Контакт

Свет

(Oд минута во минута) Пропадна евакуацијата во Мариупол, САД и Велика Британија ги повикаа граѓаните да ја напуштат Русија

Објавено пред

Пропадна договорениот привремен прекин на огнот во двата украински града Мариупол и Волноваха.

dobivaj vesti na viber

Цивилите имаа пет часа да ги напуштат своите домови, но украинските власти јавија дека Русите продолжиле со гранатирање и ги повикаа украинските граѓани да се вратат дома. Од друга страна, Русите тврдат дека Украинците ги нападнале први, и ја спречиле евакуацијата.  Путин порача дека сите задачи за уништување на воената инфраструктура во Украина се речиси завршени.

Клучни настани:

  • Евакуацијата во Мариупол е времено стопирана, Украинците и Русите меѓусебно се обвинуваат за непочитување на прекинот на огнот
  • Меѓународниот комитет на Црвениот крст дознал дека евакуацијата на цивилите од Мариупол и Волноваха нема да се случи денеска
  • САД и Велика Британија ги повикаа граѓаните да ја напуштат Русија
  • Убиен украински преговарач во Киев, наводно шпионирал за Русите
  • Градоначалникот на Херсон, Ихор Колихајев, изјави дека градот повеќе нема оружје за да им се спротивстави на руските сили кои ги опколиле
  • Русите велат дека Украинците избегале од воената база во Херсон, оставајќи зад себе тони муниција и тенкови
  • Во понеделник трета рунда разговори меѓу Русија и Украина
  • Путин порача дека сите задачи за уништување на воената инфраструктура во Украина се речиси завршени.Предупреди дека секој што ќе го затвори небото над Украина ќе се смета за учесник во конфликтот
  • Украинците излегоа на протест во Херсон против руската инвазија
  • Обединетите Нации тврдат дека во Украина од почетокот на инвазијата убиени се најмалку 351 цивил

Најнови вести:

21:55 Жена која ја преживеа опсадата на Сараево напиша писмо до Украинците

„Немаше вода, храна, струја, греење и комуникација со надворешниот свет. Ја облеков таа маица и ја читав пораката напишана на неа додека ни паѓаа повеќе од два милиони гранати на главите и додека избегнував безброј куршуми. На маичката пишуваше: ‘Сараево ќе биде, се’ друго ќе помине’“.

21:34 Повеќе од 1,2 милиони бегалци веќе се во ЕУ

Повеќе од 1,2 милиони бегалци од Украина веќе пристигнаа во ЕУ, а тој број веројатно ќе се зголеми повеќекратно, изјави денеска шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа на прес-конференцијата во Мадрид потсети дека ЕУ од буџетот издвоила 500 милиони евра за помош на бегалците.

21:32 Зеленски: Русите напредуваат кон третата нуклеарна централа

Руските сили досега окупираа две украински нуклеарни централи и напредуваат кон третата, изјавил украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на разговорите со американските сенатори.

Зеленски истакнал дека во моментов е загрозен третиот објект, јужноукраинската нуклеарна централа, која се наоѓа на 120 километри северно од Миколајив, еден од ретките градови што Русите ги опколиле во текот на денот, пренесува АП.

21:20 18-месечно бебе загина при гранатирање во Мариупол

Марина Јацко и нејзиното момче Федор бараат утеха откако нивниот 18-месечен син Кирил бил убиен со гранатирање во Мариупол, Украина, во петокот, на 4 март, пишува Си-ен-ен.

21:11 Во Хрватска се одржаа собири за поддршка на Украина

Во повеќе хрватски градови денеска се одржаа собири за поддршка и солидарност со украинскиот народ изложен на рускиот напад.

Стотици граѓани присуствуваа на собирот на главниот плоштад во Загреб, организиран од Хрватскиот Хелсиншки комитет и Здружението на Украинците на градот Загреб.

21:05 Улица во Тирана ќе се вика „Слободна Украина“, во неа се сместени амбасади

Дел од улицата во Тирана, која опфаќа голем број амбасади, меѓу кои и амбасадите на Србија, Украина и Русија, Косово, ќе биде преименувана во улица „Слободна Украина“, изјави градоначалникот на Тирана, Ерион Вељај. .

