Свет
Папата Франциск го прослави 80-от роденден со бездомници и работно

Поглаварот на Римокатоличката црква Папата Франциск, во саботата одбележа 80 години со појадок со осум бездомници од плоштадот на Свети Петар, кои ги покани во трпезаријата на пансионот „Домот на Света Марта“, каде што тој живее, послужувајќи ги со традиционалните слатки од неговата родна Аргентина, објави службата за информирање на Светата столица.
Ова не е првпат својот роденден папата Франциск да го прославува со бездомници. Како што прецизираат од Ватикан, во саботата во народните кујни, каде бесплатно се дели храна на бедните и бездомниците, во чест на јубилејот на папата се служат и слатки за десерт.
Според ватиканската служба за односи со јавноста, папата Франциск веќе добил повеќе од 50.000 честитки од целиот свет.
Меѓу нив е и честитката од американскиот претседател на заминување Барак Обама, во која вели „И со зборот и со делото Папата ги вданхнови луѓето ширум светот со своите пораки за сочувствување, надеж и мир“. Притоа Обама му се заблагодарува на папата Франциск за придонесот за историското приближување меѓу САД и Куба.
На папата Франциск меѓу првите роденденот му го честитал и патријархот Московски и на цела Русија Кирил, кој во честитката високо го оценил меѓусебното разбирање меѓу Руската православна црква и Римокатоличката црква последните години, „благодарение на Вашата Светост“. Според патријархот Кирил, нивната историска средба одржана во кубанската престолнина Хавана во февруари годинава, им дала нов поттик на пријателскиот дијалог и соработката меѓу црквите „во полза на мирот, справедливоста, зајакнувањето на моралните вредности во општеството и надминување на разликите меѓу христијаните“.
По споменатиот појадок, папата учествувал на служба со кардиналите, коишто живеат во Рим, по која изјавил дека го мачат мислите врзани со стареењето.
„Нешто што изгледа грдо и застрашувачко, староста, на памет му е овие неколку дена“, признал папата Франциск по завршувањето на богослужбата во капелата Паолин.
Повикувајќи се на древните римски поети и филозофи, како Кикерон и Плиниј, папата Франциск ја опиша староста како „жед за мудроста“, додавајќи „Да се надеваме дека тоа така ќе биде и за мене“. „Молете се мојата старост да биде таква: мирна, исполнета со вера, плодна, а и полна со радост“, им се обратил Папата на кардиналите.
Ватикан отворил седум електронски адреси за да може да ги прими сите честитки кои стигнуваат по повод роденденот на Папата, и тоа на латински, италијански, шпански, португалски, англиски, француски, германски и на полски јазик.
Од Светата столица велат дека Папата денот го минува „нормално“, со вообичаените работни активности. Така, неговиот дневен распоред вклучува и средба со претседателот на Малта, со челникот на ватиканската бискупска конгрегација, со бискупот од Швајцарија и претставниците на католичката заедница од италијанската покраина Тоскана./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.