално ја призна новата држава.
Една недела подоцна, четириесет земји, вклучувајќи ги Кина, Индија, Турција и повеќето арапски земји, го презедоа истиот чекор. Следуваат речиси сите земји од африканскиот континент и советскиот блок. Во текот на 2010 и 2011 година Палестина беше призната од мнозинството земји од Латинска Америка.
Едната нога во ОН
Под претседателство на наследникот на Арафат, Махмуд Аабас, Палестинската самоуправа, формирана со договорот од Осло (1993 година), почна дипломатска офанзива во меѓународните институции. УНЕСКО (Организација за образование, наука и култура на Обединетите нации) го отвори патот со признавањето на Палестина како полноправна членка во октомври 2011 година.
Во историското гласање во ноември 2012 година Палестина доби статус на земја набљудувач во Обединетите нации, што во отсуство на статус на полноправна членка со право на глас ѝ овозможи пристап до агенциите на ОН и меѓународните договори.
Во 2015 година Палестинците се приклучија на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој овозможи отворање истраги за израелските воени операции на палестинска територија. Соединетите Американски Држави и Израел ја осудија одлуката.
Шведска, пионер во ЕУ
Во 2014 година Шведска стана првата членка на ЕУ која ја призна државата Палестина. Чешката Република, Унгарија, Полска, Бугарија, Романија и Кипар го направија тоа долго пред да влезат во Европската Унија.
Шведската одлука, објавена во време кога се чинеше дека напорите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт се во ќор-сокак, доведе до долгогодишни бурни односи со Израел. Шпанија, Ирска и Норвешка денеска одлучија да ги следат стапките на Шведска, а другите западни земји долго време веруваат дека формалното признавање на палестинската држава мора да биде резултат на мировниот процес со Израел.
Признавање на Палестина најавија и Малта и Словенија, а дека таква можност постои најави и Австралија. Македонија сè уште не објавила признавање независна палестинска држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

