Свет
Медиуми: Во њујоршката канцеларија на FBI има група настроена против Клинтон
Група иследници во њујоршката канцеларија на Федералното биро за истраги (FBI) се непријателски настроени во однос на кандидатката на Демократската партија за претседател на САД, Хилари Клинтон, пренесува агенцијата Associated Press повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Агенцијата забележува дека канцеларијата на Бирото во Њујорк ги открила електронските писма коишто доведоа до новата истрага во врска со користењето на приватните сервери за службена комуникација, во периодот кога Хилари Клинтон беше на должноста државен секретар на САД.
Соговорникот на агенцијата од Демократската партија, исто така, рекол дека спомнатата група во FBI, веројатно, е одговорна и за протекувањето во медиумите на деталите од истрагата, којашто Бирото ја води во однос на семејната фондација на Клинтонови „Bill, Hillary & Chelsea Clinton Foundation“.
Покрај тоа, извори на Associated Press тврдат дека директорот на FBI, Џејмс Коми, го објавил почетокот на новата истрага токму поради страв од протекувањето на информациите од Бирото. Сепак, според нивното мислење, Бирото нема да објави јавно никакви изјави кои се однесуваат на споменатата истрага, до завршувањето на претседателските избори на 8-ми ноември.
Минатиот петок директорот на FBI, Џејмс Коми, ги извести членовите на американскиот Конгрес дека се откриени нови електронски писма кои се поврзани со претходно затворената истрага против Клинтон, и ја истакна неопходноста од отворање нова истрага. Објавата на Коми дојде на само десет дена пред изборите, на коишто на противкандидат на Клинтон е републиканецот Доналд Трамп.
Според некои написи во американските медиуми, истрагата открила писма кои може да бидат релевантни за случајот на Клинтон, на компјутер на сопругот на нејзината помошничка во Стејт департментот и актуелна шефица на нејзината кампања Хума Абедин – Ентони Вајнер, кој меѓутоа бил користен од самата Абедин. Овие писма биле откриени во рамките на сосема друга истрага во врска со скандалот со експлицитни пораки кои Вајнер ги испраќал на малолетнички. Наводно станува збор за околу 650.000 пораки./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