Тој објави и карта на дел од градот на која се гледа дека дел од улицата Доника Кастриот ќе се преименува.

21:00 Русија ги повика ЕУ и НАТО да престанат да ја вооружуваат Украина

Русија ги повика Европската унија и НАТО да престанат со непромисленото упатување напредно оружје кон Украина за да се избегнат ризици за меѓународната цивилна авијација, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захаровa.

20:48 Зеленски очајнички барал авиони на состанокот со американскиот Сенат

Њујоршкиот демократ Чак Шумер, лидерот на мнозинството во американскиот Сенат рече дека Зеленски очајнички барал авиони.

Шумер нагласи дека ќе направи се’ што е во негова моќ да и помогне на американската администрација да префрли авиони во Украина.

20:40 Зазедовме неколку градови и срушивме 4 авиони

Руските сили спроведуваат широка офанзива во Украина и окупираа неколку градови и села, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека офанзивата на Мариупол продолжува. Министерството за одбрана, според агенцијата Интерфакс, соопшти дека четири украински борбени авиони Су-27 биле соборени во воздушни борби кај Житомир, на околу 100 километри западно од Киев.

Новинската агенција ТАСС објави дека од почетокот на конфликтот со Украина на 24 февруари, руските сили уништиле 69 авиони на земја и 21 во воздух.

Руската војска ја продолжи офанзивата во два града  денеска, откако се одложи евакуацијата на цивилите, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Коначенков. „Поради неподготвеноста на украинската страна да влијае на националистите или да го продолжи прекинот на огнот, офанзивните операции продолжија од 18 часот по московско време“, рече тој во видео пораката.

20:20 Кулеба по средбата со Блинкен: Сакаме нови санкции против Русија и повеќе оружје

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба изјави дека очекува наскоро да бидат спроведени резултатите од неговите разговори со американскиот државен секретар Антони Блинкен, вклучително и нови санкции за Русија и повеќе оружје за Украина.

20:00 Велика Британија ги советува граѓаните да ја напуштат Русија

Британската влада ги советуваше сите граѓани на Обединетото Кралство во Русија, кои немаат добра причина да бидат таму, да размислат за заминување.

Не се достапни директни летови, но се’ уште е можно патување преку Истанбул и Доха.

19:40 Украина бара нова рунда санкции

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба повика на нова рунда санкции кон Русија, јавува Ројтерс.

Тој, наводно, рекол дека имал продуктивен разговор со американскиот државен секретар Антони Блинкен и дека чекорите за кои се договориле најверојатно ќе бидат спроведени во следните неколку дена.

Тој рече и дека во Украина нема хуманитарни коридори бидејќи Русија ги прекршила договорите.

19:30 Прекинот на огнот во Мариупол не траел повеќе од 30 минути

Заменик-градоначалникот на Мариупол, Сергеј Орлов, за Би-Би-Си изјави дека договореното примирје за евакуација на цивилите од градот траело „не повеќе од 30 минути“. Прекинот на огнот, потсетуваме, требаше да трае пет часа.

Орлов рече дека неговиот град бил под континуирано гранатиран набргу по почетокот на прекинот на огнот, а биле нападнати училишта, градинки и автобуси наменети за евакуација на цивили.

19:20 Украинците избегале од воената база во Херсон, оставајќи зад себе тони муниција и тенкови, тврдат Русите

Руски војници ја презедоа контролата врз воената база на вооружените сили на Украина кај селото Раденск, во областа Херсон, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Украинската армија набрзина ги напушти позициите и ја напушти базата со опрема, оружје и муниција. Базата се наоѓаше на површина од шест до седум хектари. Меѓу трофеите пронајдени во неа беа и украинските тенкови Т-64 и Т-80, оклопни транспортери, борбени возила. На неколку метри од паркингот се наоѓа голем хангар. Во него има складиште за муниција, мини, противтенковски ракети, минофрлачи и тенковски гранати“, соопшти руското Министерство.

