Свет
Oсум години затвор за австриски џихадистички регрутер

Австриски државјанин под чие влијание две двојки заминале во Сирија за да се приклучат на терористичката Исламска држава и со себе ги зеле и своите девет деца беше осуден на осум години затвор, пренесува „Локал“.
Триесет и осумгодишниот Австриец беше осуден за регрутација за ИД, а 24-годишен Бугарин добил казна седум годиниза поседување план за терористички напади. Обвинителите рекоа дека постариот осуден имал централна идеолошка улога во радикална религиозна група и убедил неколкумина да патуваат во Сирија за да ѝ приклучат на ИД. Тие по враќањето во Австрија и самите беа осудени.
Бугаринот првично сам отишол во Сирија и се вратил во 2015 година. Во рацијата во неговиот дом биле откриени УСБ-стик со инструкции за користење експлозиви и хемиско оружје и инструкции за активирање на експлозивните уреди со помош на мобилен телефон.
Околу 300 лица или заминале или биле пресретнати од обидот да ја напуштат Австрија за да се борат во Сирија или Ирак од 2011 година, според Министерството за внатрешни работи. Околу 50 луѓе загинаа таму додека околу 100 се вратија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.
Свет
„Борбата не е завршена“ – Нетанјаху решен да ги врати сите тела на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е решен да ги врати сите тела на заложниците што сè уште се во рацете на Хамас.
Тој ја повтори својата порака за време на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас велејќи:
„Борбата уште не е завршена, но едно е јасно – секој што ќе крене рака против нас, ќе плати висока цена“.
Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за примирје, според кој сите заложници – живи и мртви – требало да бидат предадени до понеделник. Хамас предаде 20 живи заложници и девет тела, но тврди дека за другите му е потребна специјална опрема за пребарување под урнатините.
Министерот за одбрана Израел Кац порача дека ако Хамас не го почитува договорот, Израел во координација со САД ќе ја продолжи офанзивата до целосен пораз на организацијата.