Свет
Oставка на уште еден министер поради убиството на новинарката на Малта
Малтешката министерка Џастин Каруана денеска поднесе оставка по извештаите во медиумите за поврзаноста на нејзиниот сопруг со осомничен за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција.
Според малтешкиот „Сандеј тајмс“, нејзиниот сопруг патувал во Лондон на фудбалски натпревар со бизнисменот Јорген Фенек во септември 2018 година, кога тој веќе бил под истрага.
„Јас поднесувам оставка како министер, откако беа објавени извештаи за медиумите, иако немам никаква врска со тоа“, наведе таа во своето писмо за оставката.
Вчера, нејзиниот сопруг Силвио Валтеа, кој ја водеше истрагата за убиството и беше разрешен од случајот кон средината на 2018 година поради судир на интереси, изјави дека не знаел оти Фенек е осомничен кога патувал со него.
Неколку поранешни владини функционери на премиерот Џозеф Мускат, исто така, поднесоа оставки во врска со политичката криза по убиството на новинарката Дафне Галиција во 2017 година, а пред неколку дена тоа го направи и шефот на полицијата во Малта.
Карун-Галиција, која пишуваше блог за корупцијата, беше убиена во Валета 2017 година откако под нејзиниот автомобил беше поставен експлозив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја повика ЕУ да продолжи со усвојување нови санкции против Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја повика Европската Унија да продолжи со усвојување нови санкции против Русија, кои Унгарија ги блокираше, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Мора да продолжиме со усвојување на 20-тиот пакет санкции на ЕУ“, рече Макрон во Париз на заедничка прес-конференција со неговиот фински колега Александар Стaб.
Финскиот претседател рече дека руската офанзива е стратешки, воен и економски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.
„Лидерот на Кремљ не сакаше НАТО да се прошири, а Финска и Шведска се приклучија на тој сојуз“, рече Стаб, додавајќи дека тоа е и воен неуспех за Путин бидејќи губи многу војници.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, изјави дека е убеден дека 20-тиот пакет санкции ќе биде усвоен.
„Прашањето не е дали ќе биде усвоен. Ќе биде, тоа е сигурно. Но, кога ќе биде усвоен, секој мора да ги почитува своите обврски“, изјави Баро пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Свет
Путин: Русија се бори за својата иднина, вистина и независност
Русија се бори за својата иднина и независност, за вистина и правда, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на доделувањето на државните награди на Хероите на Русија во Кремљ.
„Денес во Кремљ не се собираат само професионалци со огромно искуство и беспрекорна обука. Тоа се команданти кои од самиот почеток на воената операција се бореле заедно со своите војници, споделувајќи ги сите искушенија со своите другари. Тоа се луѓе со цврсти морални принципи и идеали, вистински патриоти на Русија“, рече Путин на церемонијата во Кремљ, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека нивната храброст и решителност им помогнале успешно да извршуваат операции во најсложените области и насоки.
Денес, Русија го слави Денот на бранителите на татковината, а Путин им го честиташе празникот на војниците, заблагодарувајќи им се за нивната служба, лојалноста кон нивните заклетви и наследството на многу генерации предци.
Свет
Сибиха: Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник
Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повикувајќи ги лидерите на тие земји да се вклучат во конструктивна соработка и да покажат „одговорно однесување“.
„Денес, на Советот за надворешни работи на ЕУ, повторив дека унгарските и словачките ултиматуми треба да бидат упатени само до Кремљ“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.
Тој им се заблагодари на ЕУ и европските партнери за нивната поддршка на Украина, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил состојбата во Европа.
„Путин целосно погрешно ја процени ситуацијата во врска со Украина. Русија се обиде да ја заплаши и подели Европа, но наместо тоа се соочи со невидено единство и нова европска сила која се вооружува и се шири. Ја нагласив подготвеноста на Украина да промовира мир и се залагав за поголемо европско учество во мировниот процес, истовремено истакнувајќи го лидерството на Соединетите Американски Држави“, рече Сибиха, пренесува Танјуг.
Според него, подготвеноста на Русија да ја заврши војната или да преземе сериозни чекори кон мир сè уште не е видлива.
„Повикуваме на зголемен притисок врз Москва. Потребна е целосна забрана за влез на учесници во руската агресија и нивните роднини“, рече Сибиха, додавајќи дека ЕУ треба да инвестира во украинската одбранбена индустрија.
Тој, исто така, повика на воведување на 20-тиот пакет европски санкции против Русија. „Исто така, треба да ја направиме 2026 година, година на успешно спроведување на програмата SAFE за заеднички одбранбени иницијативи и континуиран придонес кон иницијативата PURL на НАТО за критично американско оружје“, смета Сибиха.
Тој додаде дека Украина е подготвена да ги исполни сите услови за полноправно членство во ЕУ. „Пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан претставува геополитичка, безбедносна и економска неопходност“, заклучи Сибиха.