18:40 Блинкен вети американска помош од 2,75 милијарди долари за хуманитарните служби поради војната во Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во полскиот град Жешов, најави дополнителна помош за Украина, Полска и земјите каде бегалците од Украина бараат спас од војната. Помошта ќе биде во вредност од 2,75 милијарди долари, која американскиот претседател Џо Бајден веќе ја побара од Конгресот.

18:37 Во понеделник трета рунда од преговорите меѓу Русија и Украина

Русија и Украина в понеделник ќе ја одржат третата рунда преговори, јавува Ројтерс.

18:20 Мурал со ликот на Путин во Белград

18:00 Средба на израелскиот премиер и Путин

Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска во Москва се сретна со рускиот претседател Владимир Путин на разговори за украинската криза, јавува Ројтерс.

Израел претходно понуди посредување во преговорите меѓу Украина и Русија. Земјата иако ја поддржува Украина, не сакаше да го користи зборот војна.

17:30 САД ги повика граѓаните да не патуваат во Русија

Стејт департментот на САД ги повика Американците да не патуваат во Русија, наведувајќи го „неиспровоцираниот и неоправдан напад на руските воени сили во Украина“ и „можноста за вознемирување на американските граѓани од руски владини безбедносни службеници“.

17:15 Денеска ќе нема евакуација во Мариупол, градот е без струја и вода

Меѓународниот комитет на Црвениот крст дознал дека евакуацијата на цивилите од Мариупол и Волноваха нема да се случи денеска, како што беше планирано, откако украинските власти ги одложија операциите, повикувајќи се на континуираното руско гранатирање во областа.

„Разбираме дека операциите за безбеден премин од Мариупол и Волноваха нема да започнат денеска“, се вели во соопштението на Црвениот крст.

16:54 Градоначалникот на Херсон: Немаме повеќе оружје, Русите не’ опколија

Градоначалникот на Херсон, Ихор Колихајев, изјави за Си-Ен-Ен дека градот повеќе нема оружје за да им се спротивстави на руските сили кои ги опколиле.

„Жителите на Херсон се невооружени. Ние веќе немаме оружје за да се спротивставиме, да пружиме вооружен отпор“, изјави тој за Си-Ен-Ен.

16:44 Путин: Западните санкции против Русија наликуваат на објава на војна

„Овие санкции што се воведуваат се слични на објавување војна, но фала богу тоа не се случи“, рече Путин.

16:30 ОН: Во Украина убиени најмалку 351 цивил

Најмалку 351 цивил се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија, додека 707 лица се повредени, се вели во соопштението на набљудувачката мисија на ОН. Конечните бројки веројатно ќе бидат значително повисоки, забележуваат тие.

16:00 Состојбата во Мариупол е очајна: „Нема вода, луѓето топат снег“

Вработен во хуманитарната организација Лекари без граници ја опиша ситуацијата во опколениот Мариупол.

„Синоќа гранатирањето се приближуваше. Собиравме снег и дождовница за да имаме вода. Се обидовме да дојдеме до водата што ја делат властите, но редицата беше огромна“, напиша службеникот.

15:42 Илјадници луѓе на улиците на Запорожје

Според Гардијан, илјадници луѓе се собрале во градот Запорожје, во југоисточна Украина, за да им се приклучат на силите за територијална одбрана против Русија.

15:30 Путин: Секој што ќе го затвори небото над Украина ќе се смета за учесник во конфликтот

Путин се повика на барањата на Украина до Западот и НАТО да воведат зона на забранети летови над Украина, која ќе ја спроведуваат борбените авиони на НАТО.

НАТО соопшти дека воопшто не размислува за таква опција.

14:52 (Видео) Украина: Срушивме руски борбен авион кај Чернихив

Украинската служба за итни случаи соопшти дека руски авион бил соборен во предградието на градот Чернихив во северна Украина. Веќе една недела низ градот се водат жестоки борби.

14:41 Путин: Сите задачи за уништување на воената инфраструктура во Украина се речиси завршени

Претседателот на Русија рече дека се обиделе да го решат конфликтот во Украина на мирен начин.

14:31 „Украинска правда“: Убиен украински преговарач во Киев, им откривал тајни на Русите

Според објавата, Киреев бил убиен додека украинските безбедносни сили се обидувале да го уапсат под сомнение за предавство.

14:18 Гранди: Бројот на бегалци до крајот на викендот може да биде 1,5 милиони

Ситуацијата во Украина се уште е тешка и бројот на бегалци кои бегаат од рускиот напад потенцијално може да се зголеми на 1,5 милиони до крајот на викендот од сегашните 1,3 милиони, изјави денеска високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци Филипо Гранди.

14:00 Руско Министерство за одбрана: Украинците спречија евакуација на цивили

Руското Министерство за одбрана ја обвини украинската страна дека ја стопира евакуацијата на цивилите од Мариупол.

13:38 Лавров: Киев сака да предизвика конфликт меѓу НАТО и Русија

„Зеленски беше малку груб кон своите ментори, обвинувајќи ги за неактивност. И се прашувам: ако беше толку изнервиран што НАТО не застана за него како што се надеваше, тоа значи дека тој сè уште се надева оти конфликтот ќе се реши со вовлекување на НАТО во целата оваа приказна, а не со преговори“, рече Лавров, пренесе „Спутник“.

13:30 (Видео) Протест во Херсон

Украинците во градот Херсон, кој оваа недела беше окупиран од Русија, одржаа демонстрации против окупацијата, пренесува „Гардијан“.

13:20 Рама телефонски разговарал со Зеленски

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека остварил телефонскиот разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Денеска добив повик од претседателот Зеленски, кој ми се заблагодари за сè што Албанија прави во овие трагични денови за неговиот народ, за Европа и за целиот свет, почнувајќи од нашата улога на кодомаќин со САД во Советот за безбедност на ОН, до помош дадена за украинската армија, како и интензивното ангажирање на дипломатски канали со важни партнери за поддршка на Украина, напиша Рама.

12:43 Зеленски никогаш поостар кон НАТО: Од вас добивме само 50 тони дизел

„Сè што направи досега алијансата беше да испрати 50 тони дизел гориво во Украина преку системот за снабдување. Веројатно ќе го запалиме Меморандумот од Будимпешта за да изгори подобро, но тој веќе ни е запален од огнот на руските војници“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го НАТО.

12:30 Стопирана евакуацијата од Мариупол

Евакуацијата е невозможна поради континуираното гранатирање, изјави заменик-градоначалникот на Мариупол, додавајќи дека е одлучено да се прекине евакуацијата бидејќи не е безбедно на улиците.

Сергеј Орлов за Би-Би-Си изјави дека има континуирано гранатирање во Мариупол и по договорената рута за евакуација.

„Поради овие удари, не е безбедно да се оди на овој начин“, рече тој.

12:16 Русите тврдат: Речиси 200 луѓе се затрупани во Мариупол по напад на украинските националисти

Околу 200 луѓе се затрупани откако украинските националисти од движењето Азов денеска разнеле зграда во Мариупол, тврди претседателот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), Денис Пушилин.

Властите во Мариупол ги обвинија Русите дека го прекршиле примирјето за време на евакуацијата, додека Народната република Доњецк тврди дека украинските националисти одбиваат да обезбедат хуманитарен коридор за жителите на градот.

12:14 Речиси секоја зграда во Волноваха е оштетена или уништена

Минатата недела слушнавме многу за бруталното гранатирање и блокада на Мариупол, пристанишен град со околу 450.000 жители. Но, малиот град Волноваха – каде што исто така е договорен привремен прекин на огнот – не беше многу во вестите, и покрај тоа што беше тешко погоден од борбите.

12:10 Ердоган ќе разговара со Путин

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во недела ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, изјави портпаролот Ибрахим Калин. Тој рече дека Турција е подготвена да помогне во решавањето на кризата.

12:00 Украинците тврдат дека Русија не го почитува прекинот на огнот

„Русите продолжуваат да не’ бомбардираат, користат артилерија. Ова е лудило. Во Мариупол нема прекин на огнот и нема прекин на огнот долж рутата за евакуација. Нашите цивили се подготвени да побегнат, но не можат да избегаат додека трае гранатирањето“, рече Орло

11:40 Зеленски: Тие што можат да се борат нека останат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави нова видео порака во која вели дека оние кои треба да ги напуштат градовите кои се во тешка ситуација сега тоа можат да го сторат преку хуманитарни коридори.

Истовремено ги повика да останат оние кои можат да се борат.

President Zelenskyy said those people who need to leave cities which are in a “dire situation” can now do so via a humanitarian corridor but those who can fight should stay behind

11:30 Властите во Мариупол: Можеме да извлечеме 9.000 лица

Заменик-градоначалникот на Мариупол, Серхи Орлов, за Би-Би-Си изјави дека преговорите за привремен прекин на огнот за евакуација на цивилите траеле цела ноќ, а од утрово евкуацијата почна.

11:00 (Видео) Украина: Соборивме руски хеликоптер

Украинските вооружени сили тврдат дека утринава собориле руски воен хеликоптер.

10:27 Експерт за миграција: Европа може да очекува 10 милиони украински бегалци

„Една четвртина од Украинците е еквивалентно на десет милиони луѓе“, објасни Кнаус. Со оглед на моменталната динамика на војната, тоа е сосема можно, додаде тој.

10:10 60.000 Украинци дошле од странство да помогнат во борбата

Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников изјави дека 66.224 Украинци се вратиле од странство

10:00 ВИДЕО Британски новинар ранет во близина на Киев

Главниот дописник на британски „Скај њуз“ од украинската криза, Стјуарт Ремзи, бил застрелан во долниот дел на грбот додека во понеделникот било пукано врз автомобилот што ја превезувал неговата екипа во Киев.

09:53 Жителите на Мариупол го напуштаат градот

„Во услови на постојано, безмилосно гранатирање од страна на окупаторите, нема друг избор освен да им се даде на жителите можност безбедно да го напуштат Мариупол“, рече градоначалникот.

09:34 Отворањето на хуманитарниот коридор е нов почеток

Градоначалникот на Мариупол, град во источна Украина, Вадим Бојченко, изјави дека отворањето на хуманитарниот коридор и прекинот на огнот во тој град ќе овозможи почеток на нова инфраструктура – струја, вода и мобилни комуникации.

„Ќе може да се обезбеди и основна храна и лекови“, напиша Бојченко на Телеграм.

09:29 Маск одби да ги блокира руските извори на информации

„Нема да го направиме тоа освен ако не сме на мета. Извинете што сме апсолутни поддржувачи на слободата на говорот“, напиша Маск на својот Твитер профил, пренесува Ројтерс.

09:18 Викендов трета рунда разговори меѓу Русија и Украина

Путин го повторил ставот дека е подготвен да разговара за крај на воените дејствија во Украина, доколку се исполнат неговите услови.

09:10 Амбасадата на САД во Киев смета дека нападот врз нуклеарната централа во Запорожје е воено злостоство

Рускиот напад врз украинската нуклеарна централа во Запорожје според американската Амбасада во Киев претставува воено злосторство.

„Нападот врз нуклеарната централа е воено злосторство. Гранатирањето на Путин кон најголемата нуклеарна централа во Европа неговото владеење со терор го насочува уште еден чекор понатаму”, се наведува во соопштението на американската Амбасада во Киев.

08:59 Русија најави прекин на огнот во Мариупол за цивилите да го напуштат градот

Руските медиуми јавуваат дека руската армија утрово во 10 часот по московско време ќе престане да пука за да овозможи евакуација на граѓаните од Мариупол и Волноваха.

„Војниците ќе престанат да пукаат во 10 часот по московско време за да овозможат хуманитарни коридори од Мариупол и Волноваха. Ќе биде воспоставен „режим на молчење“ за цивилите да можат да ги напуштат двата града“, се вели во соопштението на руското министерство.

08:40 (Видео) Напад со хеликоптери во Мариупол

Би-Би-Си пренесе видео за кое тврди дека е автентично и го прикажува нападот на руски хеликоптери врз Мариупол, украинскиот пристанишен град кој е под опсада во четвртокот.

Градските власти претходно предупредија на хуманитарна криза, поради прекин на снабдувањето со електрична енергија и вода во градот.

08:30 Сингапур наметнува санкции кон Русија

Сингапур воведува санкции кон Русија. Ќе им наметне контрола на извозот и ќе таргетира одредени руски банки. Ќе воведе ограничувања за трансакциите со криптовалути и ќе им забрани на финансиските институции да обезбедуваат услуги кои би можеле да и помогнат на централната банка на Русија.

08:20 Блинкен: Украина може да ја победи Русија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави за Би-Би-Си дека е убеден дека Украина може да победи во војната против Русија.

Тој не можеше да процени колку долго би можел да трае конфликтот, но инсистираше на тоа дека поразот на Русија е можен.

„Оваа издржливост на украинскиот народ е неверојатна. Доколку Москва се обиде да ја собори украинската влада и да воспостави марионетски режим, 45 милиони Украинци ќе одбијат на еден или друг начин. Текот на нападот досега не се одвиваше како што планираше Путин. “, рече Блинкен.

08:10 Мариупол трет ден под опсада

Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, повика на хуманитарен коридор поради тековната блокада на градот и, како што ги нарече, „немилосрдните напади“ од руските војници.

Пристанишниот град Украина е под опсада од четвртокот, а Бојченко веќе предупреди на хуманитарна катастрофа.

Во градот живеат околу 450.000 луѓе, а снабдувањето со струја и вода е прекинато поради силно гранатирање.

Едно од најголемите пристаништа во Украина, Мариупол е стратешки важно бидејќи неговото контролирање ќе создаде копнен коридор меѓу Крим и регионите Луганск и Доњецк.

08:00 Трае бомбардирањето на Чернихив

Руските сили го бомбардираат Чернихив, во кој во последните денови загинаа 47 лица.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет

(Видео) Мачна сторија: 98-годишна Украинка пеш, во влечки побегнала од фронтот во Доњецк за да се најде со семејството

Објавено пред

Лидија Ломиковска (98) се споила со семејството неколку дена откако избегала од украинскиот фронт, поради што пешачела 10 километри во влечки.

dobivaj vesti na viber

98-годишната жена која побегнала од територијата во Украина окупирана од Русија користејќи стап, само во влечки, и повторно се споила со своето семејство неколку дена откако биле разделени додека бегале на безбедно.

Лидија и нејзиното семејство одлучиле да го напуштат градот Очеретине, во источниот регион на Доњецк, откако руските војници влегле во него минатата недела и борбите се интензивирале.

– Се разбудив опкружен со пукотници, беше толку страшно – изјави Ломиковска во видео интервјуто што го објави полицијата во Доњецк.

Таа беше разделена од синот и снаите, од кои и едната беше повредена од шрапнел неколку дена претходно. Помладите членови на семејството тргнале по споредни патишта, но Лидија сакала да остане на главниот пат.

Со бастун во едната рака и парче дрво во другата, Ломиковска цел ден пешачела без храна и вода за да стигне до украинските линии.

Ломиковска рече дека два пати паднала и дека понекогаш морала да застане за да се одмори, а во еден момент дури и задремала пред да го продолжи патувањето.

– Еднаш изгубив рамнотежа и паднав во тревата. Заспав малку и продолжив да одам. И тогаш, по втор пат, пак паднав, но потоа станав и помислив, морам да одам, малку по малку – рече Ломиковска.

Павло Дјаченко, портпарол на полицијата, изјави дека украинските војници ја забележале Ломиковска како оди по патот во вечерните часови. Тие ја предале на „Белите ангели“, полициска група која ги евакуира граѓаните кои живеат на линијата на фронтот, кои ја однеле во прифатилиште за евакуирани и контактирале со нејзините роднини.

Ломиковска вели дека ја преживеала Втората светска војна.

– И јас морав да ја поминам оваа војна и на крајот останав без ништо – рече таа и додаде: – Таа војна не беше како оваа. Ниту една куќа не изгоре. Но, сега се гори – му рекла таа на својот спасител.

Извршниот директор на една од најголемите украински банки во вторникот на својот канал Телеграм објави дека банката ќе ѝ купи куќа за Ломиковска.

– Монобанк на Лидија Степанивна ќе и купи куќа и таа безбедно ќе живее во неа додека не заврши војната – изјави Олех Хороховски.

Прикажи повеќе...

Свет

Полјачка на миса за Меди МекКан: „Јас сум Меди. Не сум лажга. Направете ДНК тест“

Објавено пред

Родителите на Медлин МекКен вчера вечерта не беа на бдеењето одржано по повод 17-годишнината од исчезнувањето на девојчето. Меѓутоа, на богослужбата се појавила една млада Полјачка која тврди дека таа е киднапираната Меди.

dobivaj vesti na viber

Кејт и Гери МекКен испратија порака до присутните, која ја прочита пречесниот Роберт Гладстон: „Жал ни е што не можеме да бидеме со вас вечерва. Ви благодариме што се здруживте. Поминаа 17 години откако беше киднапирана. тешко е да се поверува дека помина толку долго време“.

На бдеењето присуствувала Џулија Вендел (22), која тврди дека таа е ккиднапираната Медлин. Во рацете држела писмо кое имала намера да им го предаде на родителите на киднапираното девојче. „Јас сум Медлин МекКен. Никогаш не престанав да верувам во тоа. Дојдов овде да ги замолам Кејт и Гери да направат ДНК тест”, рекла таа по мисата, а пренесува Дејли Мејл.

„Тие не направија ништо за да докажат дека не сум нивна ќерка. Не, не сум луда. Не сум лажгоа“, додала таа. Во селото Ротли се одржа бдение. Семејството МекКен и понатаму се надева дека нивната ќерка, која сега би имала 20 години, е сè уште жива.

Германската полиција, од друга страна, смета дека Меди е убиена и има намера да го обвини Кристијан Брукнер за злосторството. На осудениот педофил моментално му се суди за пет неповрзани силувања и сексуални престапи.

Во февруари минатата година, Џулија на социјалните мрежи објави под нејзиното корисничко име „@IamMadeleineMcCann“ дека таа е исчезнатото девојче. По ДНК анализата било утврдено дека таа на никаков начин не е поврзана со Медлин. Но, Џулија вчера инсистираше дека таа е Медлин МекКен и дека тоа ќе го докаже.

Прикажи повеќе...

Свет

Русија распиша потерница по Зеленски, се огласи Украина

Објавено пред

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека издавањето налог за апсење од страна на Русија за претседателот Володимир Зеленски е „доказ за очајот на руската државна машина и пропаганда“, пишува „Украинска правда“.

dobivaj vesti na viber

„Руските извештаи за наводното додавање на украинскиот претседател Володимир Зеленски на потерницата на руското Министерство за внатрешни работи го покажуваат очајот на руската државна машина и пропаганда. Русите не знаат што друго да измислат за да привлечат внимание“, посочија Украинците. надвор.

„Ги потсетуваме сите дека, спротивно на безвредните руски најави, налогот на Меѓународниот кривичен суд за апсење на рускиот диктатор Владимир Путин под обвинение за воени злосторства е реален и спроведлив во 123 земји“, додаваат тие.

Русите не го прецизираа написот врз основа на кој е издаден налогот за апсење на украинскиот лидер. „Володимир Александрович Зеленски, 25 јануари 1978 година. Се бара според членот од Кривичниот законик“, стои во базата на податоци на веб-страницата на руското Министерство за внатрешни работи.

Базата на податоци го наведува и местото на раѓање на бараното лице, градот Кривиј Рих во регионот Дњепропетровск. Објавена е и фотографија од Зеленски, направена пред војната.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет2 часа

Полјачка на миса за Меди МекКан: „Јас сум Меди. Не сум лажга. Направете ДНК тест“

Родителите на Медлин МекКен вчера вечерта не беа на бдеењето одржано по повод 17-годишнината од исчезнувањето на девојчето. Меѓутоа, на...

Свет5 часа

Русија распиша потерница по Зеленски, се огласи Украина

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека издавањето налог за апсење од страна на Русија за претседателот Володимир Зеленски е...

Свет8 часа

НАТО започна огромни вежби, за Русија: Тоа е подготовка за војна

Четиримесечните воени вежби на НАТО во близина на границите на Русија, наречени „Непоколеблив бранител“ се доказ дека алијансата се подготвува...

Топ10 часа

Три лица, меѓу кои и полицаец, осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се...

Македонија10 часа

Мицкоски: Очекувам ДУИ повторно да прави изборни нерегуларности, истураат и многу кеш во предизборието, затоа ја повикувам меѓународната заедница будно да го следи процесот

Ако ме прашувате за изборните нерегуларности кои што беа случај во првиот изборен круг, а за кои причина беше Демократската...

Топ10 часа

Уапсени крадци на автомобили – ги расклопувале за делови

Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н.(68) од Липково, поради постоење...

Македонија10 часа

Владина делегација положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев – одбележана 121 годишнина од неговото загинување

Владина делегација предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова...

Регион12 часа

Тито почина пред 44 години. Дали беше херој или злосторник?

На денешен ден, пред 44 години, во Љубљана почина Јосип Броз Тито. Кој беше тој? Изгледа, за кого како. Кој...

Свет13 часа

Блинкен: Хамас е единствената пречка за прекин на огнот во Газа

Палестинското исламистичко движење Хамас останува „единствената пречка меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот“ со Израел, изјави вчера американскиот...

Македонија14 часа

Одбележување 121 година од смртта на Гоце Делчев

Во земјава денеска се одбележуваат 121 година од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој...

Топ1 ден

Две жртви во сообраќајката на патот Радовиш-Штип, уште едно лице повредено

Две лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш-Штип. Во несреќата е...

Македонија1 ден

Куче паднало во шахта и ги изгризало каблите за интернет на две болници: ЦУК за невообичаената акција во Скопје

ЦУК информира за невообичаена и како што велат, специфична ситуација за решавање на итен случај на 112, кога куче паднало...

Регион1 ден

„Никогаш нема да ја заборавам бабата која стои, чека и го повторува името на внуката“: Мајорката која меѓу првите влезе во „Рибникар“

„Траума што се уште ја минувам и денес“, „Сигурна сум дека добро ќе се сеќаваме на тој кобен 3-ти мај,...

Македонија1 ден

„Поединци на Европскиот фронт избегаа од Али и се во секојдневна комуникација со Мицкоски“, рече Изет Меџити

Лидерот на Демократското движење и носител на Листата за пратеници во првата единица на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити изјави дека...

Македонија1 ден

„Дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите е докажано од суд“, кажа Мицкоски и повика на будност

Не се само информации тоа дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите, имаме и потврден случај тоа е во...

Македонија1 ден

Македонија најдобро рангирана меѓу државите од регионот според Индексот за слобода на медиумите

Репортери без граници денеска го објавија својот годишен извештај за слободата на медиумите во светот, според кој Македонија се наоѓа...

Македонија2 дена

„За избор на Владата нема двојно гласање (Бадентер), тоа не е предвидено ниту со Уставот, ниту со било каков договор или закон“, вели Демократскиот сојуз

Демократскиот сојуз ги потсетува партиите, посебно ДУИ, но и сите граѓани, дека соглано член 99 од Уставот на Република Македонија,...

Македонија2 дена

„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им...

Свет2 дена

Израелските медиуми ги објавија трите барања на шефот на Хамас за ослободување на заложниците

Лидерот на палестинската исламистичка организација Хамас во Појасот Газа, Јехја ал Синвар, и понатаму има три барања во преговарачката понуда...

Европа2 дена

(Видео) Украинците објавија снимка: Го уништивме рускиот систем Бук, не можеа да го изгаснат пожарот

Украинските сили за специјални операции тврдат дека го уништиле лансерот на рускиот противвоздушен ракетен систем Бук на линијата на фронтот...